МОНОКЛ

 

 

3.
Во Кочани пак, во 1929 година е формирана драмска секција, а по ослободувањето е основан и Аматерскиот театар. Во периодот 1944-1949 година, до основањето на професионалниот театар, меѓу другите, биле прикажани и: Покојник, Сомнително лице, Печалбари, Македонска крвава свадба и други. Кон крајот на 1949 година бил основан Народниот театар – Кочани. Се работело сериозно и студиозно, што го оправдувало постоењето. Но, по деветгодишното постоење, по 56 премиери и 571 изведба, престанува да постои. Иако имало повеќе од шест премиери годишно, со повеќе од 65 изведби и просечно над 200 посетители на претстава, односно над 2.000 посетители по премиера или вкупно околу 13.000 гледачи годишно. Секоја седмица во Кочани се изведувале по 2 претстави, а месечно вкупно 8. Најмногу на сцената се појавувале следниве актери: Митко Тодоров, Стојче Стојанов, Ружа Арсова, Лидија Ефремова Пешева и други. Директорот на театарот Борис Стојчев бил режисер, преведувач, сценограф, но и актер.
Новинарот Илхами Емин во весникот Нова Македонија во написот Пет години плодна работа на Кочанскиот театар, меѓу другото, ќе констатира: Кога станува збор за театар од помал град, веднаш мораше да се употреби и зборот провинциски или почетнички, со што од една страна се вршеше неправда над скромните но видливи успеси на некои театри, а од друга страна се кочеше – свесно или несвесно – нивното заслужено афирмирање. Збор не е за кочанскиот театар, зашто квалитетот на претставите ги надраснал своите претходници.

НАМЕСТО ХЕПИЕНД

Х. Петрески