ФЕДЕРИКО ГАРСИЈА ЛОРКА

СВЕТСКИ ЛЕГЕНДИ:

Љубовник на гитарата и смртта…

“За мене мечтата е синоним за умешноста за откритие. Да се сонува, да се открива, да се осветли со едно зракче на трепетлива полусенка, каде суштествуваат сите бескрајни облици и броеви, тоа е нешто! Но мечтата е ограничена со стварноста. Поетската имагинација патува и ги преобразува стварите, им ги дава своите најјасни чувства и ги одредува неочекуваните односи, но секогаш се служи со факти на најточната стварност…, ќе рече поетот Ф.Г.Лорка

Федерико Гарсија Лорка е роден на 15 јуни 1898 година во Фуенте Вакерос како син на имотен андалузиски земјопоседник. Студира книжевност, сликарство и музика што подоцна ќе дојде до израз во неговото бавење со сценската уметност-драмата. Патувал низ Шпанија но ја посетил и Америка, САД и Аргентина. Иако Лорка активно не се бавел со политика, за време на граѓанската војна бил стрелан во август 1936. Бидејќи бил помеѓу првите и најславни жртви на граѓанската војна, Лорка набрзо станува симбол на жртвите на политичките репресии и фашистичката тиранија.

ЗА ВОЛШЕБНИКОТ
Федерико Гарсија Лорка – да се говори за неговиот живот изразен во лирика и драма е скоро излишно бидејќи неговото дело, освен со љубовта и жарот е судбоносно поврзано со смртта како доживеана и претчуствувана, суштински врзана за духот на Андалузија и личната трагедија. Склоноста кон смртта, тежнеењето кон неа, но и трепетот од неа, делува само на некои творци. Кај Лорка на пример, таа е насликана како силен херувим со женствен лик и пердувести влакна од кои се наѕираат два црни рога со крилја “дуздисани” со паунови перја… Што се однесува до начинот и интенцијата за творештво самиот Лорка ќе запише: “Кога музиката ќе види дека стигнува смртта, таа ја затвора вратата или подига надгробна плоча, принесува урна и пишува епитаф со восочна рака… Ангелот кога ќе ја види смртта тој долетува и лесно кружи, врзувајќи со солзи и цвеќе елегија која се гледа како трепери… Вилинското коњче стигнува кога ќе ја види можноста за смртта. Ангелот и музата бегаат додека волшебникот ранува, а во лекувањето на таа рана која никогаш не се исцелува се наоѓа она што е необично, имагинарно во творештвото на еден писател. Волшебната моќ на песната се состои од вечната обземеност со волшебникот, бидејќи со него е полесно да се сака, сфаќа, а со него е сигурно да се биде сакан и сфатен… Вака поетот Лорка ја објаснува својата тајна на поетското со помош на волшебникот, што ја чини неговата поезија многу поинаква и поинтересна од кое и да е друго вилинско пеење (на пр. на По или Бодлер). Токму ваквото пеење му носи предност на лиричар, кој ги надраснува локалните рамки кои за навек ја величи гитарата, кој во класичната романса внесува и гради фолклористична кула поткрепена и базирана на учен стил…

НЕМОЖНОТО ДА СЕ СТОРИ МОЖНО
Лорка никогаш не барал закони и формули, препуштајќи им го тоа на критичарите и естетичарите, особено околу утврдувањето на вечно колебливото: “Поетската вистина е израз што се менува зависно од тоа како и колку се менува содржината на она што се говори. Она што е светлоста кај Данте може да биде грдотија кај Маларме…, ќе рече еден од обновувачите на култизмот со корен кај народот и образование за да се напише еден “Цигански романсеро”.
“За мене мечтата е синоним за умешноста за откритие. Да се сонува, да се открива, да се осветли со едно зракче на трепетлива полусенка, каде суштествуваат сите бескрајни облици и броеви, тоа е нешто! Но мечтата е ограничена со стварноста. Поетската имагинација патува и ги преобразува стварите, им ги дава своите најјасни чувства и ги одредува неочекуваните односи, но секогаш се служи со факти на најточната стварност… Од овој аспект мечтата е сиромашна, а поетската имагинација уште повеќе… Затоа лиричарот кој сака да се ослободи од имагинативното и да не живее исклучиво од слики кои се создадени од стварни предмети, престанува да сонува и да посакува. Тој повеќе не посакува, тој сака. Преминува од мечтата кое е дело на душата во вдахновение, кое е состојба на душата, преминува од анализа кон вера. Овде работите се создадени сами по себе, без последици и причини кои може да се објаснат… Но сепак треба да се радуваме бидејќи поезијата може да ги избегне студените канџи на разумот…”

