„ Отело “ ќе ве освои и испоти

 

Кон премиерата на камерната претстава „ Отело “ од Вилијам Шекспир во Турскиот театар од Скопје, во режија на Дејан Пројковски

Креативност во претставата не недостасува. Ја има на големо на малиот простор- камерна сцена на „ Комедија“, што е претворена во базен со вода.

На сцената на театарот Комедија, Турскиот театар на 24 Јануари ја изведе премиерата на Шекспировата трагедија „ Отело“. Станува збор за проект од програмата на театарот за минатата 2016 година, кој се реализира на почетокот на оваа 2017 година, а со кој Турскиот театар се придружува кон светското одбележување на 400 години од смртта на најголемиот драматичар на сите времиња.

Отело – Џенап Самет

Деструктивните пориви кај човекот, како што се зависта, љубомората, но и борбата за власт и осветата, за кои Шекспир пишувал пред повеќе од 4 века, непремостливи се и денес меѓу луѓето и затоа навраќањето кон овој драмски текст со социјален ангажман во себе, е издржано и оправдано во секое, па и во ова време. Од големиот драмски материјал, распослан во 5 чина, Пројковски, користејќи го преводот на Оздемир Нутку, направил повеќе штрихови, задржувајќи ја главнината на драмското дејство во кое има сплетки и конфликти, провокативни за неговата режисерска инвентивност , но и за актерската креативност. А, креативност во претставата не недостасува. Ја има на големо во малиот простор- камерната сцена на „ Комедија“. Пројковски претставата ја постави во базен со вода, што е сценографско решение на Татјана Христоска- Блажевска. Водата е силна метафора за потребата од миење на гревовите на човекот, но се чита и како повеќезначен сценски просторен знак, во кој живеат и делуваат карактерите. Таа е ново изразно сретство во режисерскиот ракопис на Пројковски, по употребата на оганот и песокот во неговите поранешни претстави. Во тој и таков амбиент, дејствието е подредено на контемплативна атмосфера во која актерскиот шепот и звукот на капките вода или солзите на Дездемона што ја толкува Сузан Акбелге, се еднакво силни и сугестивни како вресокот на изманипулираниот Отело , во изведба на Џенап Самет. Единствена опасност за интересот за следење кај гледачите е што таа контемплативност диктира споро и рамно темпо, кое тече со музичка завеса во позадина, компонирана од Горан Трајкоски, која скоро и да не завршува во текот на целата изведба. Но од друга страна, Пројковски се надмина себе си. Тој направи пост модерна античка трагедија, со оригинални симболички решенија, т.н. „ ситен вез“, низ минималистички сретства во секоја сцена, направена како амалгам од емоциите на ликовите и кореографираните движења на актерите во водата и надвор од неа. Кога сме кај движењата, не може да се изостави ни заслугата на балерината и кореограф Олга Панго и на Влатко Здравковски, кој актерите ги подучуваше кунг-фу вештини, особено Осман Али кој настапува во улогата на Касио.

„Отело“ на Турскиот театар го презентира раскошот на актерскиот дрим тим: Џенап Самет во насловната улога, уверливо го гради карактерот на Маврот , повозрасен генерал во војската на Венециската република, кој е несигурен, се двоуми и се прашува што се случува со верноста на неговата сакана. Кај него е избегнат стереотипот да биде прикажан како aфроамериканец. Со тоа проблемот со расната дискриминација е потиснат, а фокусот е ставен на односот надреден- подреден во воената хиерархира, на која и припаѓа и несудениот поручник Јаго. Дездемона во изведба на Сузан Акбелге е цврста, стамена и своја, се додека судбината не ја стави на распетие. Акбелге е особено прецизна и сугестивна во доловувањето на болката од неправдата и невистината, нанесени над нејзиниот брак и живот од Јаго. А тој, низ креацијата на Селпин Керим е моќна парадигма на злото и олицетворение на ѓаволот. Неговото жртвувано јагне- Касио , Осман Али го доловува како лојален и верен војник на Отело, кој дури и во миговите на жртвување не се предава, туку се бори до крај. Поделеноста меѓу доброто и злото во карактерот на Емилија, сопругата на Јаго и штитеничка на Дездемона, умешно ја долови Зубејде Селимовска, а издржана е и креацијата на Неат Али како Родриго, кој исто така е дел од маѓепсаниот круг карактери кои работат за интересите на Јаго.

