За разлика од инкриминираната маѓија, театарската маѓија е работа на чувство и на ум. Таа не го нагризува хабитусот, таа прави да инфилтрираме во својот животен тек други души, други мисли, друга ероика, да завртиме спин на промисли чии демони премолчано се согласуваме да не прогонуваат до крајот на животот. Се занимаваме со театар во најразлични форми: на сцена, зад сцена, пишуваме за сцена, пишуваме после сцена … креираме за тоа парче простор кое иако многу легендарни театарски уметници го нарекуваат кралство, тоа е всушност само наша интимна и сопствена црна коцка – the holy black cube.
Кому припаѓа театарот?
На оние кои ги промислуваат новите простори и нивите значења во драмата, на оние кои во лингвалната битка наречена дијалог понираат длабоко до недоглед, на оние кои на сцената ќе му ја подарат својата емоционална крепост и својата вознесеност завлекувајќи се скромно во туѓа кожа. Театарот им припаѓа на сите кои со својата незапирлива енергија го пробиле четвртиот ѕид на најразлични начини и успеале да променат есенцијални состојби во реалниот свет. Театарот како духовна уметност знае кога треба да излезе надвор од зградите и да ги девастира идеолошките констелации. Театарот знае како да ја отвори вратата кога политиката мисли дека тој спие. Затоа, театарот најмногу им* припаѓа на оние кои циклично ги страдаат сите премрежија на ликовите кои ги толкуваат.
Кому не му припаѓа театарот?
Не им припаѓа на недостојните, на оние кои чекорат по сцената секогаш мислејќи дека чекорите се само нивни и ничии други, на самобендисаните помодари чии дилетантски прерогативи се вирусни пајажини дури и надвор од него. Не му припаѓа тој ни на лажните
самоповикани величини кои крекаат во блуткавата аура за чија светлина мислат дека е сончева, а таа и кога ќе се изгасне тие чувствуваат дека нешто им заблеснува. Тоа е всушност смртноста на нивното самозалажување. Не им припаѓа на сите оние кои се обиделе да ја употребат оваа ингениозна уметност за потхранување на својата болна себичност. И од двете места вистинската уметност неосетно ќе се извлече, затоа што на неизлечиви места не вирее ништо доблесно.
Човек секогаш низ своето животно патешествие прави своја рекапитулација, тргнува линија и излечкува заклучоци кои се често болни, но продуктивни.
Играјќи во Шекспировите трагедии ( Хамлет, Ромео и Јулија, Макбет, Ричард III ) се обидував да проникнам во филозофијата на страдањето, во феноменологијата на злото, во прамотивот на еротските недоразбирања. Шекспировиот контраст секогаш поттикнува на повторно преживување на сите ваши несреќи и неретко неговите реплики завлегуваат директно во порите на вашата интимна гама. Неговите комедии од друга страна ги* отвораат ситуации за кои веројатно ни самиот тој не помислувал, но за разлика од другите драматичари Шекспировите комедии ( Веселите жени од Виндзор, Сон на летната ноќ, Комедија на забуни, Мера за мера, Фалстаф ) се парадигматични, ситуациите се мултизначни и ве носат во простор кој ви е многу познат, но има многу што уште да се истражи во него. Шекспировата уметност ме вовлече во светот на комедијата од кој толку многу се плашев. Шескпир и Фејдо ми ги отворија вратите на комичните улоги (Болва в уво) кои никогаш нема да ги заборавам. Секогаш сум се прашувал колку современата драматургија делува врз нас актерите, а колку класичната? Имав среќа да одиграм голем број ликови и од класични и од современи автори. Современите драматичари секогаш ми поставувале замки, ме поттикнувале да трагам по нови поттексти, кон нови паузи, кон нови обликувања на ликовите, а парадоксално, класичните автори со својата цврстина, органика и многузначност ме поттикнувале да се обидам да вкусам од нивниот начин на постоење, да ги повикам воздишките, криковите, насмевките и она што ниеден актер во светот нема да го одигра како што треба – чувството на смрт. Грозничавиот Мрожек, саркастично мрачниот Бекет, ригидниот Дејвид Мамет, опасниот Булгаков, страстниот Лорка, меланхоличниот Чехов и рационалниот Пирандело ми го испревртија животот наопаку. Секогаш во грчевити предизвици, во тивки страдања, овие автори заедно со бесмртните Софокле, Фејдо, де Мисе, Дима, Ростан, Еврипид, Бокачо итн) ме тераа понекогаш да се сретнувам самиот себеси во време кога е најмалку потребно. И тогаш си помислувам дека актерите имаат свои двојници кои постојано ги следат, кои им се смејат од зад аголот, кои ги гледаат сонмичаво кога сакаат да сокријат нешто дури и од себеси, им ги крадат поттекстите, им ги запираат солзите и конечно ги исправаат пред неговото величество – публиката. Тука веќе нема бегање. Еднаш актер – секогаш актер.
