Тихомир Стојановски
- КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
И понатаму во проследувањето би следувало како прашање дали театарот е започнат со чинот на самата игра, со дарувањето на Бог со крвни и бескрвни жртви, со песна, оро, танц, играјќи или… дури откако бил изговорен првиот збор. Со словото? Секако не заборавајќи ја дефиницијата и тезата која се преповторува во театарската наука како средновековна догма за Теспис од Атина кој кажувал стихови и потоа следува дека театарот е место за гледање. Место од кое се гледа. Или во кое се гледа и се догледува нешто таму долу (во антиката) или таму горе (денес) на сцената во театарите. Секако не заборавајќи да се потсетиме на Дион, светиот град на Македонците под Олимп, каде се случувале Дионисови слави и Олимпски (Олимп Планина-олимпски, наспроти Олимпија, град-држава и олимписки) свечености. За времето на македонската антика. За културата, која на македонското тло била пред нас. Како нешто од кое треба да се учи и да се гордееме со неа. И, за да го разбереме театарот како феномен да повлечеме културна, културолошка линија на следственост до современиот театар и македонската култура.
Питер Брук би рекол: “Ќе го земам кој било празен простор и ќе го наречам гола сцена”6. Објаснувајќи дека кога поминува низ тој простор еден човек, а истовремено постои уште еден човек од спротива, кој сето тоа го гледа дека е тоа добра точка за почеток на театарот. На некој начин, тоа е така кажано од Питер Брук поедноставно и упростено за да биде разбирлив почетниот код на театарот на повеќемина и за оние на сцената и вон сцената. Имаме двојство на гледач и играч. Или тројство. Оној кому му е упатена играта. Самиот Бог. Мајката природа за плодност и слично. Кому му е упатен молебен збор за да нé дарува со плодност. Збор. Уште една точка на допир со природата, со духовната природа на театарот.
Но, самиот збор театар за себе ни раскажува, преку содржините запишани во речниците. Заведен е како: “гр. Тхеатрон – зграда каде што се даваат драмски и други претстави, искуство да се претставуваат на сцена од специјално подготвени лица драмски дејства за одразување на животот”7.