За античката драма

 

 
За зборот Драма

Драмата е најсложениот книжевен род што се развил во античката книжевност по лириката и епиката. Во драмскиот текст се среќаваат епски и лирски елементи, додека на сцена при изведба на драмскиот текст била застапена музичката и танцовата уметност. Од уметничките книжевни родови единствено драмата е чист изум на старите Хелени што настанал под влијание на култот кон богот Дионис, тракиско божество на виното, веселбата и гроздоберот.
Од каде потекнува зборот драма?
Зборот драма води потекло од старогрчката именка drama (стгрч. δράμα = дејство, чин) изведена од глаголот drao што значи правам, чинам, дејствувам. Овој книжевен род го добил називот драма поради тоа што драмскиот текст што го пишувале поетите не служел за читање во приватен простор, како што тоа денес се прави, туку исклучиво за изведба во театар. Драмскиот текст е, всушност, сценарио за глумците и хорот. Глумците имале задача да ги оживеат ликовите од текстот, односно да ја остварат улогата на ликовите, додека хорот ја имал улогата да отпее некоја лирска песна поврзана со темата што се обработува во драмата.

На сликата е претставен Дионис со сатирите. На овој киликс (античка чинија) е прикажан богот Дионис како свири на китара додека сатирите во заносен танц му пеат дитирамби, хорски обредни песни за негово востоличување. Зад ликовите се забележуваат лозови разграноци како симболика на Дионисовата теофанија. Киликсот е изработен во црвенофигурален стил околу 480 год. пр.н.е. од страна на сликарот Бригос. 
Изведба на трагедијата Агамемнон од хеленскиот драмски поет Ајсхил од страна на студентите од државниот универзитет Сагино Вели (САД) во духот на античката драма со костимирани ликови и театарски маски. Оваа драма Ајсхил ја претставил пред хеленската публика во Атина во 458 год. пр.н.е. Во неа се одигруваат настаните по тројанската војна кога врховниот ахајски водач Агамемнон се враќа во неговото кралство Арг. Жена му Клитајмнестра за тоа време додека мажот ѝ е отсутен врши прељуба со љубовникот Ајгист поради гневот и тагата нанесени од жртвувањето на нејзината ќерка Ифигенија. Имено, за да пловат по мирните морски води, Ифигенија, ќерката на Агамемнон и Клитајмнестра, требала да се жртвува на жртвеникот на божицата Артемида. Трагедијата завршува кога Клитајмнестра ќе го убие Агаменон со нож во коритото додека се капел фрлајќи мрежна прекривка за да не може да се брани. Смртта на Агамемнон ќе ја освети неговиот син Орест со убивање на Клитајмнестра и нејзиниот љубовник.
Кои составни делови го сочинуваат античкиот драмски текст?
Античкиот драмски текст е составен од дијалог и лирска песна. Дијалогот го исполнуваат драмските лица или глумците на сцена во театар, додека лирската песна ја исполнува хорот. Хорот е присутен само во хеленските драми, додека во римските го нема бидејќи е исфрлен, што останало така и во подоцнежните драмски текстови сè до денес. Лирската песна што ја исполнува хорот во драмскиот текст е веројатно остаток од дитирамбите – хорските обредни песни што старите Хелени му ги посветувале на Дионис додека ги изведувале неговите свечености. Драмскиот текст, за разлика од современата драма, се пишувал во стихови бидејќи самиот книжевен род е уметнички, значи му припаѓа на уметничкото книжевно творештво. Глумците на сцена дијалогот го воделе со потпевнување, токму поради неговата стихувана композиција чиишто корени се наоѓаат во хорското пеење.
Кој ги составувал античките драмски текстови за изведба во театар?
Во антиката, драмите ги составувале и пишувале драмските поети или драматичари. Според видот на драмата што ја пишуваат, тие се делат на трагедиографи и комедиографи. Трагедиографите се драмски поети кои пишувале трагедии, додека комедиографите пишувале комедии.
Еден од најзачуваните антички хеленски театри.
Се наоѓа во близина на античкиот град Епидаур во Пелопонес, Грција.
Како старите Хелени ги доживувале драмата и театарот?
Театарот на Дионис во Атина (реконструкција)

Според поимањето на старите Хелени, во животот постојано се случуваат драми. Во секоја човечка заедница се одвива некаква драма, таа ги прикажува сите аспекти од човековото постоење, како што се раѓањето, смртта, страдањето, радоста, бракот, жетвата, битката и др. Она што треба да се знае е дека во театрите во Хелада драмските претстави не биле културно доживување како што тоа ние го чувствуваме денес, туку тие имале едно многу подлабоко и посуштинско значење за нив. Театарот за старите Хелени бил светилиште каде што присутната публика седи за да набљудува верски обреди, за да му изрази почест на богот Дионис, оној врз основа на чијшто култ се развила драмата. Пред започнување на драмската претстава се извршувал чин на жртвопринесување, свештеникот со неговите помошници со жртвен нож колел коза, така што со пролевање на крвта му се укажувала чест на божеството пред кое сите му се клањале и молеле. 

