Никој не ни “виси” над глава, имам простор за креација

 

ПРОФЕСИЈА ШМИНКЕР- ИГОР ПЕТРЕСКИ

1

Игор Петрески Има зад себе има многу претстави, односно, околу 15 премиери во Драмскиот театар, во период од скоро три години, една претстава во Театарот за деца и младинци, каде изработував бради и мустаќи, ( секој шминкер кој работи во театар мора да знае да го работи тоа, односно да книфа), како и претстави во приватни проекти.
Инаку, формално образование за театарска и филмска шминка, кај нас за жал нема, нема ни на балканот и пошироко, и се се сведува на курсеви и разни едукации…, Покрај диплома за шминка, Игор има завршено и курс по вајарство, кој многу му помага за изработка на маски, рани, лузни и слични работи, посебно во филмската шминка…За оваа интересна дејност на Игор,видлива но кај нас неанимирана доволно, Театарче реши да ве информира директно преку нејзиниот експониран, а невидлив чинител:

 

Има ли добри услови за вас шминкерите во театарот во Македонија?
*Па порано и не баш, но сега е подобро, одиме напред на тоа поле.

Колку имаат слух, за вашите побарувања надлежните каде работите?
* Зависи од барањата, но зависи и од буџетот наменет за таа претстава. Но, секогаш се наоѓа компромис.

Имате ли простор за крeација односно, колку во маската е преточен вашиот естетски дух?
*Секако дека имаме простор за креација, всушност и така доаѓа до израз колку е талентиран шминкерот, мене ми е предност што работам и филмска шминка ( special effect ), па добро се снаоѓам и во сложени ситуации.
Ги следиме ли кај нас светските трендови во работењето театарска шминка?
* Во театарската и филмската шминка, не постои тој термин, барем не за мене.Треба да знаеш во одредени ситуации и да инпровизираш.

Едноставоста е плод на верната денешница или… ?
Често се случува едноставноста во работата, да даде многу подобар резултат.

Кој ви виси над глава додека шминкате?
*Па, никој не ни “виси” над глава, костимографот и режисерот само ни даваат насоки како би сакале да изгледа шминката, и потоа продолжуваме сами.

Годишна програма: Народен театар Штип – 2016 година.

 

 

Народен театар Штип оваа година се “судеше” “маратонски” за да се издигне од “дното” поради едно “писмо”. 🙂 Вака во една реченица би можело да се направи ретроспективаta на работата на штипскиот театар во 2016 година.
Првата премиера во 2016 година беше на претставата “Суд” од Коле Чашуле, во режија на младиот штипјанец Дамјан Читкушев. Сместен во едно нестабилно тло, во простор полн симболики, постои еден СУД во кој силно ПИШТИ неправдата. Во овој суд, впрочем како и секаде, најголемата опасност е таму каде навидум ја нема. Тоа е претстава за македонскиот синдром на предавство, осовремена и ставена во една сурова рамка на крвопролевање.
Втората премиера “Љубовен маратон” е работена по мотиви од текстови на Нил Сајмон во режија на Никола Ристов. Тоа е една урнебесна комедија која го слика современиот начин на живот. Приказна за монотонијата на животот, обидот за неверство за да се прекине таа монотонија и на крајот славење на животот, зашто како што вели главниот лик во претставата: “Обожавам да живеам! Во животот има проблеми, но да живееш е најдоброто нешто што го измислиле до сега…!”
Маестралниот Дејан Пројковски ја постави третата премиера на штипскиот театар, претставата “На дното” од Максим Горки. Тој во одлично одбраниот, совршено адекватен простор ПОД големата сцена на домот на културата “Ацо Шопов” го наслика и, како на филмско платно, го оживеа горкиевото ДНО. Ги соголи до кожа жителите на пансионот кои со сите сили се трудат да се подигнат од калта на дното во кое се наоѓаат. Дали и колку успеваат во тоа останува на публиката да види и да процени.
Последната премиера во 2016 година на Народен театар Штип беше “Лазаревото писмо и писание” работена по мотиви од расказот “Лазаревото писмо” на Живко Чинго, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Приказна за едно “време – невреме, море не невреме туку нелуѓе, речи го како шчо ет”. Приказна за состојбата во Македонија од пред педесетина и повеќе години, а која, од збор до збор, може да се пренесе во денешницава. Приказна за нашиот синдром на самоуништување преку шпионирање и предавство, борба за власт со газење преку се’, ставена во еден безвременски контекст.
Во ова навраќање на работата на штипскиот народен театар морам да ги спомнам и гостувањата на истиот надвор од границите на нашата држава.
Во Вараждин, Хрватска, ја игравме претставата “Отворач за конзерви” во режија на хрватскиот актер и режисер Стојан Матавуљ. Гостувањето беше остварено благодарение на одличната соработка на нашиот театар со македонско-хрватското здружение од Македонија “Либертас”.
Детската претстава “Јан Бибијан” во режија на Дарко Ковачевски учествуваше на меѓународниот театарски фестивал ТАНАНИК Благоевград 2016 – Бугарија.
На интернационалниот алтернативен фестивал ФИАТ 2016 во Подгорица, Црна Гора, учествувавме со претставата “На дното” на Дејан Пројковски. Со голема гордост можеме да се пофалиме дека од овој фестивал се вративме со двете најголеми награди: претставата “На дното” освои гран при за најдобра претстава, а “маестро” Дејан Пројковски ја освои наградата за најдобра режија. ДА НИ СЕ МНОЖАТ. 🙂
На крајот од оваа релативно успешна 2016 година за нашиот театар, да си посакам една желба: Следната 2017 година да ни биде со повеќе премиери и претстави, со повеќе поблиски и подалечни гостувања и, зошто да не, со повеќе награди и признанија.
И сосема на крај, на сите пријатели на ГОЛЕМОТО СЕМЕЈСТВО ТЕАТАРЧЕ им посакувам интересна и успешна 2017 година.
Имајте убава година 🙂.
Габриела Коцева Тулиев