Авторка на костимите, кои се направени во современ стил, со белези на историски костими од Викторијанската ера, е Тања Кларис. За оваа претстава и гледачите добиваат посебни костими. Тоа се мантили за дожд кои се користат за да не биде намокрена публиката од прскањата со вода што ги прават актерите додека играат во базенот . Оваа замисла одлично функционира во зголемувањето на публицитетот за претставата. Но, со оглед на фактот дека поголемите прскања со вода не го преминуваат вториот ред гледачи, а претставата трае 1 час и 35 минути во камерен простор, тешко дека некој од гледачите повеќе ќе жали што е испрскан со вода, отколку што е испотен под мантилот за дожд и што му недостасува кислород. Во овие околности, добро е барем да се препорача гледачите да доаѓаат потенко облечени под зимските палта. Што се однесува пак до јазикот, Турскиот театар внимава за секоја, па и за оваа претстава , да има титлуван превод , кој се проектира централно на сцената.

Накратко кажано, трагедијата „ Отело“ на Дејан Пројковски, е театарски чин кој не само што долго ќе се игра на репертоарот на Турскиот театар, туку наградите од фестивалите за неговите чинители, допрва ќе доаѓаат. Сосема заслужено.Во тоа сум уверен.

Сотир Трајков

Петар Димоски – Жмарата (1958 – 2012)

Ин мемориам

По кратко боледување почина Петар Димоски – Жмарата, глумец во пензија од театарот „Војдан Чернодрински“.

Петар Димоски остави длабоки траги не само во матичниот театар, прилепскиот, туку и во Драмскиот театар, струмичкиот, штипскиот. Забележителен придонес дал и во Македонската телевизија. Полни 34 години беше на сцената на театарот како глумец, но и како режисер.

Во театарот се вработил во март 1978 година. Првата улога му била Арнаутинот во Антица, во режија на Благоја Дамески. Последната улогата на Максимилијан Топаловиќ во „Маратонците го трчаат почесниот круг“ во режија на Кирил Петрески.

Во изминатите години одиграл голем број улоги. Ќе останат запаметени Чедо во „Мангите пијат чај“, Буби во „Човек на положај“, Натемаго во „Натемаго“, Трајан во „Македонска крвава свадба“, Поп Ѓорѓија во „Градскиот саат“, Претседателот „Аферата Едвард“, Ген. дир. во „Викенд на мртовци“, Отецот во „Коцкари“… Димоски беше и режисер на многубројни претстави за деца.

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

Христо Петрески

5.

Културно-уметничката активност и, во тие рамки, драмскиот аматеризам во Охрид главно започнал и се развивал во и преку дејноста на: Пливачко-веслачкото спорстко друштво Југ, Противпожарното друштво, Културно-уметничкото друштво Билјана, Културно-уметничкото друштво Вал (Бран), како и Драмската група на Гимназијата.

Градскиот народен театар – Охрид бил основан на 1 јануари 1949 година. Започнал професионално да работи со шестмина, а на крајот од годината веќе имал вкупно единаесет вработени лица. Негова прва премиера била Кир Јања во режија на директорот Ѓоре Боче, кој ја играл и главната улога. Во претставите играле: Лазо Арсовски, Сотир Димитровски, Радмила Златковиќ, Правда Илиќ, Благоја Кичеец и други. Во Охрид, пак, гостувале: Димитар Ќостаров, Петре Прличко и Тодор Николовски.

Градскиот театар во Охрид постоел шест години и повремено организирал гостувања и турнеи во: Струга, Дебар, Кичево и Ресен, како и селата од охридската околина.

Во овој театар се подготвени и прикажани домашните текстови – пиесите Милка од Борис Бојаџиски и Продадена од Радослав Петковски.