Кој е богот Дионис и зошто е значаен за драмската уметност?

Уметничка претстава на
богот Дионис со грозје.
Автор:
Klarissa Delos Angeles

Како што е спомнато погоре, старите Хелени ја развиле драмата благодарејќи на култот спрема богот Дионис. Ова тракиско божество се смета за заштитник на винарството, покровител на драмската и танцовата уметност. Хелените верувале дека богот Дионис умира со настапувањето на зимата, а оживува со доаѓањето на пролетта. Напролет, во чест на враќањето на Дионис биле празнувани Големите Дионисии во Атина, тоа биле свечености во кои се изведувале драмските натпревари и биле мошне посетувани од Хелените кои доаѓале од сите краишта на Хелада и Мала Азија. Театарското здание настанало во една обредна игра на сатири (шумски духови) кои му пееле обредна песна на Дионис наречена дитирамб.

Сатир, шумски дух, следбеник
на богот Дионис

Во реалноста, мажите се преоблекувале во сатири носејќи коњска опашка, коњски уши и козја маска на лицето. Песната ја исполнувал хор од мажи и момчиња кои свиреле на авлос околу жртвеникот на божеството. За да го почестат и да му угодат, му принесувале крвна жртва – коза. Постепено, овој мистичен ритуал се развива во спектакл во којшто танцот, пеењето и глумењето го добиваат своето почесно место. Хеленскиот поет Теспид пишувал дитирамби и првиот ја воведува трагиката, па затоа се смета за татко на трагедијата.

Кои драмски видови се развиле во античката драма и какви теми обработуваат тие?
Театарски маски

Трагедијата во буквален превод претставува козја песна (стгрч. tragós – коза, стгрч. odé – песна). Иако се знае дека трагедијата преставува драмски текст со тажна содржина, козата најверојатно се однесува на обредната жртва која му се принесувала на Дионис за време на заносниот танц на сатирите. Трагедиите биле исполнувани на орхестрата и на сцена од театарот. Хорот и глумците го воделе драмското дејство. Глумците најчесто носеле маски на лицето за да им овозможат на оддалечените гледачи да ги забележат нивните изрази на лицето, дали се весели или тажни, за да се соживуваат со емоционалната состојба на драмскиот лик, но и поради разните драмските ликови кои ги претставувале (богови, херои, суштества). Меѓу прочуените хеленски трагедиографи биле Ајсхил, Софокле и Еврипид.

Ајсхил

Ајсхил (525-456 год. пр.н.е.) е еден од најценетите хеленски писатели на трагедии кој за првпат воведува два драмски актери на сцена во театар. Хелените го паметат по тоа што мошне големо внимание посветувал на кореографијата на драмските актери, односно на дизајнот на нивните костуми, маските и другите реквизити со кои оставале силен впечаток врз хеленската публика.

Според записите од неговиот живот, се споменува дека во неговата трагедија Евмениди кога хорот истапил на сцена да отпее песна глумејќи ги страшните Еринии, учесниците во хорот имале толку застрашувачки ликови што децата од публиката се преплашиле, а бремените жени се здобиле со породилни болки.

Од Ајсхил до денес целосно се зачувани само седум трагедии, а нивните наслови се следните: Персијци, Седумтемина против Теба, Прибегарки, Орестија со трилогијата Агамемнон, Жртвоприносители, Евмениди и Прикованиот Прометеј.

Бистата на трагичкиот поет Ајсхил се чува во комплексот Капитолски музеи во Рим, Италија (Musei Capitolini).

Софокле

Софокле (496-405 год. пр.н.е.) е вториот хеленски поет кој добил признание од хеленската публика со воведување на третиот драмски актер на сцена. Напишал 123 драмски дела, од кои само седум се целосно зачувани до денес: Ојдип тиранин, Ојдип на Колон, Антигона, Електра, Тројанки, Ајант и Филоктет.

Скулптурата на трагичкиот поет Софокле се чува во лондонскиот Кралски колеџ (King’s College). Таа е дело на вајарот Константин Дауш изработено при крајот на XIX век н.е., а, всушност, копија на хеленскиот оригинал.

Еврипид

Еврипид (околу 480 год. пр.н.е. – 408 год. пр.н.е.) е последниот трагедиограф кој пишувал трагедии од кои до денес се зачувани само 18, а се смета дека имал напишано околу 90 трагедии, од кои некои се зачувале само во фрагменти. За разлика од Ајсхил и Софокле, Еврипид во неговите драми сакал психолошки да ги обработува неговите драмски ликови. На хероите им ја одземал моќта, робовите ги прикажувал како паметни луѓе, а на боговите им придавал човечките особини и слабости намалувајќи ја нивната важност.

