Кон премиерата на претставата „ Франкенштајн # Алхемија на животот “, авторски проект на Лилиа Абаџиева во Драмскиот театар.
Што се случи со Лилиа Абаџиева и со Драмски ? Како да не се препознале меѓу себе ? Зошто?
Драмскиот театар зачекори во 2017 со премиерата на претставата „ Франкенштајн # Алхемија на животот “, одржана на 27 јануари . Како авторски проект, за кој ги потпишува драмската адаптација на романот на Мери Шели „ Франкенштајн или модерниот Прометеј“, режијата, музичкиот избор и кореографијата, се јавува докажаната бугарска режисерка Лилиа Абаџиева.Таа за прв пат постави претстава во Драмски, но не е непозната за нашата публика. Ја гледавме низ години на МОТ, со нејзините креации на Шекспирови трагедии : „ Хамлет “, Ромео и Јулија “ и „ Отело “, кои дојдоа од нејзината родна, а наша соседна Бугарија. Во МНТ, Лилиа Абаџиева ја постави „ Ромео и Џулиета “, во 2011 година, а во НТ Битола –„ Женидба“ од Гогољ, уште во 2006 година. И сите претстави поминаа одлично. Лилиа пленеше со својот пост модерен пристап, со своите смели концепти во кои андогиноста беше матрица по која се кроеја улогите и се преиспитуваа постапките и релативизираниот идентитет на современиот човек. Се насладувавме на нејзината инвентивност, повеќеслојност, на уникатната естетика и ангажиран пристап, што ги развиваше во своите театарски рожби, направени според моделот на германскиот експресионистички театар. Но што се случи со Лилиа Абаџиева и со Драмски ? Како да не се препознале меѓу себе ? Зошто?
Ќе тргнеме од текстот – драматизацијата. Авторски проект со реинтерпретација на туѓо дело во нашиот театарски контекст често е рискантен потег повеќе и од постановка врз слаб текст. И повторно зошто? Зашто често се губи суштината на зададената проблематика од авторот при изборот на мотивите по кои се работи. Така беше и овој пат. Драмската адаптација е сведена скоро на непрепознатливо читање на славниот роман на Мери Шели кој датира од 1818 година. Објавен е во Лондон анонимно и важи за прво научно-фантастично четиво воопшто напишано.
Од оригиналниот материјал се штрихани убиствата направени од суштеството – Аватар во верзијата на Абаџиева, кон братот, пријателот и вереницата на Виктор Франкенштајн, неговиот креатор . Па така, материјалот нуди малку конфликти, важни за динамичен развој на дејството. А, инкорпорирани се делови од творби на други автори, меѓу кои е Петре М. Андреевски, со својата поезија. Главниот наратив е насочен кон копнежот по љубов и припадност на современиот човек и на креатурата со светли магиски моки – Аватарот, отколку на неговиот судир со средината поради тоа што е различен од другите и затоа отфрлен. И прави злодела од освета. Резултатот е романтичарско- вознесувачка претставата која е допадлива , но лебди во воздух зашто недостасува подлабоко сценско понирање во поимањето на поинаквиот идентитет некогаш/денес . Естетиката ? Речиси и да не видовме ново знаковно решение на мизансцените низ движења, што Абаџиева ни го покажала во погоре наведените претстави. Се разбира дека секој режисер има препознатлив ракопис од кој црпи и го развива, но овдека немаше развој. Нејзиниот театар , каде говорот и емоциите се доискажуваат со движења , овдека не нуди новитети, а и тоа што е направено, актерите не го владеат целосно. Особено, кореографираните скокови и падови кои од нив бараат поголема пластичност, физичка кондиција и вештина. Вака како што ги изведуваат дури постои опасност некој да се повреди. И препорачувам да не се изведуваат. Но, нема опасност за Игор Стојчевски. Тој и емотивно и физички исцело го доловува ликот на добриот и страден Аватар, во потрага по сродна душа за себе . Стојчевски соработуваше со Абаџиева и на „ Ромео и Џулиета“ во МНТ, па веројатно и тоа искуство му помогна овдека, но и се виде дека тоа е театарскиот израз што му лежи..
Зоран Љутков како Виктор Франкенштајн, е точен во пренесувањето на емоциите и дилемите на човекот кој се обиде да биде Бог -креатор , но недостасува појавната трансформација. Билјана Драгичевиќ –Пројковска е инвентивна во својата гротескност, во сцените пред микрофон, но само толку. Забавни, полетни и енергични остварувања покажаа Соња Стамболџиоска , Благица Димитровска и Александар Степанулески, но нивните , како и останатите улоги во кои настапија Филип Трајковиќ, Димитрија Доксевски , Гордана Ендровска и Наталија Теодосиева, останаа недоискажани до крај, под диктатот на замислениот концепт на Абаџиева .
Сепак, делумно восхитува аудио и визуелното обликување на кое работеше Васил Абаџиев, соработник на Лилиа во повеќе нејзини претстави. Но зошто делумно? Затоа што неговите барокни костими со кринолини и женските фризури „ Мини Маус“ се исти како во битолската „ Женидба“, и „ Ромео и Џулиета“ на МНТ. Истото важи и за играта пред/со микрофон, што е иманентна за творечкото проседе на режисерката . Ново беше разбивањето на сценскиот простор на три плана, до зад сцената, поделени со транспарентни платна на кои се проектираат компјутерски генерирани слики на кои се прикажуваат состојби, сенки и други зумирани или не, реалистични и симболични прикази. Со тоа театарскиот е дополнет со филмски јазик, кој на претставата и дава флуидност и грациозност. И тука завршува креативноста. Ако на ова се додаде и фактот дека претставата е од програмата на театарот за 2016 година и дека со оглед на репутацијата што низ годините ја стекна Абаџиева во нашава театарска средина, на премиерата се чекаше со големи очекувања. Но од тоа што беше прикажано на затворената генерална проба, очекувањата останаа неисполнети.
Сотир Трајков.