НАМЕСТО ХЕПИЕНД

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

  • ДВОВЕКОВИЕТО НА ЈОРДАН ХАЏИ КОНСТАНТИНОВ – ЏИНОТ

Или: за генезата на неговото стамено име и џиновскиот книжевен, културен и образовен придонес

Сестрана, несекојдневна, самопрегорна личност

Два века од постоењето и дејствувањето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, една несекојдневна личност, индивидуалец, книжевник, драматург и учител од Велес.

Толку многу нешта иницирал и реализирал Џинот, што со право може да се наречат неговиот лик и дело џиновски. Тој, заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски, е еден од нашите први и најзначајни преродбеници и просветители, иако до денешни дни сî уште не е адекватно вреднуван во македонската историја и култура.

Јордан Хаџи Константинов – Џинов припаѓа на група македонски просветители и преродбеници од ЏИЏ век. Со својата просветителска дејност придонел за создавање граѓанска култура и литература во Македонија.

Со својот труд длабоко ја задолжил Македонија, а бил пионер во многу области, поради што бил во немилост на грчките владици, па бил прогонуван, затворан и негиран. Прв извел метеоролошки мерења во Македонија; тој ги поставил основите на образовниот световен систем, бидејќи духовниот веќе постоел во црквите; вовел нови предмети: мајчин јазик и географија, кои дотогаш не биле познати; имал посебен режим на учење и на настава, спроведувајќи го новиот учителски метод.

Некои од неговите драмски текстови ја изразуваат идејата за ослободување од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква и за македонското национално единство и за соработката со словенските земји и народи. Пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со своите ученици.

Џинот четири децении работел на воведување на просветата на народен мајчин јазик, како писател и сестран творец од областа на културата. Џинот, исто така, се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање народни умотворби, со пишување афоризми, правел преписи, собирал стари ракописи, имал огромна библиотека со повеќе од 1.500 книги…