Во театарот ја внел и познатата подвижна склопка наречена „Деус екс махина“ (Deus ex machina), која е, всушност, претстава на бог кој при завршницата на секоја негова драма помага да се разрешат недоразбирањата и проблемите помеѓу драмските лица.

Следниве наслови на неговите драми се целосно зачувани и преведени на многу светски јазици: Алкеста, Медеа, Хераклиди, Бакхи, Андромаха, Хекаба, Хиполит, Електра, Херакле, Тројанки, Ифигенија на Таврида, Хелена, Ион, Ифигенија во Авлида, Побеснетиот Херакле, Орест, Фојникијки како и една целосно зачувана сатирска игра под наслов Киклоп.

Скулптурата на трагичкиот поет Еврипид се чува во Ватиканскиот музеј (Musei Vaticani, Roma) во Рим, Ватикан, Италија.

Комедијата како драмски текст се развива подоцна и внесува весела содржина со многу комични ситуации кои настануваат како последица на „грешките“ на главните ликови. Меѓу најпознатите комедиографи бил Аристофан, а подоцна во периодот на хеленизмот се истакнал Менандар.
Во стариот Рим публиката особено уживала во комичните претстави. Меѓу прочуените римски комедиографи биле Плаут и Терентиј.

Аристофан

Аристофан (448-380 год. пр.н.е.) или „убавецот“ како што му гласи името (стгрч. ἄριστος=најдобар и φάνης=изглед), е еден од најславните хеленски писатели на комедии. Имал напишано 24 комедии од кои преку препишување до денес останале само 11. Античката комедија, како и трагедија, била пишувана во стихови како песна.

Аристофан се исмевал со познатите личности од Атина, прикажувајќи ги нивните слабости на сцена во театар, особено ги исмевал тогашните политичари. Неговиот јазик во драмите бил оштар, суров и вулгарен со цел да ја изнасмее хеленската публика.

Неговите сочувани комедии се следниве: Ахарњани, Коњаници, Облаци, Оси, Мир, Птици, Лисистрата, Жени на празникот Тесмофории, Жаби, Жени во народното собрание и Богатство.

На бистата на Аристофан пишува на старогрчки јазик „Аристофан Атињанинот, синот на Филипид“.

Менандар

Менандар (342-291 год. пр.н.е.) е хеленски комедиограф кој бил меѓу најпрочуените по Аристофан. Се смета за претставник на новата атичка комедија или ситуациска комедија. Новиот вид на комедија во Атина настанува по донесувањето на законот за

забрана на напади на современи државници во комичните драмски текстови. Ова се случува во услови на олигархиска власт во Атина и на новото монархистичко управување наметнато врз хеленистичките општества. За разлика од комедијата на Аристофан во која цел на исмевање биле значајни и водечки личности во атинското општество, во новата атичка комедија се исмеваат секојдневните ситуации на луѓето во рамките на семејството, каде што хуморот е благ со изразени чувства и романтичност.

Според древните извори, тој имал напишано околу 105 до 108 драмски текста. До XX-тиот век Менандар бил познат само преку Плаут и Терентиј, но подоцна се откриени значителни фрагменти од неговите драми, додека при крајот 50-тите години од XX-тиот век е откриен целосен ракопис на едно книжевно дел на Менандар. Во фрагменти се зачувани следниве драми: Самјанка, Потстрижена девојка, Поротници и Штит. Целосната драма што е единствена зачувана го носи насловот Намќор.

За разлика од драмите на Еврипид, во неговите драми дејството се одвива во секојдневието на луѓето неоптоварено со митовите и минатото. Основни теми кои ги обработуваат неговите драми се момчиња вљубени во девојки, несакана бременост, родителска грижа за децата, загубени роднини и разни други безгрижни авантури.

Римскиот комедиограф Плаут бил инспририран од делата на Менандар.

Бистата на Менандар прикажана горе е од IV век н.е. Денес се чува во Археолошкиот музеј во Ефес, Турција.

Плаут

Тит Макиј Плаут (лат. Titus Maccius Plautus, 254-184 год. пр.н.е.) е најголемиот комедиограф во римската книжевност.

Потекнувал од сиромашно семејство и како момче бил обичен работник во римските театри. Незадоволен, се обидел во трговијата, каде што исто така не ја пронашол среќата. Подоцна се вработил во мелница во Рим и таму напишал три комедии. Откако комедиите биле прифатени од римската публика, ја оставил мелничарската работа и се посветил на драмската поезија целиот свој живот.

