КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

Но, процесот на расформирањето на театрите бил забрзан и со присутните, често тенденциозни тврдења дека театрите во внатрешноста не се дораснати да се занимаваат со вистинска театарска дејност(!?).

За Охридскиот професионаслен театар, кој постоел и работел од 1949-1954 година, подетално и поопширно пишува во книгата Насолзена завеса од Благој Г. Кичеец, кој за чинот на затворањето на Театарот и неговото укинување во поглавјето Почеток на крајот ќе забележи: Првите месеци од 1954 година проструи вест дека театрите во внатрешноста на Македонија ќе се укинуваат. Ставот на Републичкото собрание бил театрите да постојат на аматерска основа, па по решението на Народниот одбор во Охрид е одлучено во иднина во театарот да останат само две платени лица, кои ќе се грижат за развивање на дилетантството во градот.

Градските татковци го сакаа театарот, но грешката се подгреваше од оние кои во театрите во внатрешноста гледаа некаква нивна конкуренција. Карванот кој тргна во доволно непромислена акција на 28 мај 1954 година прво почна во Велес, за потоа да продолжи низ другите градови во Републиката каде постоеја професионални театри. Во меѓувремње, во печатот се појавуваа написи кои ñ одеа на рака на идејата – укинување. За тоа на 23 мај 1953 година во Нова Македонија беше објавена изјавата на писателот Владо Малески, а во истиот весник во првите месеци од 1954 година се појави напис и на Илија Милчин.