Стево Спасовски (1940–2008)

 

 

images
Скопје, 31 март 2008 – На 68-годишна возраст во Скопје почина истакнатиот македонски актер Стево Спасовски. Својата речиси петдецениска впечатлива кариера ја започнува на сцената на Македонскиот народен театар (1960), а постојан член на Драмскиот театар е од 1964 година од каде и заминува во пензија.

Освен во театарот, забележителни успеси реализира и на филмското платно.

Стево Спасовски е впечатлива актерска појава. Тој во “своите” ликови внесуваше шарм кој ненаметливо и пријатно остануваа врежани во меморијата на вљубениците во театарот. Посебно пленеше неговата студиозност, одмереност и умереност во изразот што од вербално-психолошки аспект го правеше навистина посебна актерска и уметничка индивидуа. Овие карактеристики се својствени само на творци со изразита високопрофесионална етика и човечки предиспозиции.

Актерските остварувања на Стево Спасовски забележаа највисоко уметничко рамниште во делата од домашната македонска драматургија, но исто така и во претставите работени на текстови од светската драмска класика. Играјќи во скоро сите претстави на Горан Стефановски, доживеја голем успех на многу фестивали, гостувања, какви што се фестивалите во Нови Сад, Белград, Љубљана, Сараево, Софија, Вроцлав, Букурешт, Прага…

СТЕВО СПАСОВСКИ БЕШЕ РЕПЕР ЗА МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР

Мајстор кој со невидено минимални театарски средства создаваше театарска магија
„Местото на Стево Спасовски на високата македонска актерска пирамида треба да се бара на самиот врв. Тој импонираше со својата отмена, мошне шармантна, дискретна и речиси секогаш вдахновена игра, која му овозможуваше од претстава во претстава, од лик во лик, да постигне нови и уште поголеми цели. Овој мајстор на сцената ниту во еден миг не ги штедеше силите за да го постигне максимумот, иако можеби имаше причина за тоа поради здравјето. Едноставно, мора да се создава до последниот здив, сметаше Стево“. Со овие зборови на директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев, на вчерашната комеморативна седница одржана во неговиот матичен театар, беше испратен бардот на македонскиот театар, Стево Спасовски. Во сеќавањата на своите колеги, како што наведе Ѓорчев, тој ќе остане запаметен како актер „со вроден инстинкт, сестрана дарба и современ сензибилитет што му помогна да излезе од шаблоните на типично театарската игра“.
„Се збогуваме со човекот кој половина век беше репер за македонскиот театар и на кој му беше доволно да биде само актер… Стево беше мајстор кој со невидено минимални театарски средства создаваше театарска магија. Тој го имаше она што денес толку многу ни недостасува: упорност и силна верба во она што го правиме“, рече на комеморативната седница актерката Сабина Ајрула.
Секако дека со заминувањето на Стево Спасовски, македонскиот театар губи една сестрано изградена актерска личност и голем професионалец. Преку својот комплетен ангажман во театарот и на филмот, Стево Спасовски, несомнено даде голем придонес кон растот на македонската култура.
За својата специфична, препознатлива актерска појава тој бил повеќекратно наградуван со значајни признанија меѓу кои се издвојуваат: наградата „11 Октомври“ во 1983 година, две актерски награди освоени на МТФ „Војдан Чернодрински во 1987 и 1988 година, наградата „Климент Охридски“ во 1999 година, како и наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2001 година.

ПО СТАПКИТЕ НА СТЕВО СИНОТ И ВНУЦИТЕ

stevo-spasov-likovi