Се смета дека имал напишано вкупно 130 комедии, од кои 20 се целосно зачувани, а една во фрагменти. Римскиот учен Варон тврдел дека од сите претпоставени комедии само 21 се вистинско дело на Плаут, додека останатите се лажни, односно им припаѓаат на некои други непознати поети. Затоа зачуваните 21 комедија спаѓаат во збирката т.н. Приказни на Варон (Fabulae Veronianae).

Неговите комедии се, всушност, продолжение на новата атичка комедија од IV и III век пр. н.е. Тоа се огледува во стилот, јазикот и темите на неговите драми. Имено, драмските ликови во неговите комедии имаат хеленски имиња, нивните дијалози се кратки, но исполнети со вулгаризми (недолични зборови) и заканувачки извици, робовите се прикажани како паметни, итри и дрски, иако во стварноста римските робови биле понизни и послушни спрема господарите. Местата на кои се одвивале настаните во комедиите се најчесто некои хеленски полиси (градови-држави), како и културниот амбиент.

Во повеќето комедии на Плаут заплетот се гради со учество на робовите кои несебично им помагаат на вљубени и млади господари да го освојат срцето на некоја девојка, против чијашто волја истапуваат нејзиниот татко, идниот свршеник или сводникот. Девојките најчесто се ликови на некои робинки кои на крајот од драмата дознаваат дека се слободни и можат без ничија дозвола да се омажат или пак, дека се ќерки на некои угледни или скромни родители.

Плаутовите комедии во периодот на Ренесансата во Европа биле особено читани. Англискиот драматург Вилијам Шејкспир ги користел како извор за инспирација на неговите драми.

Од Плаут зачувани се следниве драми: Амфитрион, Грниња, Бакхиди, Заробеници, Менајхми, Сеништа, Војник фалбаџија, Лажливец, Коноп, Магариња, Три гроша, Касина, Ковчеже, Грглица, Епидик, Трговец, Персиец, Картагинче, Стих и Простак.

Сликата е уметничка претстава на Плаут и е дел од збирката Liber Chronicarum или Die Schedelsche Weltchronik (Светска историја од Хартман Шедел) објавена во 1493 год. како првично печатено издание кое вклучувало обоени илустрации (графички прикази). Содржи вкупно 336 страници.Терентиј

Публиј Терентиј Афер (лат. Publius Terentius Afer, Afer е когномен „африкански“) е роден веројатно во Картагина (Северна Африка) околу 184 или 194 год. пр.н.е., а умира во 159 год. пр.н.е. уште на млади години.

Напишал само шест комедии кои се целосно зачувани до денес. Познат е неговиот цитат „Homo sum, humani nihil a me alienum puto“, во превод: „Јас сум човек, според мене, ништо што е човечко не го сметам за туѓо“.

Напишал само шест комедии кои се целосно зачувани до денес. Познат е неговиот цитат „Homo sum, humani nihil a me alienum puto“, во превод: „Јас сум човек, според мене, ништо што е човечко не го сметам за туѓо“.

На мала возраст бил продаден како роб на еден римски сенатор по име Терентиј, па оттука, поради почит кон старателот, Терентиј го презема ова име како име на родот (nomen). Неговите комедии се лесни за читање и интересни за современата публика, така што можат да се читаат без претходно познавање на класичната култура на Римјаните.

“Господин мангуп”

монографија за Драган Николиќ

Промоцијата е закажана за 9 март во Ателје 212, во Белград

Август 20, 1943, Лесковац, Србија
Март 11, 2016, Савски Венац Србија

Детали од животот и брилијантната кариера на легендарниот актер Драган Гага Николиќ, проткаена во приказните на еминентните автори, ќе се најдат во монографијата “Господин мангуп” на Радмила Станковиќ, чија промоција е закажана за 9 март во Ателје 212, во Белград.

Монографијата на актерот ќе биде објавена од издавачката куќа “Лагуна”, а настаната е во консултација со неговата сопруга, прочуената актерка Милена Дравиќ, со цел за него за прв пат на едно место да се зборува како за филмскиот, театарски и телевизиски актер.

Маски – во антиката

 

Маски и ритуали

Грчкиот збор за маска просопон и бил значаен елемент во обожувањето на Дионис во Атина, обично употребен во церемонијални обреди и прослави. Најмногу докази има во неколкуте слики на вазни од 5 век п.н.е. , како што на една од нив е прикажано како бог виси на дрво подолу со украсна облека и танцувањето на идолопоклониците, како и вазната на Промонис  , , која ги прикажува актерите како се подготвуваат за сатирска драма .

Не постојат материјални докази, бидејќи маските се изработувале од органски материјали кои не се сметале за трајни, и на крај после претставите биле посветувани на олтарот на Дионис. Сепак, познато е дека маската се употребувала уште од времето на Есхилус и се смета дека е една од значајните стандарди на грчкиот театар.

