Наше театарче – против заборавот

 

БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ АКТЕР

Многу му се радувам на вашиот потег, кој не е само за почитување ами и за восхит. Ова можеби е само навидум мал, но и тоа како значаен чекор кон оттргнување од заборавот на она што се случува во Театарот, секако вклучувајќи не и нас уметниците во него).

Во сериозен недостаток од официјален театарски музеј во нашава држава (освен ако се има предвид дека речиси сите земји од опкружувањето а да не одиме и подалеку ги имаат истите) Нашето, Мое и Ваше Театарче ја има таа функција да се занимава не само актуелниов миг ами и историјата на Театарот, Вашиот портал не сочувува од правта на заборавот…

Дури и моментот на едукативен простор полека, но сигурно се проширува со точка наречена Наше Театарче, која сигурен сум ќе се шири до размери, што ќе придонесат и за задоволување на едукативниот принцип на младите генерации и тоа вклучувајќи ги не само гледачите, ами и директните театарски чинители, имајќи предвид дека на високообразовните институции кадарот кој произлегува од нив многу ретко или пак посериозно не се занимава со втемелувачите на македонскиот театар. Вашата рубрика Историја на театарот е сериозен чекор (кој очекувам и понатаму да се развива, полека, но сигурно) кон запознавањето со македонските театарски корени.

Оттука, па натаму заедно со вас активно ќе бидам присутен на вашиот театарски простор, воедно благодарејќи ви што не дозволувате мигновеноста и маргиналноста да го запоседнат нашиот автохтон македонски театар. Затоа, ви пожелувам огромна сатисфакција, но и зрела и опстојна работа врз она што значи и е Македонскиот театар…