2.
И во Тетово, како впрочем и во другите наши градови, носители на драмскиот аматеризам биле просветните работници. Таму, во 1950 година бил формиран Градскиот народен театар – Тетово, како професионална драмска куќа. Во текот на своето постоење, овој театар прикажувал просечно по седум премиери во сезона и по 140 изведби, кои годишно ги посетувале околу 40.000 лица. Коштана била прикажана 40, а Чорбаџи Теодос – 28 пати. Тетовскиот театар организирал гостувања и турнеи во Охрид, Лесковац, Вучје, Грделица, Радуша, Гостивар, Кичево и некои други населени места. Во состав на Театарот, дури била основана и куклена сцена. Во Театарот, покрај професионалните артисти (Панта Николиќ, Ацо Цветковски, Рада Стојановска, Панче Васовски – Камџик и други), работеле и околу дваесетина аматери. Во Театарот сите работеле сé, па и артистите често сами го правеле декорот и другите неопходни нешта. Се работело и повеќе од 18 часа на ден, а премиерата на Народен пратеник артистите ја подготвиле точно за една седмица.
Христо Петрески