КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

 

Тихомир Стојановски

Но, да се вратиме на запишаните македонски обичаи кај Таневиќ5. “…Кога ќе се отпочне работата се вели: Госпуди поможи! …или Аирлија зафашкање… на што другиот одговара со Амин…”.

Го давам овој пример, за да се види како обичниот човек пред само 150 до 200 години го започнувал денот и работата. Во самиот чин имаме утврдени зборови кои се кажуваат како научени реплики од некоја драма, секако имаме верба во Бог и обраќање кон Бога за да тргне работата. Од еден религиски, верски чин, обраќање кон Господ, се преминало во народен адет и култура во секојдневието. Самиот чин во себе има театарски код. Драматичност и причинско-последична поврзаност. Обраќање кон Бог. Молба. Верба. Доследност и континуитет кои секојдневно се повторуваат. Можеби само еден пример дека вербата во Бога и народната култура се надополнуваат. Секако, ако го анализираме дејството на повторување при утринското станување (будење) ја имаме допирната линија со сценските дејства. Во зборовите има голема драмска енергија, емотивен набој, желба, обраќање кон повисоката сила, степен на духовност и секако очекување работите да се случат. Пред почеток на приказна со новиот ден. Или прв чин. Први реплики. Први дејства секако врзани со верата. Небаре со изгрејсонцето се крева завесата во животниот театар. Во животот. Кој е исто така сцена. Како што јас ја нарекувам “мајката сцена”. Женски род. Како и мајката земја. Родилка. И не случајно се вели дека “театарот се раѓа и умира секоја вечер” за време на претставата. На тоа се мисли на актерот. На самиот човек. Дека секоја вечер се раѓа и умира на почетокот и на крајот на претставата. Или како што запишал народот “нов ден, нов кÄсмет”. Реплика од животот кон сцената. Кон “мајката сцена”. Кон сите нас. Допир на театарот и животот повторно. Таму некаде на меѓникот на театарската и животната сцена.Велми ние можеме со денови да даваме споредбени примери за врската на театарот и животот. Фала му на Господа во народната македонска култура се останати голем дел од постарите адети во кои јасно се гледа феноменот на театарот, неговото присуство, како игри, дејствија, преоблекување и преправање во други, или како народно-религиски игри по наменски поводи за измолување на дожд, како длабока потреба, нужда да се одигра самиот живот, да се подражува, имитира, за да се разбере и спознае во себе. И низ себе. За да се биде силен. Силен-втрховен учител на Дионис. Но, за тоа понатаму. Дојдовме до точката и потребата да се одигра самиот живот. Да се имитира тоа што го молиме од повисоката сила, од Господа. Да се драматизира. Да се дејствува. Да се обидеме да се сретнеме со Бога, да бидеме дел од него или да бидеме со него. Се разбира претходно собрани заедно во тој чин. Вербата во Бога од точка на елитност (посветеност во мистериите и обредите) и секако сопствен избор до масовен собир и масовност (наметнатост од други). И ете уште една од точките кои ја одредуваат длабоката природа на сцената. Место за средба. Средба со себе, со своето време и со својата култура. Со сопствениот народ. Покрај она познатото “место за гледање” слободно можеме да додадеме и “место за средба” како одредница за театарот. “Нејсе”.