Скомрахи

 

 

Средновековни театарски форми

 

Средновековието како период според Енциклопедија Британика се определува како„период на  европската историја од пропаѓањето на римската цивилизација до почетокот на периодот на ренесансата“.

Средниот век во Македонија се дели на два глобални периоди. Првиот е претставен од три етапи: првата се однесува на X и XI век, кога се создавале основите на словенската писменост од светите Кирил и Методиј, а во Охрид се формирала Охридската книжевна школа на светите Климент и Наум Охридски. Во втората етапа Македонија е под директно културно и духовно влијание на Византија, додека третата етапа е одбележана од српското продирање во XIII век. Вториот глобален дел го означува петвековното турско владеење над Македонија од XIV до XIX век кога сета книжевност и култура се под влијание на турската империја.

Театарските форми кои се јавуваат за време на средновековието на почвата на Македонија се богомилските дијалози и обреди и скомрахите односно патувачките актери.

Кои биле скомрахите?

Скомрахите го претставуваат најавтентичниот театарски израз поради што формата, содржината и естетиката на нивната игра е неодминлив факт на македонскиот современ театар.

Според македонската енциклопедија, скомрахите се „наследници на севкупната античка театарска традиција, директни проследувачи на нејзините последни корифеи, мимичарите, почнувајќи од деветтиот век,  овие занаетчии кои вештината на забавувањето ја имаа развиено до совршенство, низ Европа се нарекуваа жонглери, мајстори-пејачи, шпилери, хистриони, скарамуши. Словенската театарска историја ги евидентира под името скомрахи.

Сцената на фреската „Исмевање Христово“ го илустрира исмевањето на Исус пред распнувањето кога практично се одвивала една народна забава која не можела да се замисли без скомрахите. За  скомрахите сведочи истата фреска каде се гледа дека тие се комплетни забавувачи кои  свиреле, играле, пееле, „глумеле“. Тие биле луѓе од народот кои се одделиле од учесниците на обредите и игрите. Главен херој на  нивните претстави бил весел и итар човек кој својата итроштина ја криел зад маската на глупоста. Настапувале на плоштади, улици опкружени од толпа луѓе со кои непосредно комуницирале и ги вовлекувале во нивната игра. Користеле различни маски, дури и животински. Се претпоставува дека дружината на скомрахите се состоела од двајца, четворица до дванаесет души. Во однос на изгледот  на скомрахите, се разликувале две групи: музиканти, облечени во традиционална облека од тоа време и „глумци“ облечени во одори со многу долги ракави карактеристични за патувачките актери. Продолжените ракави активно учествувале во танцот и играта на скомрахот, со нив се акцентирало дејството, се одделувале одделни елементи на говорот и дејствувале како реквизит при танцот. Исто така мора да се напомене дека занаетот на скомрахите не бил екслузивитет на мажите зашто на фреската од црквата Св.Ѓорѓи се гледа и жена која свири на дувачки инструмент.

Кај народните актери во сите европски земји во средниот век се јавуваат и шапките кои биле со еден или со три крака и на врвот на краците украсени со ѕвончиња. Палката била втор најважен атрибут на шутот, таа била дрвен жезол, чиј горен крај завршувал со глава на насмеан шут. Палката се среќава во прастарите пагански обреди како Коледе. Палката кај скомрахите се користела за прикачување на подароците од гледачите, но и како реквизит при играта. Магиската функција на палката во играта на скомрахите го прикажувала стравот на средновековниот човек од магијата и непознатото.

Играта на скомрахите се базирала на импровизација и индивидуално мајсторство во изведување на севозможни песни, танци и ора. Тематски претставите биле разнородни каде преку гротескноста и пародирањето се исмевале црковните учења или поведението на погорните слоеви на општеството. Танците биле слободни, дури и еротизирани. Преку нив се огледале древните ритуални танци кои со текот на времето се трансформирале и ги задржале основните магиски функции.

Главна и најзначајна карактеристика на скомрахите била слободата. Ослободеноста од сценската ограниченост, од моралните стеги на времето, физичката подвижност како и динамичноста и изменливоста на дејството, неговата прилагодливост на публиката и поводот за игра. Истата таа слобода кон која се стреми македонскиот современ театар била втемелена од нивните генијални претходници СКОМРАХИТЕ…

подготви ЈОАНА ШИШКОВА