Мите Грозданов ќе ме расцепеше на две со сабјата

 

Реминисценција: Марин Бабиќ Гермов:

Кога станува збор за најинтересните случувања и „приказни“ од театарскиот живот во Македонија, една ќе остане засекогаш запаметена, на која деновиве се потсети, и ексклузивно ја споделува со читателите на нашиот портал, македонскиот театарски бард Марин Бабиќ Гермов.

Човекот- енциклопедија, кој поминал се и сешто, видел што се не, доживеал нешта ко за повеќе животи, сепак, во еден здив раскажува како за малку ќе му летнела главата, од острата сабја на Мите Грозданов, и дека и ден денес таа „сцена“ не може да ја извади од глава..

Еве за што станува збор:

-Беше тоа во минатиот век, не паметам која година, ама знам дека беше во време на златните години на детскомладинската сцена во Драмски. По „Чук, чук Стојанче“, „Баш Челик“, „Џон Пиплфокс“ дојде на ред и Шекспир. Авторите не ги знам ама се сеќавам дека беа маж и жена и се викаше „Шекспир во приказни“.

Коле Ангеловски, режисер на сите претходни претстави, ги одбра „Сонот на летната ноќ“

Во „Сонот…“ го играв ѕидот ( се смее), а во „Макбет“ го играв Макдаф, крвниот непријател на Макбет, кој го играше Мите Грозданов, а тој тогаш пукаше од сила и енергија.

Имено, во претставата имавме сцена на мечување. Јас бев супериорен во мечувањето, бидејќи на Академија професор ми беше учителот на Романови. Арно ама, кога ни ги донесоа сабјите се извадив од памет. Ги донесе Ванчо (Петрушевски), донесе и една цепаница и само ја спушти сабјата врз цепаницата и таа се преполови и ни рече: „Еве да си знаете што држите в раце!“.

Јас ја зедов едната и раката ќе ми отпаднеше од тоа колку беше тешка, а Мите, тој ха ха ха ха,, немаше гајлле. Ја зеде со една рака и почна да ја витла на сите страни. Вежбав секој ден по неколку часа, плус и на пробите, за да можам да се справам со сабјата бидејќи победникот требаше да бидам јас. И… И, успеав. Направивме кореографија и ја доведовме сцената со мечувањето толку верно, речиси до совршенство. Дојде денот кога требаше да гостуваме на детскиот фествал во Шибеник. Тоа беше светски фестивал. Дојде денот, дојде претставата, почнавме да ја играме, дојде сцената на мечувањето. Под нас мермер, ние витламе со сабјите, со врвовите го закачуваме мермерот, искри летаа, ја почувствував публиката како тоне во седиштата. И се си течеше супер се до моментот кога Мите погрешно ја постави сабјата и јас напаѓајќи му ја превиткав и се најдовме во небрано. Мите присебно ми рече покажувајки со рака- еден момен!… и со нога ја исправи сабјата и наместо да продолжиме таму кај што застанавме, односно јас да напаѓам, тргна Мите да мава, сфати дека ја утнал, го фати паника и со уште поголема силина почна да мава со сабјата. Благодарение на Академијата спасив глава, а бев готов, иако не беше така во претставата, да легнам и да кажам дека се предавам. Дади, Мешко, Ванчо, Гоце…….сфатија дека ѓаолот ја однесол шегата дотрчаа на сцена го фатија Мите и така јас успеав да го победам!

Валентина Ѓоргиевска Парго