БАЈРУШ МЈАКУ Режисерот е огледало на актерот

ИНТЕРВЈУ СО АКТЕРОТ И РЕЖИСЕР БАЈРУШ МЈАКУ

Актерот Бајруш Мјаку е еден од оние кои повеќе од четири децении оставаат неизбришлива трага на македонските штици што живот значат, но и пошироко во балкански, европски, но и светски рамки. Неодамнешното формално-правно пензионирање на Мјаку е директниот повод за наш разговор со него, но преку тоа ви отвараме еден театарски животопис на човек кој има одиграно карактери и ликови за кои многумина негови колеги посакуваат да ги имаат во своите портфолија

Зад себе, во себе, а веруваме и пред себе, ги имате речиси сите релевантни театарски насловни јунаци. До кој од нив е најблизок Бајруш Мјаку?

Мјаку:Имајќи предвид дека во мојата 44 годишна кариера сум ги реализирал најзначајните ликови од светската и домашната драматургија, како што се: Лени Смол во „Глувци и луѓе” на нобеловецот Штајнбек, Мацуа Башо во „Бовча” на Едвард Бонд, Пикони во „Дожд во Вертомонто” на Ресул Шабани, Мате Букара во „Хамлет од долна Мрдуша” на Иво Брешан, Велко во „Вејка на ветрот” на Коле Чашуле, Карло Вво „Сонцето заоѓа” на Мишел Дегелдерод, Маркизот де Сад во „Марат/Сад” на Питер Вајс,Лир во „Крал Лир” на В. Шекспир, Баал во „Баал” од Брехт, Попришкин во „Дневникот на лудиот” од Н.В. Гогољ, Капетанот во „Татко” од Август Стринберг, Војницки во „Вујко Вања” од А.П. Чехов, Генералот во „Генералот на мртвата војска” од Исмаил Кадаре, Пер Гинт во „Пер Гинт” и Доктор Стокман во „Народен непријател” од Хенрик Ибзен, Сократ во „Сократовата одбрана” на Платон и многу други, секако дека соживувајќи се нив, сме восприемале еден од друг. И јас од нив, но и тие од мене. Веќе се станати дел од мене многу нивни особини и гледишта, но верувам дека истиот процес се случил и во обратна насока, односно и мои особини и гледишта станале нивни. Но сепак, ако треба да издвојам една од улогите со која овој взаемен процес бил највпечатлив, тогаш тоа сигурно би бил Попришкин од „Дневникот на лудиот”.

Ви недостига ли некој од јунаците во вашата колекција / лепеза од ликови?
Мјаку: Секако дека ми останало нешто нереализирано. Таков е примеротод 98 година кога бевме дел од еден заеднички проект „Еурелиан” во Стокхлом, каде беше центарот на европската култура, каде што со сега веќе познатиот бугарски режисер, Александар Морфов, се договоривме да го работиме Магбет, но по враќањето од Стокхолм, Морфов беше именуван за директор во националниот театар „Иван Вазов” во Софија, а потоа и уметнички директор на Комисаржевски театар во Петербург, па проектот остана само како желба. Во меѓувреме ми помина возраста на Магбет и оваа идеја остана нереализирана. Исто така, нереализирана улога ми остана и Фалстаф од „Веселите жени од Виндсор” на Шекспир поради тоа што често велат дека сум многу привлечен за женскиот пол, па затоа и сакав и на сцена да го искусам истото.

Што мислете за изреката „Добар автор, мртов автор”, односно какви се вашите искуства со живите автори со кои сте работеле?
Мјаку: Не се согласувам со оваа изрека, напротив мислам дека добар автор е вечно живиот автор. Додека што се однесува до моето искуство со современите автори, како што се Коле Чашуле, Теки Дервиши, Горан Стефановски, Христо Бојчев, Матеи Вишниек, Исмаил Кадаре и други, секогаш по реализирањето на претставите сум добивал комплименти и понуди од нив за други нивни ликови.

Дали и во случајот со актерот Бајруш Мјаку, режисерската е последна?
Мјаку:Јас во мојата книга „Дневник на дневникот на лудиот” говорам за тоа колку е потребен и неопходен режисерот, или во најмала рака, колку мене ми е потребен режисерот, па во таа прилика сум кажал дека режисерот е огледало на актерот кој не дозволува во ниту еден момент актерот да се деформира или да ја промени својата позиција, туку секогаш да го прикажува исправен. Тоа значи дека јас како актер, одам покрај режисерот и на тој начин заедно доаѓаме до реализација на значајни проекти.

Познат сте и по тоа што решивте да бидете еден од ретките кои дејствуваат вон институционално, односно да негувате своја театарска продукција. Кои се причините што се впуштивте во една ваква авантура?
Мјаку: Со доаѓањето на овој лажен плурализам, кој со нетрпение го чекавме, од политичарите или од луѓето кои најмалку ги интересира театарот, се погазија театрите, не давајќи му го заслуженото место и внимание на театарот, како во однос на средства, буџет, менаџирање и поддршка, назадувајќи ја театарската култура, наместо да се овозможи театарот да го продолжи веќе започнатиот нагорен пат. Убеден дека нема да можам во институција да имам комотен уметнички живот, бидејќи, како што вели Сократ „Овие нови демократи ми ја одвратија институцијата” и решен да се занимаван со улогите кои ми беа останале без да ги реализирам, се одлучив да основам моја независна продукција и самиот да го менаџирам мојот уметнички живот. Како што во Албански театар – Скопје сум ги реализирал улогите: Карло Петти, Лир, Баал, така во моја продукција ги реализирав Попришкин, Татко, Вујко Вања, Сократ, Пер Гинт и Др. Стокман, со што заклучувам дека оваа „авантура” е мошне сериозна, успешна и плодна.

Кога ќе се навратите односно завртите наназад, дали се сеќавате на некој момент, кога сте поскале да го симнете сиот творечки багаж, и да започнете се од ново?
Мјаку: Во 2006 год. имав телефонски повик од Истанбул од турскиот режисер Нурулах Туниџер од кој добив покана да бидам дел од неговиот театарски проект („Оркестар Титаник” од Христо Бојчев) кој се реализираше во театарот во Доха, Катар. Секако дека со задоволство ја прифатив оваа понуда, при што за првпат во историјата на арапскиот театар се внесе и македонската, односно албанската театарска култура. Би сакал да имам вакви изненадувања и во иднина. Јас со мојата независна продукција успеав театарската култура од Македонија да ја претставам на четири континенти, и во ниту еден момент не сум помислил да почнам се одново, туку напротив, да продолжам.

Која е вашата следна творечка дестинација?
Мјаку: Пред неколку недели отидов во пензија и во моментов имам четири претстави на репертоар, и тоа: „Коските што доцна доаѓаат” на Теки Дервиши во режија на Мартин Кочовски и „Наследникот” од Имаил Кадаре, во драматизација на Горан Стефановски и режија на Слободан Унковски, кои се во продукција на Косовски Народен Театар во Приштина, како и „Сократовата одбрана” од Платон во режија на Дритеро Касапи и Дино Мустафиќ, и „Се бара стар кловн” од Матеи Вишниек во режија на Бесфорт Идризи, но за жал немам ниту една претстава на репертоарот на мојот театар каде 44 години сум дејствувал. Токму и затоа се пензионирав и не прифатив да ја продолжам работата и за следните 3 години, иако тоа можев законски да го сторам. Во однос на мојата следна дестинација, таа сигурно би била вон сцената на Албански Театар – Скопје и кон значајните светски театарски сцени и фестивали. (Б.Г.)