Тихомир Стојановски
2. КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
***
Значи учење за себе. Кои сме? Каде одиме? Каква култура создаваме? Да научиме за себе. Да се спознаеме себе си. На Аполоновиот храм во Делфи пишувало: “Спознај се самиот себе си” и “Ништо премногу”. Убаво искуство кое во себе има мудрост и духовност. Кое има применливост и полезност во театарот. Играјќи на сцената, делови од својот живот се спознаваме себеси. Потрага по себеси. Но, тоа ќе биде тематски дел од овој труд понатаму.
Но, да се вратиме на записите на Таневиќ. Повеќе луѓе имале потреба да го запишуваат народниот македонски фолкор. Нам така ни е полесно и полезно да го споредуваме со театарот. Го запишувале како една голема народна драма, која не е ставена во класична драмска конструкција (една приказна, единство на време и место, причина и последица во цврста врска) туку во одредени неповрзани верски, народни, (театарски) дејства, односно дејства кои имаа длабока врска со сцената и со вербата во силата која нé создала. Дејства во кои се кодирани и запишани верувањата и постојаноста на нашите претходници. На нашите предци. Дејства, во кои дури и денес во христијанството се провираат постари адети, игри и приказни. Една голема народна драма. Која е наредена во зборови, а во запис постојаноста и вербата на народот. Или неговиот бесмртен дух. Неговата култура. И елитната и масовната. Народот би рекол “секоја планина своја тежина”, како искуство од народната култура. Повторно реченица, реплика излезена од животната драма, која во животот се повторува како да е театарска реплика за на сцена.