Тихомир Стојановски
***
Во горната едноставна дефиниција општо прифатена како почетна кота на театарот ја нема македонската култура. Односно ја нема “народната” и “обредната” (религиската) драма. Нé нема нас. Станува збор за настанување на грчкиот театар. Секако би требало да дојдеме до котата на создавањето на македонскиот театар. Или на театарот во Македонија. Како лик, културна појава, духовна вредност која е избришана во животната драма. Од историската македонска драма. А, сметам дека во нашата култура има многу допирни точки со театарот, со драматизирањето, со славењето на Бога, со култот кон сонцето, со адети и обичаи, со дарување на леб и вино и молење на Бога, со народни игри, со зурли и топани, навли и кавали, сето она што на театарот му го одредува Дионисовиот принцип на победата на животот над смртта. На простувањето. Или за воскреснувањето. На длабоката потреба на нашиот народ да се слави и чествува за секакви поводи и за радости и за таги. Да се играат и пеат песните. Да се даруваат крвни и бескрвни жртви. Да се одбележуваат настаните. И минатите и идните. Да се слави и оддава почит и чест. Честиме со полна трпеза канејќи го Бога со пријателите за секакви поводи, свадби, крштевки, родендени, слави, со крвни и бескрвни жртви на трпезата и денес. Пеејќи, играјќи и веселејќи се слично како во древниот театар.
Но, за тоа ќе зборуваме понатаму, кога ќе зборуваме за религијата и народната култура. За духовната и народната култура и природата на театарот. За неговата елитност и масовност. За неговото распетие меѓу двете коти на елитноста и масовноста. За неговата патека од елитност кон масовност.
Како во драмска пиеса, историјата на македонскиве простори се менувала според тоа кој ја вледеел во одредени периоди на време, или ако сето тоа го замислиме како еден голем политички, историски театар во различните чинови, репликите и именувањата биле различни. И денес, на македонскиот полуостров трае големата историска македонска драма.
Спротиставени реплики, зборови, спорови за потеклото, присвојување, негирање, војни, омраза, насилие, обид да се завладее оној кој не е ист како нас, да се потисне обеси или, да се асимилира, пребрише… славење на иста историја, но со поинакво именување како во македонскиот случај и понатаму и понаваму во големиот животен театар на масовната култура. Не стивнува драматизирањето и драматичноста кога е во прашање Македонија и македонската култура.