Чикашките дамски сплетки со македонска димензија

ТЕАТАР

За мјузиклот “Чикаго”, лиценцирана светска продукција, за првпат кај нас, во МНТ – Скопје

Борче ГРОЗДАНОВ

Понекогаш она што се чини недостапно, недостижно или, пак, видливо саму преку електронските трансмитери може да стане и опипливо и видливо, во живо, наше и кај нас, ако за тоа се има волја, добра мисла и имагинација за естетското, убавото…

Сето ова, надополнето со неверојатна енергија, стана можно (дај боже и секојдневие?!) преку мјузиклот “Чикаго”, кој ни го овозможија и пружија МНТ, Наташа Поплавска, и шеесетината актери на сцената кои навистина се потрудија да ни овозможат уживање.

Приказната, онаа чикашка, за Рокси, Велма, Били, Ејмос, Мама Мортон… отсега е и наша, па така најиграниот бродвејски мјузикл на сите времиња кој ја одбележа четврта деценија од неговата прва постановка “прелета” од преку барата до кај нас, на Балканот во Македонија, неговото “китче мирисно”.

Пленеше зачудувачки добрата, екстремно точна координација на танцот со дијалогот, на сонгот со раскажаната приказна… За ова, покрај режисерот Поплавска која успешно ги развезува, ги поставува, но и ги држи сите сценски конци во раце, заслужни се и извонредно препејаните сонгови на Маја Павловска, кореографите Олга Панго и Ирена Лозинска, “џез учителката” Марија Димитријевиќ и Наташа Илевска, која го “помакедончи” Чикаго.

Ова е во контекст на приказната, во која се вплетени уметничките перформанси на Јелена Јованова (Рокси), Арна Шијак (Велма), Тања Кочовска-Павловска (Мама Мортон), Жарко Димоски – Били Флин, Ивица Димитријевиќ – Ејмос Харт и уште педесетина творци кои се “виновни# за насмеаните лица по дво и полчасовното уживање.

Јованова и Шијак своите веќе докажани таленти, освен во дијалошката форма ги потвруваат и во кабаретско-музичките точки било тоа да го чинат индивидуално или во двојка, или во група. Истото важи и за Жарко Димоски, кој за потписникот на овие редови е вистинско откровение, пред се, по својата универзалност и за Ивица Димитријевиќ, кој едноставно со знаење владее со (не само) кабаретската сцена. За музичките и актерски способности Тања Павловска – Кочовска алијас Мама Мортон се пишувало и говорело многу, но во Чикаго таа пленеше и со својата актерска луцидност, за што несебично беше наградена и со аплауз на “отворена сцена”.

Својата работа одлично ја завршија и церемонијал мајсторот Алекс Ѓеорѓиев, кој мошне умешно не водеше низ приказната, како и новинарката Мери Саншајн – Биљана Драгичевиќ – Пројковска како и Александар Михајловски со неговите функционално вклопени епизодни ликови, а и “дамите убијци# Биљана Јовановска, Тина Трпкоска, Нина Деан и Ана Стојановска беа вистинити ликови од Чикаго пред девет децении…

Би било неправедно да не се споменат и четириесетината млади творци од МОБ-хорот и балетот, како и инспиративниот оркестар од ФМУ под диригенство на Бисера Чадловска, која заедно со хор мајсторот Јасмина Ѓорѓеска и ја заокружија музичката слика која заедно со костимографските решенија на Александар Ношпал, а и сценските решенија – дизајнот на Емил Петров, го чинат големото колоритно театарско огледало, овојпат, блескаво!

По сево ова останува впечатокот дека Чикаго во МНТ не само што ве кани, ами и ве предизвикува да го видите!