За тебе љубов моја … празник на зборовите
Критиката за Превер: Имаме впечаток дека тој всушност не ја пишува, туку ја говори, ја кажува својата песна, зашто во неа има повеќе елементи на устен, одошто на писмен стил. Затоа неговите песни се податливи за компонирање и лесно се пеат…
Неговата смрт во голема жал и црнина го беше завила Париз и цела Франција, претворајќи се во национална жалост
Биографија
Роден: 4 февруари 1900
Починал: 11 април 1977
Занимање: поет, сценарист
Жанр: поезија
Литературно движење: симболизам
ЗА ЗБОРОТ…Неговата поезија е мошне едноставна и разбирлива, полна со народна лексика и изрази земени од секојдневниот живот од вистинските среќни или несреќни, драматични или комични судбини на луѓето. Во сосема слободен стил или во своевидна ритмика и со понекоја рима, тој пишува за да ја воздигне мелодичноста на песната.
Големиот поет на љубовта, Жак Превер јасно се спротивставува на извештачениот поетски јазик и израз. Тоа го чини еден од најпопуларните француски поети на сите времиња, веднаш по Беранже и Виктор Иго. Во тоа се согласуваат и критичарите и читателите. Неговите стихозбирки се печатени и препечатувани во огромни тиражи и по стотини илјади примероци, рамо до рамо со најчитаните романи и бестселери од неговото време. Неговиот пример одлично говори за тоа дека поезијата за која се мисли дека времениот свет ја губи смислата и својата моќ заедно со нејзиниот шарм, може и тоа како да биде популарна творечка дејност. За тоа меѓу другото ќе се изјасни и критиката: Имаме впечаток дека тој всушност не ја пишува, туку ја говори, ја кажува својата песна, зашто во неа има повеќе елементи на устен, одошто на писмен стил. Затоа неговите песни се податливи за компонирање и лесно се пеат…За тоа жив пример е чудесната интерпретација на фамозниот Ив Монтан, кој музички ја доловува неговата “Мртви лисја”, која и до ден-денешен се слуша.
Мошне широк е и тематскиот круг на неговата поезија: од љубовна среќа и радост, од животните разведрувања и надежи, до очајот, недовербата, болеста, кукавичлакот, заморот и смртта. Но, сепак во центарот на се е љубовта, разноличјето на љубовта, нејзината магија и моќ, нејзината нежност и жестокост, нејзините трагични или хумористични страни, нејзината вечна привлечност… Поезијата на Жак Превер е чист плод на францускиот дух и шарм, на француската неисцрпна творечка имагинација… тој шармантен дух ја прави татковината на Превер (Франција) привлечна за луѓето од сите меридијани…
Значи, почнувајќи од неговата најпозната стихозбирка “Зборови” (достигнала тираж од еден милион примероци), па преку “Спектакли”, “Дождот и убавото време”, “Куп од разни нешта” и “Други работи”, тој не престанува да ја задлабочува својата трага во европската и светска уметност и култура. Затоа, останува единствен во љубењето на љубовта, во животот и смртта…
ЗА ЖИВОТОТ И СМРТТА…
Прогледал во градот на светлината Париз (4 февруари 1900), а починал во 1977 година, покрај својата животна придружничка Жанин. Неговата смрт во голема жал и црнина го беше завила Париз и цела Франција, претворајќи се во национална жалост. На радиото и телевизијата со денови се емитувани неговите песни, напати текстуално, напати со потресната музика на Јозеф Козма, а во малите париски бистроа и ресторански тераси што поетот толку ги сакал и посетувал, или во тесните улички по булеварите, во некое оградено паркче, љубовните парови си ги потпевнувале токму тие песни… како нешто блиско, свое, народно…
А бил и воспитувач во различни интернати, живеел боемски живот и скитал по париските улици и ноќните локали. Пред војната (1925-1929) бил активен во надреалистичката група за потоа да се оддели и да тргне по свој пат. За време на Втората светска војна, како наставник во една провинциска гимназија пишувал многу песни… Така настанала легендарната “Збирка зборови”… Еден од најголемите настани на тогашниот културен живот на Франција. Од тогаш па до денес блеска неговата слава, која трае до и по неговата смрт.
Библиографија:
Стихозбирки
“Зборови” (1945)
“Спектакли” (1951)
“Дождот и убавото време” (1955)
“Куп од разни нешта” (1966)
“И други работи” (1972) и др.
Сценарија за филмови
“Брег во магла”
“Смешна драма”
“Денот се раѓа”
“Вечерниот посетител”
“Децата на рајот” и др.
За тебе љубов моја
Отидов на пазарот за птици
и купив птици
за тебе
љубов моја
Отидов на пазарот за цвеќиња
и купив цвеќе
за тебе
љубов моја
Отидов на пазарот за железо
и купив пранги
тешки пранги
за тебе
љубов моја
Отидов на пазарот за робови
и те барав тебе
но не те најдов таму
љубов моја.
Празник
Чашите беа празни
и скршени шишињата
Постелата беше разместена
и вратата заклучена
И сите ѕвезди од стакло
од среќа и убост
блескаа во правот сур
на нечистата соба
А јас бев мртов пијан
и во огнот на радоста
А ти пијана жива
и сосема гола
во моиве врели раце.
Подготвил: Борче ГРОЗДАНОВ