Инаку, во заклучокот на својот мал серијал текстови посветен на затворените театри во Социјалистичка Република Македонија, авторот Ристо Стефановски посебно подвлекува дека напоредно со напорите во обновата и изградбата на разурнатите градови и села, патишта и железнички линии, мостови и стопански капацитети, започнало основањето на низа нови институции. Меѓу нив посебно внимание им се посветувало на оние од областа на образованието, културата и уметноста. Ваквата ориентација придонела кон театарската дејност да се гледа со посебен интерес. Впрочем, нејзе ñ беше доделена историската задача да го афирмира живиот литературен македонски јазик, кој со децении и векови бил оспоруван, омаловажуван, негиран. И така на полето на театарската уметност во секој град, во кој живееле и дејствувале дури и по неколкумина вљубеници на драмската уметност, дошло до обновување на драмските групи и секции, до нивното пообмислено конституирање и организирање. Во исто време градовите што имале подолготрајна традиција во одгледувањето на драмскиот аматеризам, пристапиле и кон формирање професионални театри. Притоа, тука свој придонес имала и недокрај диференцираната културна политика во однос на театарот, која често била обременета со нереални и субјективни сфаќања, а кои им оделе на рака на ваквите тенденции – нагласува Стефановски.

Во низата причини, што подоцна придонеле вака основаните театри да започнат да се рушат како кули од карти при првиот посериозен налет на тешкотиите, во прв ред спаѓале кадровските, материјалните и просторните. Така, речиси ништо посериозно не било направено ниту преземено во стручното оспособување на ангажираните кадри, и покрај тоа што добро било познато дека мнозинството од нив биле не само без соодветно, туку и без какво и да е друго поголемо образование. Многумина покрај актерската работа се занимавале не само со режија, сценографија, костимографија, музичко опремување и т.н., туку и со мануелната ангажираност.

Поради овие и други причини – сî позабележливо слабеел изворот на репертоарот, нагласува Стерфановски, но и квалитетот на претставите, но свој рефлекс има и појавата на радиото и телевизијата кои постапно навлегуваат во сите домови и театрите во помалите населени места престануваат да бидат единствени носители на драмската уметност, како и организатори на културно-забавниот и културно-уметничкиот живот.

КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

 

Тихомир Стојановски

Но, да се вратиме на запишаните македонски обичаи кај Таневиќ5. “…Кога ќе се отпочне работата се вели: Госпуди поможи! …или Аирлија зафашкање… на што другиот одговара со Амин…”.

Го давам овој пример, за да се види како обичниот човек пред само 150 до 200 години го започнувал денот и работата. Во самиот чин имаме утврдени зборови кои се кажуваат како научени реплики од некоја драма, секако имаме верба во Бог и обраќање кон Бога за да тргне работата. Од еден религиски, верски чин, обраќање кон Господ, се преминало во народен адет и култура во секојдневието. Самиот чин во себе има театарски код. Драматичност и причинско-последична поврзаност. Обраќање кон Бог. Молба. Верба. Доследност и континуитет кои секојдневно се повторуваат. Можеби само еден пример дека вербата во Бога и народната култура се надополнуваат. Секако, ако го анализираме дејството на повторување при утринското станување (будење) ја имаме допирната линија со сценските дејства. Во зборовите има голема драмска енергија, емотивен набој, желба, обраќање кон повисоката сила, степен на духовност и секако очекување работите да се случат. Пред почеток на приказна со новиот ден. Или прв чин. Први реплики. Први дејства секако врзани со верата. Небаре со изгрејсонцето се крева завесата во животниот театар. Во животот. Кој е исто така сцена. Како што јас ја нарекувам “мајката сцена”. Женски род. Како и мајката земја. Родилка. И не случајно се вели дека “театарот се раѓа и умира секоја вечер” за време на претставата. На тоа се мисли на актерот. На самиот човек. Дека секоја вечер се раѓа и умира на почетокот и на крајот на претставата. Или како што запишал народот “нов ден, нов кÄсмет”. Реплика од животот кон сцената. Кон “мајката сцена”. Кон сите нас. Допир на театарот и животот повторно. Таму некаде на меѓникот на театарската и животната сцена.Велми ние можеме со денови да даваме споредбени примери за врската на театарот и животот. Фала му на Господа во народната македонска култура се останати голем дел од постарите адети во кои јасно се гледа феноменот на театарот, неговото присуство, како игри, дејствија, преоблекување и преправање во други, или како народно-религиски игри по наменски поводи за измолување на дожд, како длабока потреба, нужда да се одигра самиот живот, да се подражува, имитира, за да се разбере и спознае во себе. И низ себе. За да се биде силен. Силен-втрховен учител на Дионис. Но, за тоа понатаму. Дојдовме до точката и потребата да се одигра самиот живот. Да се имитира тоа што го молиме од повисоката сила, од Господа. Да се драматизира. Да се дејствува. Да се обидеме да се сретнеме со Бога, да бидеме дел од него или да бидеме со него. Се разбира претходно собрани заедно во тој чин. Вербата во Бога од точка на елитност (посветеност во мистериите и обредите) и секако сопствен избор до масовен собир и масовност (наметнатост од други). И ете уште една од точките кои ја одредуваат длабоката природа на сцената. Место за средба. Средба со себе, со своето време и со својата култура. Со сопствениот народ. Покрај она познатото “место за гледање” слободно можеме да додадеме и “место за средба” како одредница за театарот. “Нејсе”.

