Творци на античката драма

 

Есхил бил прв меѓу највозвишените личности на театарот. Роден 525 година п.н.е, а умира во седумдесеттата година од животот. Тој го вовел вториот актер на сцената и се претпоставува дека напишал деведесет театарски дела од кои седум се сочувани. Есхил по Хомеровите преданија, старата грчка митологија ја трансформира во драма. Неговата визија за победа на Атина ја претставува во силната трилогија Орестиј, епска драма која времето не ја уништило. Во своите дела пишува за јавниот и политичкиот живот, градовите и нациите, митолошки и историски збиднувања, судбини и семејства. Драматизирајќи ги приказните, Есхил го покажува патот на драмските писатели искористувајќи ја старата метода на раскажување на приказните. Благодарение на него, Грците имаат ризница на историја, митови, заплети и расплети раскажани со епскиот јазик и стил близок на публиката. Есхил го вградува митот во ликот на човекот и пронајде драмска форма и симболи да ја претстави потсвеста на друштвото. Тој е обновувач на грчката митологија и театар. Денес се зачувани седум Есхилови драми: Бегалци, Персијанци, Седдумина против Теба, Окованиот Прометеј, Агамемнон, Покајници и Еумениди.

Софокле е современик на Перикле, роден 496 година п.н.е.,целиот свој живот е прогонуван од мислата за човечката неспособност да се одбегне судбината. Тој ја рафинира театарската уметност. Вовел трет актер на сцената со можност за взаемна акција на самите ликови и хорот. Во ликот на Софокле се собрани сите идеали и дарби кои провејуваат во драмските дела дури две илјади години после него во делата на големите литерати. Напишал околу 123 драми, а околу седум се зачувани: Цар Едип, Антигона, Електра, Тројанки, Ајант и Филоктет. Во делото Цар Едип, Софокле ја дефинира визијата на човекот и односот на суровата судбина. Драмата претставува идеал на владеење со времето, просторот и дејствието, три единства на кои ќе се воодушевува друштвото. Во деновите на неговото творење Атина била активен уметнички центар на театарот и се одвивал фестивал на драмата на кој најчесто наградувани дела биле оние на Есхил и Софокле. Низ трагедијата тие создале генијална драмска форма која од сировиот обред и обожавањето на култот се оддели во една зрела театарска уметност, менлива според потребите и промените на новото време.

Еврипид е роден 484-406 година п.н.е. Во младоста учел сликарство и филозофија. Негово ремек дело се вика Бакхе. Тој често бил победуван од многу послаби поети и затоа Аристотел ќе го нарече „најтрагичниот од сите поети“. Во своите трагедии вршел обработка на дотогашните митови на Есхил и Софокле , со тоа што од митот ја земал голата содржина и во драмското дејство внесувал сопствени мисли и погледи на светот. Од тројцата великани тој бил најблизок до современоста. Ликовите кои ги создавал требало да бидат препознатливи смртници. Единствено го интересирала драмската игра, а хорот го внел само како пеење меѓу главното дејствие. Вовел и пролог. Важел за човек против атинскиот живот, театарски револуционер и атеист кој последните години ги минал во прогонство во Македонија. Сметал дека промената е основен услов за живот и ги напаѓал боговите, пророците, соништата и претскажувањата како бесмислени. Еврипид бил перфекционист на новото движење, движење кон разумот. Сепак било парадоксално што последното негово дело напишано пред смртта има печат на најрелигиозно дело од било кое друго напишано во претходниот век. Во драмата Бакхе, Еврипид го велича Дионис како несопирливата сила на театарот. Драмата го внесува театарот во верската мистерија. Делото гори со жар за тоа што значи театарот и за тоа како човекот и богот неможат да се помират со судбината односно со борбата на човекот кој е свесен за својот интелект, но сепак мора да ги признае силите надвор од неговата моќ. Вечна борба меѓу разумот и страста, меѓу земјата и небото. Негови најважни дела се Медеја, Хераклиди, Андромаха, Електра и Херикле, Тројанки, Орест, Феничанки и мн. други.

 Аристофан бил брилијантен инвентивен драматичар. Остар сатиричар кој ги критикувал и исмевал политичарите, војниците, филозофите и сите оние кои не работеле за интересите на народот. Роден 450 година п.н.е. Создава четириесет дела од кои десет се сочувани, вклучувајќи ги: Облаци, Оси, Птици, Лисистрата, Жаби.

Најголем дел од неговите драми се во духот на Старата комедија, во која мимиката, хорот и бурлеската се најважни особини. Неговата сатира, остроумност и немилосрден коментар го направиле најголем комичен драмски писател во Стара Грција.

Комедиите на Аристофан, со својата силна, смела и вистинита, а често и груба сатира, ја одразува политичката и културната состојба во Атина, во втората половина на 5. век п.н.е. Тој ги критикува негативните човечки особини, со посебен осврт на државниците и се залага за нивна замена со одговорни државници кои имаат висока политичка етика. Токму поради овие карактеристики, Аристофановата комедија немала следбеници во подоцната хеленска книжевност, но почнувајќи од 16 век таа започнала да влијае врз европската книжевност. На пример, „Лисистрата“ извршила влијание врз делото „Скротениот скротител“ (The Woman Prize or the Tamer Tamed) на англиските ренесансни писатели Френсис Бемонт и Џон Флечер. И други писатели биле инспирирани од „Лисистрата“, како: Ј.Ф. Кастели (со делото „Завереници“), Л. Анценгрубер, Адолф Вилбранд (со комедијата „Владеењето на жените“ од 1892 година), како и Р. Лаукнер и Ф. Буш (со делото „Женска завера“ од 1920 година).

Менандер бил драмски писател, роден 342 година п.н.е. Пишувал комедија која се занимава со секојдневниот живот, сексуални интриги, прељуби, пари. Љубовта била постојана тема на обработка, живоста на Аристофан и горчливо-слаткиот дух на Менандер се една граница на старо грчката комедија и ехо на големата атинска драма. Тоа било време кога актерите ги симнале маските, а поединецот како уметник се врти повеќе кон себе.Се изгубила врската со неземното, а комедијата се занимавала со обичниот живот. Театарот добива актер-едноставен човек со препознатлив говор. Се напушта мистеријата.

Творците на античката драма биле воедно и креатори на античката култура, каде глумецот, поетот и публиката биле свето единство кое со векови го носел прометејскиот факел на вистината за човекот. Античките творци на драмата вдахнале слобода во изразувањето на човекот и неговата уметничка креација.

ПОДГОТВИ ЈОАНА ШИШКОВА