НАМЕСТО ХЕПИЕНД на сцената

 

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

Автобиографски сведоштва и постулати

 

Во пиесата “Минерва и девет музи“, просветениот Джинот ги повикува своите сограѓани кон напредок и културен живот. Богинката на мудроста Минерва (Атина) тргнала заедно с деветте музи и момчето Аполон да даруваат ум, расудување и промисленост.  При средбата со Остримеч, кој е веќе просветен, Остримеч се разоткрива  како скептик во однос на просветата на своите сограѓани. Очигледно, самиот има горчиво искуство од просветителските обиди и напори, па вели: се мачам со моите браќа, зашто не љубат наука и просветување, се мачам негде да најдам една корка леб за живот. Разговорот меѓу Минерва и Остримеч ја разоткрива заостанатоста на народот, кој живее во неслога, а секој  луѓето ги влече за нос. Изгубен род и мрзелив за доброто – посочува Џинот, кој преку улогата и репликите на Остримеч – на најдобар начин го манифестира и афирмира и автобиографското.

 

Џинот, преку ролјата на Остримеч, констатира дека граѓаните не седат да учат; малку колку да пишуваат наопаку ќе принаучат, потоа ќе се вообразат, ќе се предадат во глупости и несовршени задоволства и живеат како глувци во смрдливи дупки во стените и мислат дека од слепилото нема друго послатко. Минерва сака да ги убеди, да ги примат нејзините дарови, зашто кој народ наука не сака и не љуби, тој род Бога не сака и не љуби. Затоа, им заповедува на музите да им ги дадат своите науки и уметности на граѓаните.

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

  1. КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

Нo, ајде да допреме уште една точка на значајноста и природата на сцената. Велиме дека:”театарот се игра”. Нели ние играме и ора. Народни танци во стапки фатени еден за друг за рацете во круг, можеби означувајќи ги циклусите на кружноста како сонцето кое е круг, кругот на денот и ноќта, раѓањето и умирањето, животниот круг. Значи играме и оро и театар. И основната сцена во антиката имала облик на кружница, за разлика на денешнава “сцена кутија” на современите градски театарски згради. Играме оро и театар. Се работи за игра. Во еден случај со телото и душата, во друг исто така со нив, но и со зборовите кои стануваат метрички стапки на драмската поезија. Колку да ја начнеме котата на игра и играње. Оро и театар. И секако да не ги заборавиме народните игри за верските празници кои во себе ја имаат содржината на театарот и на играта како: василичари, џамалари, сурвескари, коледари и други, нели во контекстот на играњето. Театарот се игра. Зборот, глаголот игра може да се однесува на музика, драма, на играње на децата. Така нам ни дава право во одредниците, дефинициите за тоа што е тоа театар да го вметнеме зборот играње. И секако играње во метрички стапки. Во одреден ритам. Како неправилните божествени стапки на македонските песни и ора. И да не заборавиме да играме, народот би рекол “игра со зборови” извадок од животната драма. Убаво кажано. Показна матафора. Згуснато знаење. Меѓу театарот и животот. Меѓу елитата и масовноста. Секако, ако зборовите се во стихови, како поезија, или драмска поезија тие навистина играат по стапките на зурлите и тапаните, играат по метричките стапки.

Но, да опфатиме еден дел на играта на зборовите во стапки, да и отстапиме место на драмската поезија која е основната база на зборовниот театар. Запишано слово и сценски изговорен збор. Зборовен театар. Одредена приказна запишана пред нас, која добива сценско обликување. Во празниот простор, како што вели Брук. “Нејсе”.

Бојан Трифуновски – режисер

 

Во прво лице

Секој на секого му е Минхаузен

ЗА СЕБЕ: Не би инсинуирал дека доволно се познавам. Малку музика,малку цинизам,многу грижи и малку време за се.

ЗА ЉУБОВТА: Од петти елемент направи трансфер во петтоколонаш. Имам кого и зошто да сакам, но и без зошто.

ЗА ЖИВОТОТ: Состојба на ентропија и константно распаѓање сместен во четвртата димензија, поднослив само поради точка број два.

ЗА ТЕАТАРОТ: Немам коментар кој не е циничен или претенциозен. Работа,страст и пропаст.

ЗА ДОБРОТО: Клучни години на вечната битка за превласт во нашата галаксија. Себична изјава која подразбира дека демек само сега е така.

ЗА ЗЛОТО: Маскирано во прагма и потреба. Составен дел на нашата равенка. Нужно или не, од се срце им посакувам на злобниците, да одат по нужда, во перпетуум мобиле. Види коментар 3.

ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Сите сме ние идентично глупави и суетни. Ми се потроши црниот тефтер, решив да го престорам во пепел или песмарица.

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Едно буфче и една муза. Еден сладок скулптор и еден ерудит.Еден градител и неколку кловна.

ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Составен дел на луѓето во нашиве емотивно фрагилни професии. Мерак,возбуда и внимателност. Секој на секого му е Минхаузен.

ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Само од таква немам алергија.

ЗА КОЛЕГИТЕ: Се најдобро.

ЗА ИДЕЈАТА: Метастазиран сон. Надеж и потреба за подобри равенки.

ЗА СОНОТ: Зрното на моето постоење. Во тоа кралство има повеќе логика. Јавето е во сериозен дефицит на мотиви. Еден резонира само, преживеј…

ЗА ЈАВЕТО: Сон

ЗА ВИНОТО: Башка муабет е ова, Еликсири има мноштво, ви посакувам да ги пробате и уживате додека можете.

ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Се најдобро. Луѓе што во темната материја гледаат импресионизам.

ЗА КРАЈ: поздрав дома, се гледаме на некоја премиера.

 

Илија Џувалекoски ( 1915 – 2004 )

Илија Џувалекоски
Idzuvalekovski.jpg

Илија Џувалековски (Прилеп, 20 декември 1915Скопје, 18 октомври 2004) бил македонски актер, режисер и педагог.

Пред Втората светска војна студирал Музичка академија во Белград. Во август 1944 година заминал на Вис каде под раководство на Вјекослав Африќ настапувал во Театарот на Народното ослободување. По кратко време заминал во Москвакаде што станал член на уредувачкиот одбор на радио-станицатаСлободна Југославија“.

Во 1945 година се вратил во Македонија и се решил за актерскакариера. Првите успеси ги постигнал во Македонскиот народен театар во Скопје.

Во 1964 година заминал во Загреб каде настапувал за Хрватскиот народен театар, а од 1967 ја водел катедрата за глума на македонски јазик при Академијата за театар, филм и телевизија.

Во Скопје се вратил во 1972 година и продолжил со својата педагошка работа на Факултетот за драмски уметности, а истовремено и со својата актерска кариера.

Филмови

Актерскиот придонес на Џувалековски на филмот не е ништо помал од театарскиот. Во својата актерска кариера остварува над 60 улоги низ кои ја изразува својата актерска индивидуалност.

Првата филмска улога ја добива во 1952 година во филмот „Фросина“. Глумел и во: „Волчја ноќ“, „Малиот човек“, „Мис Стон“, „Виза на злото“, „Дубровски“, „Мирно лето“, „Денови на искушение“, „Каде по дождот“, „Републиката во пламен“, „Јад“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јужна патека“ и други.

Препознатлив е и како Баба Мулон во серијата „Белото циганче“, снимена по истоимениот роман на познатиот македонски писател Видое Подгорец.

Награди

Во 1977 година е добитник на наградата „АВНОЈ“, а во 1983 година ја доби и наградата „11 Октомври“ за животно дело.

Обид за репрезентативен театарски чин

 

 

Кон праизведбата на текстот „ Ана Комнена“ , во продукција на Народниот театар „ Јордан Хаџи Константинов – Џинот “, од Велес.

 

Искреираниот сценски простор на Валентин Светозарев, со користеното светло и ефекти од проекциите на фрески и други симболи по ѕидовите, блескавите костими на Раде Василев и ненаметливата, но прекрасна музика на Сашко Костов беа вистински предусловi* претставата „ Ана Комнена “ да биде репрезентативен примерок на репертоарот на НТ од Велес. Но тоа не се случи.

Народниот театар од Велес ја заокружи програмата за 2016 година со праизведбата на текстот „ Ана Комнена “ , на 17 февруари 2017. Се работи за текст на Сашо Димоски, второнаграден на конкурсот за текст, распишан за отворањето на новиот објект на Велешкиот театар. Режијата ја потпишуваат Ненад Витанов и Васил Зафирчев , кој исто така учествува во претставата , во ликот на Учителот на Ана Комнена. За Витанов, ова беше трета соработка со драмскиот автор Димоски, по соработките на претставите „ Медеја“ во 2015 и „ Парламентарки“ , 2016 година.

Претставата „ Ана Комнена “ е театарски чин во формат на ансамблова претстава, кој се осврнува на животот и страданијата на византиската принцеза Ана Комнена, ќерка на императорот Алексеј Први . Поради смртта на нејзиниот вереник, Константин Дука, како жена , таа го губи правото да седне на престолот на Византиската империја. А , по смртта на татко и , Ана прави пуч протов брат и Јован, кој е престолонаследник и завршува во манастир, каде ја пишува историјата за триесет и седумгодишно владеење на татко и, позната како „ Алексијада“.