Драгана Костадиновска akтерka

 

 

Во прво лице

 
ЖИВОТОТ НЕМА РЕПРИЗА

1. ЗА СЕБЕ – Постојано откривам интересни нешта.
2 . ЗА ЉУБОВТА – Силно чувство, но вредно ми е и сакам кога се покажува практично, опипливо, со постапки.
3. ЗА ЖИВОТОТ: Еден е, нема реприза.
4. ЗА ТЕАТАРОТ: Бесконечност.
5. ЗА ДОБРОТО – Чувство на благососотојба.
6. ЗА ЗЛОТО – Незибежно е, составен дел од животот, едноставно треба да се препознае, и по можност да се одмине.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ – Предизвик или искушение кои треба да се прифатат.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – Радост, игра, детство, забава, емпатија, недоразбирање, поддршка.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ – All the world’s a stage… Секој од нас си земал некаква улога, свесно или не.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА – Со време едноставно ја навикнуваш.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ – Секој различен, посебен и вреден на свој начин.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ – Ги живеам и знам само za одиграните и тие што допрва ќе дојдат. Се друго нема значење.
12 . ЗА ИДЕЈАТА – Задоволството е големо кога ќе се спроведе во пракса.
13. ЗА СОНОТ – Понекогаш е пријатен, понекогаш кошмар, понекогаш се остварува понекогаш не, сепак без да сонува, мислам, никој не може.
14. ЗА ЈАВЕТО – Се обидувам секој миг целосно да го вкусам и доживеам.
15. ЗА ВИНОТО – Пиј вино, не престануваат со вртење небесата
Секој живот ќе помине што е на земјата
Седни на ливада и полека вино испивај
Пред и од твојот гроб да изникне тревата
О. Хајјам
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО- Семејството не се одбира, и ниту едно не е совршено како на филм. Умешноста е во тоа да се зачува во него слогата и почитта, да се продлабочува квалитетот на комнукицијата и разбирањето меѓу членовите, а од таму ќе дојдат и поддршката и сигурноста кои тоа ги нуди.
17. ЗА КРАЈ – Крајот е без исклучок неизбежен.

Тина Трпкоска актерка

 

Во прво лице

 

СЦЕНСКАТА ПРАШИНА – Сака да глуми

 

1. ЗА СЕБЕ Ми се лета!
2 . ЗА ЉУБОВТА Крилја!
3. ЗА ЖИВОТОТ Скок!
4. ЗА ТЕАТАРОТ Уште!
5. ЗА ДОБРОТО Замолкнуваш. Го примаш. Потоа го пушташ кај друг…
6. ЗА ЗЛОТО Пати за внимание
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ Паричката за Бадник
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Ѕвезди
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ Пливање во жива кал
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА Сака да глуми!
10. ЗА КОЛЕГИТЕ Ги ширам рацете – за прегратка и аплауз
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ Затоа сум тука!
12 . ЗА ИДЕЈАТА Паѓам на добра провокација!
13. ЗА СОНОТ И свирам и диригирам!
14. ЗА ЈАВЕТО Понуда што не се одбива!
15. ЗА ВИНОТО Coffee keeps me going until it’s time for wine
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО Џиновски души. Од сè срце благодарам!
17. ЗА КРАЈ Едвај врзувам крај со крај!

