КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

Христо Петрески

5.

Културно-уметничката активност и, во тие рамки, драмскиот аматеризам во Охрид главно започнал и се развивал во и преку дејноста на: Пливачко-веслачкото спорстко друштво Југ, Противпожарното друштво, Културно-уметничкото друштво Билјана, Културно-уметничкото друштво Вал (Бран), како и Драмската група на Гимназијата.

Градскиот народен театар – Охрид бил основан на 1 јануари 1949 година. Започнал професионално да работи со шестмина, а на крајот од годината веќе имал вкупно единаесет вработени лица. Негова прва премиера била Кир Јања во режија на директорот Ѓоре Боче, кој ја играл и главната улога. Во претставите играле: Лазо Арсовски, Сотир Димитровски, Радмила Златковиќ, Правда Илиќ, Благоја Кичеец и други. Во Охрид, пак, гостувале: Димитар Ќостаров, Петре Прличко и Тодор Николовски.

Градскиот театар во Охрид постоел шест години и повремено организирал гостувања и турнеи во: Струга, Дебар, Кичево и Ресен, како и селата од охридската околина.

Во овој театар се подготвени и прикажани домашните текстови – пиесите Милка од Борис Бојаџиски и Продадена од Радослав Петковски.

Инаку, во заклучокот на својот мал серијал текстови посветен на затворените театри во Социјалистичка Република Македонија, авторот Ристо Стефановски посебно подвлекува дека напоредно со напорите во обновата и изградбата на разурнатите градови и села, патишта и железнички линии, мостови и стопански капацитети, започнало основањето на низа нови институции. Меѓу нив посебно внимание им се посветувало на оние од областа на образованието, културата и уметноста. Ваквата ориентација придонела кон театарската дејност да се гледа со посебен интерес. Впрочем, нејзе ñ беше доделена историската задача да го афирмира живиот литературен македонски јазик, кој со децении и векови бил оспоруван, омаловажуван, негиран. И така на полето на театарската уметност во секој град, во кој живееле и дејствувале дури и по неколкумина вљубеници на драмската уметност, дошло до обновување на драмските групи и секции, до нивното пообмислено конституирање и организирање. Во исто време градовите што имале подолготрајна традиција во одгледувањето на драмскиот аматеризам, пристапиле и кон формирање професионални театри. Притоа, тука свој придонес имала и недокрај диференцираната културна политика во однос на театарот, која често била обременета со нереални и субјективни сфаќања, а кои им оделе на рака на ваквите тенденции – нагласува Стефановски.

Во низата причини, што подоцна придонеле вака основаните театри да започнат да се рушат како кули од карти при првиот посериозен налет на тешкотиите, во прв ред спаѓале кадровските, материјалните и просторните. Така, речиси ништо посериозно не било направено ниту преземено во стручното оспособување на ангажираните кадри, и покрај тоа што добро било познато дека мнозинството од нив биле не само без соодветно, туку и без какво и да е друго поголемо образование. Многумина покрај актерската работа се занимавале не само со режија, сценографија, костимографија, музичко опремување и т.н., туку и со мануелната ангажираност.

Поради овие и други причини – сî позабележливо слабеел изворот на репертоарот, нагласува Стерфановски, но и квалитетот на претставите, но свој рефлекс има и појавата на радиото и телевизијата кои постапно навлегуваат во сите домови и театрите во помалите населени места престануваат да бидат единствени носители на драмската уметност, како и организатори на културно-забавниот и културно-уметничкиот живот.