Најгрозно е кога ќе откаже гласот!

АКТЕРОТ РОБЕРТ РИСТОВ НА ПРОБА И СЦЕНА СЕ БОРЕЛ СО ЛАРИНГИТИС

“Она што на сцена ме направило немоќен е тоа да сум нечуен во вистинска смисла на зборот. За сето тоа заслужен е ларингитисот, а докторите велат, “ако добиеш ларингитис еднаш во животот стануваш добар компанитис на ларингитис”, вели за своето болно искуство на сцена Ристов

Актерот Роберт Ристов е еден од оние кои не може “да се пофали” со физичка повреда на сцена како пукната аркада, удрена глава во парно па шиење, несвестица на сцена… како што им се случувало на некои негови колеги, но затоа имал еден голем, речиси несовладлив непријател – ларингитис.

“Она што на сцена ме направило немоќен е тоа да сум нечуен во вистинска смисла на зборот. За сето тоа заслужен е ларингитисот, а докторите велат, ” ако добиеш ларингитис еднаш во животот стануваш добар компанитис на ларингитис#, вели за своето болно искуство на сцена Ристов и продолжува: “Одвратно е! Првпат ми се случи пред една премиера во Велешки театар. Бевме во фаза на маратонски проби, а конкретниот ден бевме на сцена од 10 наутро до 4 по полноќ, само со една пауза за ручек и две кратки за вечера и тогаш се огласи режисерот; “Не е добро… Нов почеток!# Истата вечер беше закажана претпремиерата, а следната премиерата. Не стануваше збор дали ќе се прави нова проба без прекин, туку дали ќе се игра премиерата.

Се работеше за претстава од фрагментарна драматургија. Бидејќи јас го имав проблемот со ларингитисот, од уморот и дерењето го снемав гласот и пробата беше прекината. До претпремиерата вечерта ги примав сите совети: гаргара со чај од жалфија (ладен), АД-капки, трахизан (госпоѓата од велешката аптека ми кажа дека така една певаљка од кафана редовно си го оправа гласот), имаше и совети од типот мавни едно пиво, сладолед, штеди го гласот…

Мислам дека се што ќе ми кажеа ќе пробав, ме боцкаа со дексаметазонче, инхалирав… Речиси се отрув, а претставата ми значеше. Многу труд беше вложен и не сакав да биде упропастена поради мене.

Кога дојде моментот на вистината на сцена пуштив некаков глас кој ни оддалеку не звучеше како нормалниот, ниту пак, личеше на моето Јас. Но и за да го произведам тој глас употребив двојно повеќе напор и енергија од вообичаено. Тој напор се одрази и на лежерноста на останатиот мој актерски апарат. Се потев, имав болка во грло и од петни жили се трудев да ја издржам претставата и најдобро што можам да ги донесам ликовите во изведбата.

Што се однесува до режисерот, иако за време на процесот имавме жестока караница, до ден денес се почитуваме и напати се потсетуваме на таа ситуација. Тој е успешен режисер и голем уметник кој го почитувам и сакам како добар пријател и соработник, ама не му ја сакам фазата – маратонски проби#, ја завршува својата исповед Роберт Ристо опишувајќи ги за нашата рубрика сизифовските маки со својот глас. (Б.Г.)