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

Но, процесот на расформирањето на театрите бил забрзан и со присутните, често тенденциозни тврдења дека театрите во внатрешноста не се дораснати да се занимаваат со вистинска театарска дејност(!?).

За Охридскиот професионаслен театар, кој постоел и работел од 1949-1954 година, подетално и поопширно пишува во книгата Насолзена завеса од Благој Г. Кичеец, кој за чинот на затворањето на Театарот и неговото укинување во поглавјето Почеток на крајот ќе забележи: Првите месеци од 1954 година проструи вест дека театрите во внатрешноста на Македонија ќе се укинуваат. Ставот на Републичкото собрание бил театрите да постојат на аматерска основа, па по решението на Народниот одбор во Охрид е одлучено во иднина во театарот да останат само две платени лица, кои ќе се грижат за развивање на дилетантството во градот.

Градските татковци го сакаа театарот, но грешката се подгреваше од оние кои во театрите во внатрешноста гледаа некаква нивна конкуренција. Карванот кој тргна во доволно непромислена акција на 28 мај 1954 година прво почна во Велес, за потоа да продолжи низ другите градови во Републиката каде постоеја професионални театри. Во меѓувремње, во печатот се појавуваа написи кои ñ одеа на рака на идејата – укинување. За тоа на 23 мај 1953 година во Нова Македонија беше објавена изјавата на писателот Владо Малески, а во истиот весник во првите месеци од 1954 година се појави напис и на Илија Милчин.

Скомрахи

 

 

Средновековни театарски форми

 

Средновековието како период според Енциклопедија Британика се определува како„период на  европската историја од пропаѓањето на римската цивилизација до почетокот на периодот на ренесансата“.

Средниот век во Македонија се дели на два глобални периоди. Првиот е претставен од три етапи: првата се однесува на X и XI век, кога се создавале основите на словенската писменост од светите Кирил и Методиј, а во Охрид се формирала Охридската книжевна школа на светите Климент и Наум Охридски. Во втората етапа Македонија е под директно културно и духовно влијание на Византија, додека третата етапа е одбележана од српското продирање во XIII век. Вториот глобален дел го означува петвековното турско владеење над Македонија од XIV до XIX век кога сета книжевност и култура се под влијание на турската империја.

Театарските форми кои се јавуваат за време на средновековието на почвата на Македонија се богомилските дијалози и обреди и скомрахите односно патувачките актери.

Кои биле скомрахите?

Скомрахите го претставуваат најавтентичниот театарски израз поради што формата, содржината и естетиката на нивната игра е неодминлив факт на македонскиот современ театар.

Според македонската енциклопедија, скомрахите се „наследници на севкупната античка театарска традиција, директни проследувачи на нејзините последни корифеи, мимичарите, почнувајќи од деветтиот век,  овие занаетчии кои вештината на забавувањето ја имаа развиено до совршенство, низ Европа се нарекуваа жонглери, мајстори-пејачи, шпилери, хистриони, скарамуши. Словенската театарска историја ги евидентира под името скомрахи.

Сцената на фреската „Исмевање Христово“ го илустрира исмевањето на Исус пред распнувањето кога практично се одвивала една народна забава која не можела да се замисли без скомрахите. За  скомрахите сведочи истата фреска каде се гледа дека тие се комплетни забавувачи кои  свиреле, играле, пееле, „глумеле“. Тие биле луѓе од народот кои се одделиле од учесниците на обредите и игрите. Главен херој на  нивните претстави бил весел и итар човек кој својата итроштина ја криел зад маската на глупоста. Настапувале на плоштади, улици опкружени од толпа луѓе со кои непосредно комуницирале и ги вовлекувале во нивната игра. Користеле различни маски, дури и животински. Се претпоставува дека дружината на скомрахите се состоела од двајца, четворица до дванаесет души. Во однос на изгледот  на скомрахите, се разликувале две групи: музиканти, облечени во традиционална облека од тоа време и „глумци“ облечени во одори со многу долги ракави карактеристични за патувачките актери. Продолжените ракави активно учествувале во танцот и играта на скомрахот, со нив се акцентирало дејството, се одделувале одделни елементи на говорот и дејствувале како реквизит при танцот. Исто така мора да се напомене дека занаетот на скомрахите не бил екслузивитет на мажите зашто на фреската од црквата Св.Ѓорѓи се гледа и жена која свири на дувачки инструмент.