На тоа сум помислувал гледајќи како фасцинантната Глен Клоуз својата тензичност ја генерира во сите делови од телото, дури и во бескрајно мултизначните поттексти играјќи ја Агнес во „ Деликатна рамнотежа “ на Едвард Олби, како својата нереализирана страст Питер Стормер во Госпоѓица Јулија на Ингмар Бергман ја излеа со страотни воздишки додека низ вратата ја слуша својата Јулија, како крикот на Лоренс Оливие како Лир носејќи ја мртвата Корделија прозвучува како да не е човечки (таква беше и забелешката на светската театарска критика),како клештењето на Гленда Џексон како Шарлота Корде во „Мара/Сад“ на Питер Брук звучи како симфонија на смртта, како тивкиот и ненаметлив Хамлет на Адријан Лестер ми покажа дека солзите се понекогаш најголема одмазда, како гротескните игри на Михаил Баришников и Виљем Дефо во „Старата Дама“ на Роберт Вилсон создаваа ситуации од кои застануваше здивот, како констернираниот Даниел Редклиф во „Сакатиот од Инишман“ на Мартин МекДона во режија на Мајкл Грандаџ донесе извитоперено суштество кое делуваше похармонично од сите други… гледајќи ги сите знајни и нејзнајни театарски џинови и континуирано превртувајќи го сето она што некој го напишал а јас сум го изговорил и она што јас сум го помислил, а не знаејќи за мене некој друг го изговорил. Актерскиот потенцијал се мери со страст и страдање, со желба и самопрегор. Конечно, верувам само во тоа дека актерската енергија е перпетуум мобиле, се регенерира секогаш кога мислиме дека сме ја исцрпиле. Дури и во доцните години, сите изговорени реплики ќе не напаѓаат како демони не дозволувајќи да се сетиме на она што сме го направиле вчера, туку на есенцијалните мисли, на недостигнатите поттексти за кои веќе нема шанса повеќе да ги изговориме.
Македонскиот театарски interregnum донесе многу респектабилни новини кои сериозно ќе ја замислат европската театарска мапа. На сцената зачекорија млади и сериозни театарски уметници, Македонскиот народен театар отвори една извонредна репертоарска гама која верувам дека допрва ќе има свои блескави моменти, а во Македонија веќе се создаде компетитивност во едукативна смисла со појавата на ЕСРА, новиот Универзитет за аудио визуелни уметности каде почесни доктори на наука се големи театарски и филмски имиња, универзитет кој рапидно чекори во високи едукативни дострели кога се во прашање аудио визуелните уметности.Она што е најесенцијално е тоа дека се формираа и нови театарски институции првенствено со жанровска определба (Театар „Комедија“) за разлика од мрачните времиња кога во ова мало парче земја се затвораа и оние кои постоеја, а напливот на млади театарски уметници веќе си го најде своето „место под сонце“ добивајќи шанса за понатамошно творење.
Овие позитивни тектонски поместувања допрва ќе ги донесат високите резултати кои публиката, а и светот нестрпливо гимочекува.
Да се биде актер и да се занимаваш со театар во оваа библиска земја е во исто време проклетство и благослов, страдање и љубов, вера и невера.
Сашо Огненовски