ПЕСНАТА САКА ДА БИДЕ СВЕТЛОСТ
Константно музичко образување од детството до младоста, како и пријателството со гранадскиот маестро Мануел Де Фаља бездруго влијае на истенчување на чувствителноста на Лорка и на склоноста кон музичкиот поглед на светот. Во негово прво прозно дело “Впечатоци и предели” плод на романтичното патување низ Шпанија, раскажува (пее) со сложено набљудување и со “обоен слух” објаснува: “Сонцето се крие и од брдото се прелеваат бескрајни водопади од музички бои кои кадифесто се спуштаат над градот и горските венци и се стопува музичката боја со звучните таласи: Се ѕвони со мелодија, старинска тага и плач.
Халуцинантно музичката сликовница е бездруго неверојатно впечатлива, потреба на преосетливиот уметник за обогатување на еден осет со друг, синестезија која доведува до израз на чиста лирика… Затоа, и потоа музичарот во своето понатамошно создавање ќе ги доживува гласовите посебно, сликарот ќе ги наслушнува боите… а со напрегањето на сите чувства сликата на впечатоци ќе стане крајно неочекувана, врв од согласност на мирис, боја и звук. “… Стеблата ткаат ветер, а розите го бојат со мирис…” или гласот му имаше/нешто од морето без светлост – и исцеден портокал…
Мора да се признае раскошно видување на светот, благодарение на извонредно даровита зрелост…

ИСПОВЕД НА ДЕТСТВОТО
Доколку поетското искуство потекнуваат од роднокрајското вдахновение од детството кое страсно и голо лута низ ливадите и долините плодни во горското подножје, тогаш Лорка со задоволство се впушта на својата волја и на: “Древната детска душа/зрела од бајки…” од која со распеаноста на потоците навираат дијалози чедната и истенчена наводна чувственост поддржана со сликовити и ведри припеви…

ДЛАБОКИТЕ ПАТИШТА НА ГИТАРАТА
Плачот по неповратно загубеното – љубовта, среќата, животот – Лорка го сведува на суштината на патетиката преземена од песната која како рана пече на грлото и јазикот на поетот… Таква на пример е “Поемата канте хонда во која опишува шест нескротливи жици кои звучат како липтање на изгубените души”…

КАКО НАСТАНА БЕРНАРДА АЛБА
Драмата “Домот на “Бернарда Алба” е бездруго една од најубавите и најиграните пиеси на Ф.Г. Лорка, која и до ден-денес го наоѓа своето место на светската театарска сцена. Еве што раскажува Лорка за тоа како настанала: … Недалеку од Граната во селото Валдерубио во близината на нашата куќа живееше една госпоѓа Бернарда, вдовица која беспоговорно и насилнички бдееше над своите немажени ќерки. Никогаш не сум им се обратил, но ги гледав како поминуваат покрај мене како сенки, секогаш молчеливи и секогаш во црнина… Така настана “Домот на Бернарда Алба”…

ПРЕЛУДИИ НА СМРТТА
Уште во 1934 година поетот како да го насетува својот близок крај. Таа година може да се нарече година на плачот, бидејќи од повеќето стихови тогаш напишани или објавени избиваат солзи и нагонско претчувство за неминовното. “Плачот и песната за малата смрт”, особено ги експонираат чувствата на безнадежност, наспроти изобилството на животот… Најголемата подвоеност на Лорка околу смртта се гледа кога тој ја отпејува погибијата на својот пријател Санчез Мехијас. Во исто време се појавуваат и исконскиот страв над крвта на ближниот, но и страв од сопствената крв која многу наскоро ќе протече по пустите полиња близу Гранада. Имено, така тоа го чувствува вечниот љубовник на смртта, никогаш спокоен, никогаш вистински упокоен. А мртвата Шпанија останува да живее со неговата животворна, развиорена леснокрилна песна…

Подготви: Борче ГРОЗДАНОВ