Но, претставата не е историска драма. Димоски , потпирајќи се на историските настани, напишал постмодерна драмска интерпретација со која го преиспитува и коментира историскиот контекст , феноменот на власта и положбата на жената во тој контекст. За таа цел, првичната, наградена текстуална предлошка, е допишувана. А, резултатот е густа и повеќеслојна нарација. Таа нема амбиции да проговори за положбата на денешните некрунисани кралици или да даде подлабок приказ на половата дискриминација на жените кај нас или во светот, туку низ сликата за Ана Комнена проговара за обесправената, еманципирана жена денес, која се бори за да ја задржи заслужената позиција во општеството . Низ играта на актерите, претставата го доловува родово-хиерархиското устројство на светот во кое доминира мажот, позицијата на жената во власта, прикажана како условена и одземена и човековата верба во Бога, во правдата, во себе си… Во истрајноста, пред неизвесноста на мигот , во царството пред колапс, а со понуда за барут како оружје на иднината, добиено од кинески трговец.

Режијата на Ненад Витанов и на Васил Зафирчев, ги предава игрите до крв за власт и влијание во византискиот двор, низ раскошот од духовни и религиски белези, типични на Византиското царство. Меѓу нив клучно место заземаат фреските кои се користат како матрици според кои се градени ликовите. Тие не само што живеат на сцената , туку оживуваат и преку проекциите на ѕидовите од сценографијата на Валентин Светозарев, прикажувајќи различни душевни состојби на ликовите. А, беа аплицирани и на современо реинтерпретираните историски костими на Раде Василев, што ги носат актерите. А што прикажаа тие?

„ Ана Комнена “ е претстава на актерката Кети Борисовска. Таа прикажа цел регистар емоции , доловувајќи ја болката и борбата за опстанок на обасправената жена. Сугестивно, прецизно, на моменти и со доза на патос го предава ликот на Ана Комнена, освојувајќи ја публиката и канејќи ја на сочувство кон нејзините страданија. Улогата на единствената сојузничка на Ана Комнена, Марија Аланска, мајка на Константин Дука, актерката Зорица Панчиќ ја долови низ умешна трансформација меѓу студена, без емоции и рационална, но и дотолку жестока личност кога треба да и се помогне на принцезата. Васил Зафирчев инвентивно, но не до крај, како што знаел да се покаже порано, ја прикажа загадочноста и мистериозноста на Учителот на Комнена, кој ползувајќи ја блискота со неа сака да го наметне богомилството како религија во Византија. Јордан Витанов во улогата на царот Алексеј Комнен, кој е растргнат меѓу проблемите на империјата и кланот Комнени, владееше со сценскиот простор , но не и со текстот. Се надевам ќе го совлада целосно низ изведбите. Потреба од покреативно исцртување на ликот, покрај прикажаната појавна мажественост има и Самоил Стојановски во улогата на воинот Никифор Брени, овдека претставен како сопруг на Комнена, по смртта на принцот Константин Дука. Весна Димитровска Бобевска пријатно изненади во ликот на императорката Ирина Комнена, истакнувајќи се во играта без текст, но со усет за прецизно и одмерено дејство во крикот за спас на царштината. Не може, а да не се забележи шармантната игра на квинтетот Скомраси : Маја Љутков, Александар Ѓеорѓиев, Кирил Гравчев , Марија Стефановска и Румена Шопова. Од нив раскажаните народни приказни , на почетокот на претставата и подоцна како меѓа за влез во нејзиниот втор дел, кој продолжува интегрално , се цитатен додаток во текстот кој функционира како антиципација на настаните во сцените што следуваат. А на младите актери, Жарко Спасовски и Александар Велјановски во улогите на браќата на Ана, Јован и Исак, Фаик Мефаилоски како Петар Хермит, Даријан Петров во ликот на Дандоло, Талија Настова како Кинескиот трговец и Андреј Серафимовски како Константин Дука, вложениот труд и ентузијазам не им помогнаа да бидат доволно убедливи. Или преглумуваа, врескаа и играа во веќе виден манир, или беа оставени сами да се снаоѓаат во своите рољи, прикажувајќи се како несигурни и незабележителни.

За сценографијата беше задолжен искусниот мајстор Валентин Светозарев. Симболиката на грандиозноста и недопирливоста на царскиот двор тој ја темели на проектираните многубројни скали кои водат до тронот. Вака искреираниот сценски простор, со користеното светло и ефекти од проекциите на фрески и други симболи по ѕидовите, блескавите костими на Раде Василев и ненаметливата, но во функција на дејството, прекрасна музика на Сашко Костов , беа вистински предуслови претставата „ Ана Комнена “ да биде репрезентативен примерок на репертоарот на НТ од Велес. Но, тоа не се случи поради покажаните недостатоци во актерските креации и поради инсистирањето да се задржи секоја реплика од густо напишаниот текст на Димоски. Тој концепт се плашам дека тешко ќе комуницира со обичната публика, при такви креации какви што видовме од актерите на затворената генерална проба , во траење од 2 часа, на 16 февруари на новата сцена на НТ од Велес. Сотир Трајков

АТАНАС АТАНАСОВСКИ – АКТЕР

 

 

Во прво лице

ЗА КРАЈ Еспресо

 

ЗА СЕБЕ: Солипсизам.