Годишна програма на Театар „Џинот“ Велес за 2016 година

 

 

Во рамките на Годишната програма на Театар „Џинот“ Велес за 2016 година, поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија, беа реализирани 3 нови театарски продукции.
По повод Светскиот ден на театарот, 27ми март, беше реализирана премиерната изведба на првата театарска продукција „Старицата од Калкута“, работена според текст на израелскиот автор Ханок Левин, во режија на Софија Ристевска Петрушева.
Втората театарска продукција беше холандската драмска класика „Добрата надеж“ на Херман Хеијерманс, во режија на Александар Ивановски, чија премиерна изведба беше реализирана во месец септември.
Третата продукција Театар „Џинот“ Велес ја посвети на својата најмлада публика со постановката на тетарската претстава за деца „Мачорот во чизми“, работена според познатата приказна на Шарл Перо, во драматизација на Катерина Момева, а во режија на Деан Дамјановски, чија премира беше во месец октомври.
Последната продукција од Годишната програма на театарот е праизведбата на второрангираниот драмски текст од Конкурсот за отворање на новата театарска зграда „Ана Комнена“ на драмскиот автор Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев и Ненад Витанов, чија премиерна изведба е предвидена до крајот на месец јануари 2017 година.
На редовниот репертоар на Театарот беа изведени вкупно 69 претстави со вкупна посетеност на публиката од 15.275 гледачи.
Покрај тековните изведби на претставите од редовниот репертоар, Театарот имаше и повеќе успешни гостувања и фестивалски настапи.
Претставата „Спанаќ со пржени компири“ гостуваше во Театарот во Штип и во Центарот за култура во Кочани. „Класен непријател“ гостуваше во Драмскиот театар во Скопје, во Центрите за култура во Виница и Кочани, а беше изведена и во неофицијалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. „Ноќите во бел сатен“ гостуваше во Центарот за култура во Радовиш. „Федра“ настапи на театарскиот фестивал „Та-ра-ра-бумбиа“ во Благоевград, Бугарија. “Старицата од Калкута“ беше изведена во официјалната програма на МТФ “Војдан Чернодрински” и на „Скопско лето“.
На сцената на Театарот годинава беа реализирани и 87 настани на институции, организации, здруженија и поединци од областа на културата и уметноста, со вкупна посетеност на публиката од 13.449 гледачи.
Во делот на драмската програма, на сцената на театарот гостуваа: Интимен театар од Битола со „Будење на пролетта“, ФАД „Стоби“ со премиерните изведби на „Медеја“ и „Жени од подземјето“, Штипскиот театар со „Хотел ни на небо ни на земја“, Театарот „Бора Станковиќ“ од Врање со „Три сестри“, Театарот од Ниш со „Жорж Данден“, Турскиот театар со „Слуга на двајца господари“, Македонскиот народен театар со „Прекината одисеја“, монодрамата „Јане Сандански“ на актерот Петар Темелковски, Театарот „Скрб и утеха“ со „Некрстени денови“, како и испитната претстава на студентите од „ЕСРА“ од класата на проф.Мето Јовановски.
Во делот на музичката и музичко-сценската дејност беше реализрана дел од официјалната програма на Интернационалниот танцов фестивал „Танцфест“ и премиерите на Скопје Танцов Театар, гостуваше Балетот на МОБ со балетската претсава за деца „Трите Прасиња“, Танцовата компанија „Ларондина“, а беа реалиизрани и концертите на Националниот ансамбл за народни песни и игри на Македонија „Танец“, „Фолтин“, пејачките хорови од Македонија и Хрватска, КУД „Керамичар“ и Музичкото училиште од Велес.
Во делот на филмската програма на сцената на Театарот се реализираа Фестивалот на новиот германски филм, Фестивалот на дебитантски филм „Киненова“, Фестивалот на планински филм „Ехо“, а во соработка со Агенцијата за филм и повеќе филмски проекции на домашни и странски филмски остварувања.
На сцената на театарот се одржаа и годишните изданија на Интернационалниот фестивалот на античка драма „Стоби“, Фестивалот на изведбени уметности „Импакт“, како и дел од програмата на поетската манифестација „Рацинови средби“.
Во текот на 2016 година во Театар „Џинот“ Велес биле реализирани вкупно 156 настани со вкупна посетеност на публиката од 28.724 гледачи.
Театар „ЈХК-Џинот“, Велес Уметнички директор Васил Зафирчев