Христо Петрески
***
Малески констатира, но и се прашува: Денеска веќе многу наши градски театри пречекориле барем со една нога отаде границата на дилетантизмот. Уште во почетокот при формирањето на градските театри кај нас се тргна во еден наопачки процес: без колку-толку образован кадар се отворија театри во речиси сите наши поголеми градови, а артисти?
Додека пак, Милчин изнесува мислење дека во Македонија треба да постојат само два театра и тоа само во Скопје и Битола. Тие театри би биле доволни да ја покријат целата територија на Републиката преку повремени гостувања (?!). Милчин бил претставник на Здружението на драмските уметници на Македонија.
При расформирањрето на поголемиот дел од градските театри имало најразлични идеи и ветувања, анекои од нив биле и следните: Македонскиот народен театар да прерасне во куќа што како матична ќе го помага развојот на драмскиот аматеризам и ќе ја покрие потребата за театарски претстави во СРМ наместо постојните професионални театри; понатаму, да се основа постојан подвижен патувачки театар што ќе ја обиколува Македонија и слични други предлози, табуа и небулози.
Притоа, како да се заборавило на основната вистина и премиса: дека полесно е да се руши отколку да се гради, па театарската елита сакајќи да биде спокојна, единствена и мериторна, всушност, самата си ја пресекла сопствената гранка, го прекинала и уништила подмладувањето и творечката и креативна обнова, за сега (неколку децении подоцна), за среќа, повторно да се обновува она што претходно брзоплето, не докрај промислено и аргументирано, експресно и безпоговорно било забрането, односно укинато и затворено.
Новите драмски и театарски ветришта веќе дојдоа од Охрид, сега започнуваат да дуваат и од кај Гевгелија, па да се надеваме дека и во Тетово повторно ќе проработи македонската театарска сцена, но и во Кочани каде има солидна база и услови, бидејќи со години по ред таму се одржува Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.
Од канџите и списокот на понижените и обесправените, веќе одамна се ослободи Театарот во Велес, па сега остануваат уште Гевгелија, Кочани и Тетово, но зошто да не и другите поголеми градови во Македонија – повторно да основаат и имаат свои театарски куќи, активен и вистински театарски живот и атрактивни современи театарски претстави…
Сонот ќе заврши и ќе се обвистини, тогаш кога пролетта на македонските театри во внатрешноста повторно ќе стане долга и вечна, но и кога завесата нема да биде насолзена, туку ведра, насмеана и среќна, а работата на театрите со богат, содржаен и квалитетен репертоар – спокојна, обмислена и независна, односно самостојна, плодоносна и бериќетна!
Публиката, како неизоставен и интерактивен чинител, тоа го очекува и заслужува…