ЗА ЉУБОВТА: Воден кревет и чоколадна торта.

ЗА ЖИВОТОТ: Театар.

ЗА ТЕАТАРОТ: Живот.

ЗА ДОБРОТО: Прво место.

ЗА ЗЛОТО: Благодарница.

ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Се гледаме утре.

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Уште ми е истиот број.

ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ:  Оскар!

ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Сноп светлина.

ЗА КОЛЕГИТЕ: Огледало!

ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Ве барав не сте достапни.

ЗА ИДЕЈАТА:  Простор.

ЗА СОНОТ:  Уште пет минути…

ЗА ЈАВЕТО:  Очила за сонце.

ЗА ВИНОТО:  Лаги.

ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Приоритет!

ЗА КРАЈ:  Еспресо.

 

Бајка, љубов, игра, театар, сон…

 

За  ” Пепелашка “, режија Деан Дамјановски; продукција Театар за деца и
младинци

Борче ГРОЗДАНОВ
Нема дете, па дури и оние кои се веќе пораснати, па и подостарени, а да не ја знаат приказната за девојката која од пеплиштето фениксираше во принцеза… Таа бајка за добродушната #прислужничка# на лошата маќеа и двете зли придојдени сестри, за тиквата – кочија и стакленото чевличе, што по Шарл Перо и браќата Грим ја визуелизираше режисерски Деан Дамјановски, пристигна каде што и е местото – во Театарот за деца и младинци! Таму,повеќе од две децении детскиот народ сонува, се смее, плаче,љубопитно гледа… И овојпат #новите клинци# на кои постарите како мене,им завидуваат скоро секогаш, имаа што да видат – колоритност, бајковитост,разиграност, низ смешка и игра поставена борба меѓу доброто и злото, за да се знае дека каде и да е, од што и да е, тоа, злото, не може да го победи доброто… Режисерската умешност, надополнета со музиката на Сашко Костов,кореографијата на Кренаре Невзати – Кери, сценографијата на Кирил Василев и костимите на Елена Дончева се дел од неодминливиот уметнички принцип на театарот – Актерите… Тие, всушност ја отелотворуваат приказната низ која Наташа Петровиќ алијас Пепелашка со многу умеење не води со тивкост и кроткост, поигрувајќи си со своите убави, мили и предани пријатели,кучето – Мики Анчевски и глувчињата – Марија Ѓоргијовска и Бојан Кирковски, кои уште еднаш ја покажуваат безусловната енергија, но и знаење кои се основните двигатели на успешното актерство… Трите пријателчиња од претходно кажаното тоа го докажуваат и при трансформацијата во други ликови кои се епизоди, но не се декор во целокупната бајка… Спојот на искуството и младоста, дава резултат, а како неодминливи експоненти на овие првите се пластичната, веристичка, па дури напати #нервирачка# улога на Катерина Илиевска Силјановска, како маќеата и смирениот татко – крал Владимир Лазовски, но и кротката, убава и одмерена самовила Ана Левајковиќ – Бошков. Од овие #вториве# импонираше играта на трапавиот, смотан, но добар слуга на Мартин Јордановски, кој го анимираше детскиот народ и при сценските преоди, со што ја надополнуваше режисерската #итрина#, за да нема празни одови, а се разбира тука се и двете грди и зли сестри кои Емра Куртишова и Симона Спировска со сета своја актерска појава и знаење ги одиграа, така што и покрај нивната злоба, децата ги прифатија со воодушевување и веселост.Оваа актерска лепеза се затвора/отвора со принцот, кој Ненад Митевски, барем по впечатокот на потписникот на овие редови, можел малку поенергично да го донесе, пред се во смисол на решителноста и одлучноста во љубовта на принцот кон прекрасната Пепелашка. Овој впечаток не ја руши појавноста на овој актер, но сепак, впечатокот дека би можел да додаде уште малку екстровертна eмоција, oстанува…
Во однос на драматуршкиот пристап и леењето на сонговите, не смееме да имаме никаква замерка, туку напротив, бидејќи тие се неодминливата нишка која го врзува дејствието на малата а голема сцена на Театарот за деца и младинци. Во низата убавини, можеби, драматуршки, како замерка би можело да се прифати дека епизодните репрезенти од народот, не морало баш да се прикажат како луѓе од внатрешноста, за да бидат смешни поради дијалектот, ами можело да се употребат низа други карактеристики и (не)умешности за да се доизградат овие епизодни ликови.


Овие крајни, навистина мали замерки, не го рушат впечатокот дека ” Пепелашка ” е во секој случај гледлива претстава, не само за детскиот народ, ами и за оној народ кој помалку или повеќе потпораснал.