КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

 

Тихомир Стојановски

***

Во една друга книга од Стефан Верковиќ (“Народне песме македонских Бугара”) истите песни, народно македонско творештво, се именуваат како бугарски во почетниот дел, за подоцна да се именуваат од самиот запишувач како македонски3.

Несомнено за една иста народна култура се употребуваат две именувања. Како театарска пиеса со два наслова. Македонската народна култура, македонското народно творештво добива други именувања како дел од историската македонска драма. (И денес, сакаат да ни наметнат друго име, нé водат под привремено име во Обединетите нации и сл.). Нашиот народ би рекол дека “така ни било пишано”. Уште една реплика. Како текст од животната драма. Од нејзиното искуство. Пишано. Уште една кота на театарот. Запис. Пишување. Говорен театар. Театар, кој за почеток го има напишаното драмско дело. Низ обидите да се напише театарската историја се поставува прашањето: Кога се направил првиот театарски запис, дело, песна, молитва за да ја научи актерот-верник-повторувач и да ја кажува наизуст во храмот, светилиштето, театарот во древнината и кога се случило тоа? Во литературата ќе пронајдеме дека тоа било 534 г. п.н.е. во Атина, кога Теспис му кажувал дитирамби (детски песни) на Дионис4 и дека “театарот е место за гледање”.

Сметам дека таа е едноставна дефиниција за театарот и дека не е веродостојна докрај. Или можеби е само обид со една реченица-сроченица да се објасни далеку посложената природа на театарот. Но, факт е дека дефиницијата или толкувањето “место за гледање” не ја објаснува длабоката природа на театарот. Дека му дава сосема просечна кота и одредница за неговиот духовен смисол. Театарот е многу подлабок феномен на причинско-последичните односи. Тој во себе секако носи човечка, земна и Боженствена, небесна димензија. Дека тој е свето место каде се среќаваме и запознаваме себеси и својата верба, дека има во него постојаност (повторување, проби, претстави, дејства) и зборовите кои се повторуваат и создаваат сценско дејство, кое се преобразува во драмска приказна, значи напишан и научен текст, молитва, песна, обраќање кон Бога во обредниот ритуален театар и секако причина и последица зошто е тоа баш така. Тоа што се случува на сцената.