ТЕА БЕГОВСКА РЕЖИСЕР

 

Драги сонувачи!

Ако во природата на младиот човек е ентузијазмот и негова предодреденост е да се бори, вие двајца Борче и Кети – од љубов и за љубов направени, сте жив пример дека го носите во себе ентузијазмот на младиот човек!

Си бил еден човек. Тој човек ја барал суштината на човечкото постоење. Барајќи наишол на луѓе/нелуѓе, чувствителни/бесчувствителни, свои и никои, со став/без став, со лице/ без лице, со перде/ без перде, со маска/без маска, со мене/ без мене, со вас/ без вас…барал, барал и упорно барал…и секогаш кога ќе се уморел почнувал повторно од почеток, од нула. Човек/не човек, мое и твое, што е мое? Што е твое? Што е наше? Кој сум јас, кој си ти? Вистина/ невистина, лага и тага, не можам рекол, не можам да сфатам…Пак од нула, пак од почеток. Јас сум – ЈАС сум – Јас СУМ, ќе спијам…не, ќе станам, ќе барам, не…ќе плачам, не, не, не, ќе се смеам. Сега ќе одам да се погледнам во огледалото – Што сум јас? Кој сум јас? Ќе седнам, и така само ќе седам и ќе мислам. Мисли! Мисли, мисли, мисли! Не ми доаѓа. Не ми доаѓа мисла! Ќе си влепам шлаканица!  Се уморив – рекол. Добро. Од почеток, од нула, од самиот почеток ќе почнам. Се заљубил/се одљубил, се уморил/се кренал, паднал/се исправил, гледал во една точка/не гледал во никаква точка, сакал/не сакал, спиел/не спиел, јадел/не јадел…. и така секогаш и повторно и повторно и се’ и се’ од почеток и почеток. Така ние создавајќи ја секоја наша креација почнуваме од нула. Се чувствуваме недоискажани, недокажани. Театарот секогаш одново го кажува она што веќе е кажано. Исто како и во љубовта. Се’ е кажано, но и се’ треба повторно да се повтори. Каква суштина бараме? Ја нема. И ако ја има не е една, секогаш е своја, секогаш различна, посебна и важна за себе, постои и ќе постои само за себе. Во тоа е убавината. Убавината да почнеш од нула во создавањето на секој еден актерски МИГ, на секој еден МИГ од креацијата на режисерот. Мојот МИГ, твојот МИГ, треба секогаш одново и од почеток да биде создаден, да му се вдахне душа која само што не почнала да живее. Тоа СЕГА и ОВДЕ да се сфати и прифати како постоење, а не како нешто што МОРА да се случи. Присутност со око и со душа, со тело и со срце. И не постои друг пат, тоа е едниствениот пат.

Театарче нека биде овој човек и секогаш одново нека ја бара суштината и секогаш нека биде нова и свежа, своја и ничија друга. МИГОТ кој ми го пружате мене и на моите колеги со ова Наше Театарче е доволно голем и свој да ја потврди таа суштина по која трагаме сите.