Кај народните актери во сите европски земји во средниот век се јавуваат и шапките кои биле со еден или со три крака и на врвот на краците украсени со ѕвончиња. Палката била втор најважен атрибут на шутот, таа била дрвен жезол, чиј горен крај завршувал со глава на насмеан шут. Палката се среќава во прастарите пагански обреди како Коледе. Палката кај скомрахите се користела за прикачување на подароците од гледачите, но и како реквизит при играта. Магиската функција на палката во играта на скомрахите го прикажувала стравот на средновековниот човек од магијата и непознатото.

Играта на скомрахите се базирала на импровизација и индивидуално мајсторство во изведување на севозможни песни, танци и ора. Тематски претставите биле разнородни каде преку гротескноста и пародирањето се исмевале црковните учења или поведението на погорните слоеви на општеството. Танците биле слободни, дури и еротизирани. Преку нив се огледале древните ритуални танци кои со текот на времето се трансформирале и ги задржале основните магиски функции.

Главна и најзначајна карактеристика на скомрахите била слободата. Ослободеноста од сценската ограниченост, од моралните стеги на времето, физичката подвижност како и динамичноста и изменливоста на дејството, неговата прилагодливост на публиката и поводот за игра. Истата таа слобода кон која се стреми македонскиот современ театар била втемелена од нивните генијални претходници СКОМРАХИТЕ…

подготви ЈОАНА ШИШКОВА

Мите Грозданов ќе ме расцепеше на две со сабјата

 

Реминисценција: Марин Бабиќ Гермов:

Кога станува збор за најинтересните случувања и „приказни“ од театарскиот живот во Македонија, една ќе остане засекогаш запаметена, на која деновиве се потсети, и ексклузивно ја споделува со читателите на нашиот портал, македонскиот театарски бард Марин Бабиќ Гермов.

Човекот- енциклопедија, кој поминал се и сешто, видел што се не, доживеал нешта ко за повеќе животи, сепак, во еден здив раскажува како за малку ќе му летнела главата, од острата сабја на Мите Грозданов, и дека и ден денес таа „сцена“ не може да ја извади од глава..

Еве за што станува збор:

-Беше тоа во минатиот век, не паметам која година, ама знам дека беше во време на златните години на детскомладинската сцена во Драмски. По „Чук, чук Стојанче“, „Баш Челик“, „Џон Пиплфокс“ дојде на ред и Шекспир. Авторите не ги знам ама се сеќавам дека беа маж и жена и се викаше „Шекспир во приказни“.

Коле Ангеловски, режисер на сите претходни претстави, ги одбра „Сонот на летната ноќ“

Во „Сонот…“ го играв ѕидот ( се смее), а во „Макбет“ го играв Макдаф, крвниот непријател на Макбет, кој го играше Мите Грозданов, а тој тогаш пукаше од сила и енергија.

Имено, во претставата имавме сцена на мечување. Јас бев супериорен во мечувањето, бидејќи на Академија професор ми беше учителот на Романови. Арно ама, кога ни ги донесоа сабјите се извадив од памет. Ги донесе Ванчо (Петрушевски), донесе и една цепаница и само ја спушти сабјата врз цепаницата и таа се преполови и ни рече: „Еве да си знаете што држите в раце!“.

