Зора Георгиева, првенка на НТ „Антон Панов“ во Струмица. Родена е на 26.04.1935 година. Од 1953 до пензионирањето во 1996 работела како актерка во струмичкиот театар.
Има одиграно над 150 улоги, меѓу кои :
Живка во „Госпоѓа министерка“, Коринкина во „Без вина виновни“, Ана во „Дневникот на Ана Франк“, Тања во истоимената претстава, Бланш Дибоа во „Транвајот наречен желба“, Нина во „Галеб“, Ели Меј во „Тутунскиот Пат“, Баба ни Ева во „Векутума века или Житие Адамово“, Маша во „Три сестри“, Јацинта во „Соблазна во Шентфлоријанската долина“, Кончита Паченко во „Големата награда“, Аманда во „Стаклена менажерија“, неколку монодрами, Андромаха во трилогијата „Вечна игра“ од акд. Митко Маџунков во режија на Бранко Ставрев, која влезе и сега во подела со истата улога за 65 годишниот Јубилеј на НТ „Антон Панов“ со голема енергија но од здравствени причини не остана до крај.
Добитничка е на лауреатите на Театарските игри „Војдан Чернодински“ во Прилеп за улогите: Тања (1967): Бланш Дибоа (1970): Баба ни Ева (1974): Јацинта (1975): Андромаха (1987). Во 1988 година од ревијата „Екран“ беше прогласена за актер на годината. Во 1996 година ја доби наградата за најдобро актерско остварување на ФКТ „Ристо Шишков“ за улогата на Аманда во „Стаклена менажерија“. Трикратна добитничка е на годишната награда на СО Струмица и награда за животно дело на 36 МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2001 година.
НТ „Антон Панов“ ти го посветува 65-годишниот Јубилеј со премиерата „Вечна игра“ бидејќи Зора Георгиева и нејзината игра ќе бидат вечни во нашите души и сеќавања.
Починала во Струмица на 31 мај 2014 годин
Почивај во мир
Проштавање од Зора Ѓорѓиева
За сè си има време, вели Проповедникот, време кога се раѓа и време кога се умира, време кога се сее и време кога се собира посеаното. Се собравме токму во еден таков миг, најнесакан но, по раѓањето, и најважен во судбината на секој човек, мигот кога се завршува земниот живот. Застанати пред тајната што никој никогаш не ја одгатнал ниту ќе ја одгатне, стоиме во неверување пред тенката границата на световите, кога грстот фрлена земја го претвора постоењето во непостоење. Секој знае дека е тоа заедничка судбина на сите луѓе, но никој не сака да поверува во тоа, зашто нишките што нè поврзуваат со светот се толку силни! Овде живите се простуваат со оние што до вчера исто така биле живи, а чија судбина е сега во рацете на тие што останале: од тоа колку ќе ги помнат, зависи колку споменот за покојните ќе трае, зашто ова е моментот кога проживеаниот живот станува спомен и сеќавање.
Ова е моментот на збогување од Зора Ѓорѓиева во оваа огреана света недела.
Ова е моментот кога нејзиниот син Зоран ќе се прости од својата мајка.
Ова е моментот кога татковината ќе се прости со онаа што ја славела со игра и збор.
Ова е момент кога градот ќе се прости со својата актерска првенка.
Ова е моментот кога театарот ќе ги содере своите завеси и од нив ќе направи траурна облека.
Ова е моментот кога се собравме да се простиме со најголемата актерка што некогаш живеела во нашиот град.
Нема нужда посебно да се истакнува која беше и што во театарскиот живот на Македонија и на Струмица трајно ќе претставува Зора Ѓорѓиева. Можеме цел ден да набројуваме ролји и награди и пак да не ги доброиме. За неа никогаш немало нужда дури ни да се именува целосно: доволно беше да се каже Зора, па
да се знае за која Зора станува збор.
Во еден мој роман постои лик кој од далечниот свет праќа книги за село Попчево, каде што нашата драга Зора беше родена: сега дојде време тие книги таа да ги понесе со себе, каде и да отиде.
Судбината во овој тажен миг нè собра околу нејзиниот одар и нас кои бевме нејзини соработници и почитувачи, и Бранко Ставрев, кој ѝ беше главниот учител, како што секогаш зборувала, и целиот театарски ансамбл со кој одигра толку многу претстави, и нејзината верна публика, и мене чии ликови ги оживеа, станувајќи незаборавна Андромаха и Баба Фима и Верѓа и Ленче и Георгина. За жал, не успеа да ја одигра својата последна планирана ролја во Вечна игра.
Зошто со таа Вечна игра, уште кога ја почнавме пред скоро триесет години, работите станаа толку драматички, зошто дождовите што врнеа во пиесите мораа да го поплават светот, никогаш нема да се разбере. Александар Думов не успеа да ја заврши првата претстава од таа низа, а Зора Ѓорѓиева не успеа да ја заврши последната. Така почетокот и крајот се допреа. Додека се играше Сенката, Зора ми рече дека многупати му се молела на Бога на самата сцена, да му даде сила на Думев да ја издржи претставата до крај, а потоа и другата, и третата. Така и ние верувавме дека претстојната премиера нема да помине без Зора. За жал, таа си замина спроти мртвен, како што порано си заминаа Александар Думов, Стојан Гогов, Кирил Здравески, Мери Бошкова, Љубица Пипиревска, Ристо Костов – суштински дел на екипата со која ја почнавме „вечната игра“. Со Зора, тоа е цела една плејада која, освен Мери, почива токму на овие гробишта, испратена не само со посмртниот марш на Фредерик Шопен туку и со песната „Ќе се качам на коработ“ која излезе од претставите за да стане музички знак за проштавање. Тие заминаа, но, каде и да се, не се далеку од нас.
По смртта на Александар Думов, Зора Ѓорѓиева не еднаш ми рекла дека, кога ќе видела врапче застанато зад прозорецот на театарот, си мислела дека е тоа Думов кој нè гледа и го наслушнува нашиот разговор. Сега на тоа врапче, на тоа јато врапчиња што од Пуста земја летат кон родниот дом, им се
придружи и Зора Ѓорѓиева. Иако времето на качунките помина, а и минделите над Водочкиот манастир прецфтеа, тие „врапчиња“ сè така стојат по гранките околу нас и нè потсетуваат дека светот на живите не би имал никаква смисла без нивната песна, без она што тие биле, без она што го создале и без она што трајно го оставиле на светот.
Драга Зоре,
Ти благодарам за насмевката со која ме пречекуваше. Претставата што не успеа да ја одиграш ќе биде одиграна во твоја чест и ќе ти биде посветена, сега и засекогаш. Кажи ми на разделба само едно: зошто во сите пиеси во кои играше толку сакаше да плачеш? Дали затоа што е тоа многу лесно или затоа што е тоа мошне тешко? Можеби затоа што во оваа Долина на плачот нема доволно солзи што ќе ја истажат и исплачат нашата мака? Или затоа што му веруваше на Проповедникот, со кого почнавме па и да завршиме со него, кој вели дека „жалоста е подобра од смеата, зашто кога е лицето тажно, срцето станува подобро“.
Ти благодарам за она што беше, и нека те помнат по твојата добрина оние што останаа да те заменат, додека траат театрите.
Нека ти е вечна слава, почивај во мир!