Тихомир Стојановски
КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
Примерот го давам за да се спореди самиот живот со театарот кој длабоко во себе ја има потребата да го одигра животот, да го дообјасни, да го толкува, да го режира, подреди по сценски редослед. И нели знаеме во секојдневието да кажеме дека некој “драматизира”, кога сака да ја потсили емотивно ситуацијата или да í даде нова возбудливост. Кога ги пренагласува зборовите и чувствата. Во животот нé учат да бидеме, умерени, да нé викаме, да нé се возбудуваме, да ја задржиме присебноста. Но, во театарот ако така се однесуваме на сцената ќе дојдеме до котата на здодевноста. Во театарот за да се одржи вниманието и да се раскаже приказната со сценски средства е потребна неумереност. И оттаму доаѓа терминот драматизирање. Пренагласување на доживувањата. Нагласени зборови и гестови. Повисок тон. За во театар. Како урнек за разликата меѓу животната и драмата во театарот. Или со други зборови кажано згуснати чувства, настани, време. Поинтенизвни и подраматични отколку во секојдневниот живот. И во двете драми, животната и театарската, има приказна, дејство, учесници и набљудувачи. И напишана приказна. Нашиот народ би рекол “така му било пишано”, кога се случило нешто убаво или лошо. Тоа метафорично би значело дека и во животот имаме однапред напишана драма. Или судбина или карма од која не се бега. Која треба да се одживее и одигра. Небаре сме сите актери во големата животна драма.
“Од пишаното не се бега”, уште една реплика од животната драма која постојано ја повторува народот. Значи имаме пишани, запишани слова. Нели, книгите ги запишуваат луѓето да останат во паметење. “Историските книги ги пишуваат победниците”- е една фраза, синтагма која ја знаеме речиси сите. (Исто така, таа реченица е како реплика од животната драма, која одвреме-навреме ја повторуваме како искуство од предците). На македонскиве простори има многу напишана историја која е спротиставена една наспроти друга. Истории, небаре како драмски дела кои опишуваат исти настани со други зборови, реплики, податоци. Цивилизацискиот парадокс на животот за македонската литература и култура, станува како една голема драма, комедија и трагедија истовремено, дури и денес од одредени научни кругови имаме негирање на македонската култура (во 21 век?). Небаре езгистира еден нов театарски вид длабоко сврзан со самиот живот, но не само театарски – трагедија дел арте. Нов жанр во кој една иста приказна се раскажува пред гледачите, слушачите, читателите од поинакви агли и чинители. Изрежирана од поинакви режисери. Како чинови од драма, која има едно именување, а различни чинови, драма која не е завршена, затоа што се едначи со самиот живот. Како приказна која од оваа страна на Пирин Планина и од онаа страна на Пирин Планина е различна. Или од нашата страна на Олимп и од нивната е поинаква? Наша и нивна вистина. Одлична приказна за драматизирање. За театар. За родение на добра театарска претстава. Или уште еден показател колку се допираат театарот и самиот живот. За да се знае дека Македонија е една голема драма. Драма, која сé уште трае како култура и духовост и покрај сите “драматизирања” кон неа. Како уште еден чинител за длабоката врска на земјата и сцената. За нејзината театарска врска. За местото на кое се среќаваат премрежијата на современието. За да не остане општо познатото дека театарот е само “место за гледање”. Секако имаме учество и на актерите и на гледачите во добрите драми. Личен влог во сцената уметност. Или емпатија, доживување на чувствата на актерите како свои. Кога некоја добра претстава, сцена, монолог ќе нé доведе до солзи или до восхит, до “катарза” како што запишал македонскиот учител Аристотел. До прочистување за да нé направи подобри. Да нé смени и да нé натера да се спознаме себеси. Како чин на елитност кој нема да стане, да се преобрази во масовен, во пазарен, комерцијален тип за да се загуби себе си како духовност и културна вредност. Да се загуби себе си со првичниот духовен импулс на создавањето и уменоста.