Сакам да видам во огледало како изгледам со затворени очи
ЗА УБАВИНИТЕ…
Кога ќе ја погледнам планетата земја од космосот… се топам од убавина!!! Убавината е во предизвикот и промената.
ЗА ЛОШОТИИТЕ…
Ако се потпирам на умот што суди, цел живот би го поминал во судир, затоа се потпирам на умот на мудроста.
ЗА ДОБРИНИТЕ…
Во вистинското човечко суштество добрината е длабоко обична! Ги сакам животните!!!
ЗА ПРИЈАТЕЛИТЕ…
Постојан контакт на прашањата како да се биде и како да се живее. Константа во мојот живот…
ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ…
До почнат да го живеат својот живот, без да ги употребуваат туѓите… Чисто да видат дали можат.
ЗА СОНОТ…
Дар од нас за нас! Откако го сфатив тоа, максимално се обидувам правилно да го толкувам неговиот совет, а содржините… можам да ги понудам како сценарија за филм, предлошка за роман…
ЗА ТЕАТАРОТ…
Место каде го оставам својот живот на страна и оживувам нечиј туѓ и кога сум дојдена на работа и кога сум дојдена како публика. 100 отсто привилегија.
ЗА ЉУБОВТА…
Сакам да видам во огледало како изгледам со затворени очи!!!
ЗА СПОМЕНИТЕ…
Не сум селективна, се обидувам да запомнам се, оти: “Што и да правиме од својот живот, такви ќе бидеме кога ќе умреме. И се смета се, апсолутно се” (Согјал Римпоче).
ЗА ДУШЕГРИЖНИЦИТЕ
Без суштина, но со видливи особини.
ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ
Не требало тогаш, што не значи дека нема да бидат, а и ако не бидат, што не било?
ЗА ГРАДОТ
Преку ден го гледам ѓубрето, навечер насилието, копнеам по урбано дефинирање на нашето постоење, по мали урбани оази… Тревници за гледање облаци, фонтани за читање книги, споменици за фотографирање, лулашки за насмевки.
ЗА СПОРТОТ
Ја поттикнува човечноста! Интернет OUT, спорт IN
ЗА ТРЕНДОТ
Обезличување на стилот и манирот во облекувањето, однесувањето, расмислувањето. СК тренд е дводимензионален и исто како и на кичот му недостасува душа.
ЗА ПЕЧАТОТ
Да стане свесен за својата моќ и да почне да истражува и докажува, да претпоставува, да елаборира, во име на вистината и правдата!
ЗА КРАЈ
И кога се` стои, децата растат.
Борче ГРОЗДАНОВ,