Јас ја зедов едната и раката ќе ми отпаднеше од тоа колку беше тешка, а Мите, тој ха ха ха ха,, немаше гајлле. Ја зеде со една рака и почна да ја витла на сите страни. Вежбав секој ден по неколку часа, плус и на пробите, за да можам да се справам со сабјата бидејќи победникот требаше да бидам јас. И… И, успеав. Направивме кореографија и ја доведовме сцената со мечувањето толку верно, речиси до совршенство. Дојде денот кога требаше да гостуваме на детскиот фествал во Шибеник. Тоа беше светски фестивал. Дојде денот, дојде претставата, почнавме да ја играме, дојде сцената на мечувањето. Под нас мермер, ние витламе со сабјите, со врвовите го закачуваме мермерот, искри летаа, ја почувствував публиката како тоне во седиштата. И се си течеше супер се до моментот кога Мите погрешно ја постави сабјата и јас напаѓајќи му ја превиткав и се најдовме во небрано. Мите присебно ми рече покажувајки со рака- еден момен!… и со нога ја исправи сабјата и наместо да продолжиме таму кај што застанавме, односно јас да напаѓам, тргна Мите да мава, сфати дека ја утнал, го фати паника и со уште поголема силина почна да мава со сабјата. Благодарение на Академијата спасив глава, а бев готов, иако не беше така во претставата, да легнам и да кажам дека се предавам. Дади, Мешко, Ванчо, Гоце…….сфатија дека ѓаолот ја однесол шегата дотрчаа на сцена го фатија Мите и така јас успеав да го победам!

Валентина Ѓоргиевска Парго

ЉУБЕ ТЕРЗИЕВ

 

     Роден – 1949 г.

Работи во Народниот театар во Штип од 1971 до 1975 година.

Во Народниот театар „Јордан.Х.К.Џинот“- Велес е од 1975 година.

Џими во „Вејка на ветерот“
Јасон во „Медеја“
Младичот во „Црнила“
Даниел во „Стапица за беспомошен човек“
Васко во „…и така ја повикаа тајната“
Лари во „Кој ќе го спаси орачот“
Ампо во „Чорбаџи Теодос“
Темелко во „Суд“
Генерал И-ви во „Цар Тројан“
Герард во „Младоста пред суд“
Оливер Кромвел во „Кобното тркалце“
Цермонијал Лужин во „Злосторство и казна”
Будалетинка во „Расколникот од Хетиим“
Срески началник во „Гроф Миливој“
Липовски во „Кукавично јајце“
Чорбаџи Миладин во „Сомнително лице“
Мајстор во „Бумеранг“
Бордир во„Крал Иби“
Рондибилис во „Пангурие“
Жевакин во „Женидба“
Супериус во „Пеш“
Господинот Диманш во „Дон Жуан“
Мисајле во „Хамлет од Долно Дивјаци“
Чванкин и Кредитор во „Смртта на Тарелкин“
Работник во „Вујко Вања“
Улога во „Болницата на крајот од умот“
Војводата во „На сечило“
Генерал во „Кристално срце“
Хирургот и Постар артист во „Пречистување“
Лекарот во „Царскиот паж“
Степан во „Предлог за брак“(„Брачни понуди“)
Авросија во „Крчма на патот за Јевропа“
Воспитувач во „Шамолко и Августина“
Мата во „Нажалена фамилија“
Господ во „Утешение грешним“
Гласникот во „Електра“
Благој и Хор во „Џинот и седумте џуџиња“
Улога во „Време за сонување“
Бридоа во „Одам на лов“
Духот на Едип во „Антигона“
Господ во „Скапоцена нива“(Грешните се утешија)
Унпрофорец во „Грешните се утешија“
Артемиј во „Ревизор“
Талтибиј во „Хекуба“
Кољо и Оро Вампири во „Килиба“
Д-р.Ломбарди во „Арлекин-слуга на двајца господари“
Хефајст во„Прикованиот Прометеј“
Полоние во „Фортинбрас е пијан“
Старец во „Ифигенеја во Авлида“
Дедо во „Соната во а-мол“
Кадмо во „Бакхи“
Киро во „Четириесет маченици“
Томе во„Сердарот“
Попот и Ѓаволи во „Патенталија и Тентелина“
Чесниот човек и Хор во „Плутос“
Василие во „Радован III-ти“
Џелатот во „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“
Степан Степанович Чубуков во „Брачни понуди“
Џон Фримен во „Четвртата сестра“
Тиндар во„ Орест“
II Ѓраѓанин во „Жени во народното собрание“
Бонфоа во „ Вообразен Болен“
Милисав во „ Сомнително лице“
Макс во „ Враќање“
Диманш во „Дон Жуан“
Гатачот во „ Птици“

ИГРАНИ ФИЛМОВИ :

Јас сум од Титов Велес
Проколнати