Вилијам Шекспир | |
![]() Портрет на Шекспир |
|
Роден | крстен на 26 април 1564 (датум на раѓање непознат) Стратфорд на Ејвон, Ворикшир, Англија |
Починал | 23 април 1616 (околу 52 години) Стратфорд на Ејвон, Ворикшир, Англија |
Занимање | драматург, поет, глумец |
Правец | англиска ренесанса |
Сопружник | Ен Хатавеј (1582-1616) |
Деца | Сузана Хал Хамнет Шекспир Џудит Квини |
Потпис | ![]() |
Вилијам Шекспир (англиски: William Shakespeare); крстен на 26 април 1564 – 23 април 1616) — англиски писател кој се смета за најважниот англиски писател и водечки драматург во светот[1]. Често е нарекуван „народен поет“ и „Бардот од Ејвон“[2]. Неговите дела, како и колаборати, содржат 38 драми, 154 сонети, две долги наративни поеми и неколку други поеми. Неговите драми се преведени на сите светски јазици и се изведуваат почесто отколку на кој било друг драматург.
Шекспир бил почитуван поет и драматург во своето време, но денешниот углед главно започнува во XIX век. Романтичарите особено ја почитувале генијалноста на Шекспир, а викторијанците го обожавале со таква стравопочит што Џорџ Бернард Шо ја нарекува „бардолатрија“.[4] Во XX и XXI век, неговите дела уште поинтензивно се проучуваат и изведуваат, од најразлични културолошки, книжевни и политички перспективи ширум светот.
Живот
Рани години
Вилијам Шекспир бил најстариот син на Џон Шекспир, успешен нараквичар и градски одборник, по потекло од Снитерфилд, и Мери Арден, ќерка на фармер.[5] Тој бил роден во Стратфорд на Ејвон и крстен на 26 април 1564 година. Точниот датум на раѓање е непознат, но традиционално се смета дека се родил на 23 април, на Св. Ѓоргија.[6] Оваа дата е привлечна за биографите на Шекспир (бидејќи починал на истиот ден во 1616 година), но сепак се смета дека е грешка која се провлекува уште од XVIII век.[7] Шекспир бил трето од осумте деца на неговите родители и најстариот преживеан син.
Иако нема никакви записи од периодот на неговото школување, повеќето биографи се согласуваат дека Шекспир се школувал во Новото Кралско училиште (King’s New School) во Стратфорд,[10] основано во 1553 година, а оддалечено на околу четиристотини метри од неговата куќа. Училиштата во времето на владеењето на Елизабета Прва варирале по квалитет, но програмата, според која секое училиште морало да пружи интензивна настава по латинска граматика преку изучување на класични латински автори, била стандардизирана во цела Англија со кралски декрет.[12][13] Во училиштето има добри учители по хуманистички науки, но се верува дека Шекспир не го завршил школувањето бидејќи морал да му помага на татко му, кому работата почнала да му оди надолу.
Куќата на Џон Шекспир, која се верува дека е родното место на Шекспир во Стратфорд
На 18-годишна возраст, Шекспир се оженил за 26-годишната Ен Хатавеј од блиското село Шотери.[15] Дозволата за стапување во брак им била издадена на 27 ноември 1582 година. Има причини да се верува дека венчавката намерно била забрзана — брачните завети биле прочитани само еднаш, а било вообичаено да се читаат по трипати.[16] Шест месеци по венчавката, Ен ја родила нивната прва ќерка Сузана, која била крстена на 26 мај 1583 година.[17] Близнаците Хамнет и Џудит биле родени по две години, а крстени на 2 февруари 1585 година.[18] Хамнет починал од непознати причини на 11-годишна возраст, а бил погребан на 11 август 1596 година.[19]
За животот на Шекспир во наредните неколку години практично и нема никакви докази. Годините помеѓу 1585 и 1592 година стручњаците ги нарекуваат „изгубените години“.[20] Во 1592 година за првпат се спомнува неговото име во лондонскиот театарски контекст. Биографите на Шекспир често се служат со неверодостојни („апокрифни“) приказни во обид да го реконструираат појавувањето на Шекспир во лондонските театри. Николас Роу, првиот биограф на Шекспир, раскажува една стратфотска легенда — Шекспир избегал од Стратфорд поради тоа што го гонеле за ловокрадство на елени на имотот на Томас Луси, политичар и земјопоседник за кого испеал погрдна балада, кога тој почнал судски да го гони. Според една верзија, тој работел како приватен учител во домот на некој благородник при што патувал низ Италија како придружник на својот ученик.[21] Постои и приказна од XVIII век дека Шекспир ја започнал театарската кариера како чистач на коњи на театарските патрони.[22] Џон Обри вели дека Шекспир бил учител во својот град.[23] Сепак, за овие и слични приказни има многу малку докази.[24]