
Наследничка на легендарната Мери Бошкова која Живка ја играше претходните 4 видувања (1953, 1965, 1977 и 1983) е Весна Петрушевска-Бејби која е новата, неприкосновена Живка од 28 март 2009 година.
“Не ни сонував дека ќе доживееме 150 изведби на “Госпоѓа министерка”. Кога почнувавме, се надевавме на 40-50 изведби, но енергијата и поддршката од публиката не донесоа до оваа фантастична бројка. Се надевам дека ќе доживееме барем уште толку изведби иако јас потајно се надевам и на 500-ка”, на шега додаде Петрушевска на вчерашниот прес по овој повод.
Режисерот Наташа Поплавска најави дека “Госпоѓа министерка” во блиска иднина може да ја видиме во ново руво: “Дојдов до податок дека при секоја обнова режисерот Димитар Ќостаров воведувал по нешто ново, интересно и актуелно во моментот на актуелната постановка. Во оваа смисла сметам дека и нашата “… министерка” треба да доживее нешто ново, односно заедно со сценографот Тања Блажевска, костимографот Александар Ношпал, треба да размислиме за некаков нов концепт и видување, односно да ја доведеме претставата во актуелен контекст”.
Заедно со Весна Бејби, актерите Александар Микиќ (кому ова му е 4. преминување на 150-ката во различни претстави) и Нино Леви, се единствените кои ги “преживеале” сите 150 изведби на оваа веќе култна претстава.
“Интересно е што речиси секогаш се наоѓа нов мотив и причина одново да се изигра со речиси истиот жар и затоа никогаш не ни е здодевно рече Нино Леви. Микиќ пак, за мотивот додаде:
“Секогаш кога сакам одново да се мотивирам, пред очи ми излегува моментот /сликата кога се видов на списокот на примени студенти на ФДУ. Тогаш мислев дека буквално сиот свет можам да го носам на моите плеќи, а се трудам тоа да го применувам и при секое мое ново излегување на сцена”.
А дека “Госпоѓа министерка” е навистина бренд со кој МНТ треба и мора да се гордее говори и фактот посочен од директорот Дејан Пројковски што досега 149-те изведби ги виделе 58 172 гледачи.
“Ако ја споредиме оваа бројка ќе можеме да се пофалиме дека толку публика собира само на еден поголем европски и светски стадион”, изјави Пројковски.
Во Министерка играат уште и Јелена Јованова, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Благица Трпковска, Марија Новак, Драгана Левенска, Софија Насевска -Трифуновска, Томе Витанов, Емил Рубен, Славиша Кајевски, Борче Начев Трајче Георгиев Магдалена Ризова-Черних, Даница Ѓеоргиевска Драгана Босниќ- Миленковска.