ИНТЕРВЈУ СО САШКО КОСТОВ, АВТОР И НА ТЕАТАРСКА МУЗИКА

 

 

 

Претставата е магија во која треба да се дадеш!

На прагот сме на нова година, да почнеме со мала ретроспектива: -Што ви се случуваше во изминатата година, koj беше вашиот најголем предизвик, но и најголем успех, како музичар?
– Сметам дека изминатата година поминав успешно. Зад себе оставив музика за пет театарски претстави, работев на саундтрак за словенечкиот филм “ Ноќен живот ”, како тапанар снимив албум со „ Мугер Фугер , направивме два големи концерти со Горан Трајкоски, неколку концерти со мојот бенд и со групата „ Поклон “. Предизвикот е секогаш голем. Не умеам да фаворизирам работи кои сум ги сработил, но еве, би ја издвоил претставата “ Медеја ” во која музиката ја создавав во живо и имав улога во повеќе сцени.

Вашата лична музичка карта, е доста богата – имавте соло настапи, на Макфест 2000-та започна вашата сценска приказна, каде настапивте соло, за потоа да продолжи со членување во групи, издадовте и неколку албуми со електронска музика. По се ова, може да се рече дека вие го одредувате вашиот концепт на делување, или концептот сам ве “ вози ” по некоја своја насока?
– Пред мојот настап на Макфест свирев во неколку групи со кои настапував на „ Поп Рок Фест “ и други фестивали кои се одржуваа од 1995. па се до денес. Да, настапот на Mакфест мирисаше на соло кариера. Макфест за мене беше „ даска “ која не ме отскокна апсолутно никаде. Ги запознав и открив местенките, приватните договори кои се случуваа тогаш на нашата сиромашна поп сцена. Впрочем, јас имав среќа да настапам во последните години, кога „Макфест“ беше квалитетен фестивал. Во 2000-та година го издадов својот деби албум кој се викаше Amalia, 2007 го издадов I’m losing my mind, потоа Vertigo – 2008, ja компонирав музиката и бев главна улога во филмот “ Боите на љубовта ”, koj беше дел од омнибусот Скопје Ремикс. Во 2012 година го објавив “ Counting the stars ”, и во 2013 мојот последен албум “ Silent in the crowd ”. Како Сашко Костов & The Waiting Waits, бевме на две европски турнеи кои траеа по 20 дена настапувајќи по разни клубови во Холандија, Полска, Швајцарија, Германија, Словенија, Хрватска, Србија… Во 2014 компонирав музика за модна ревија за мојот омилен дизајнер Јован Петровски, концерт кој го снимив во живо и го издадов. Да се делува со специфична музика во овие простори е навистина тешко, но мора да има и такви групи и артисти кои ќе делуваат и ќе ја едуцираат помладата генерација за тоа дека постои и друг начин на живеење, согледување и творење. Многу е лесно да направиш компромис, но јас одбрав да творам на мој начин и по цена тоа долго да трае.
Она што е мошне интересно и впечатливо е вашиот ангажман како композитор за театарска музика. Како почна сето тоа, како дојдовте на таа идеја?
-Знаев дека кога – тогаш ќе започнам да компонирам музика за театарски претстави, зошто чувствував дека е време за други музички искуства и промени. Се започна во 2009 година кога се сретнав со мојот драг пријател Александар Ивановски, со кого се немавме сретнато подолго време, тој ми рече дека проследил некои мои концерти и дека моите настапи се театрални и артистични и ме покани на соработка. Моето прво искуство со компонирање на музика за претстава, ни помалку ни повеќе, беше “ ММЕ- Кој прв почна ” од Дејан Дуковски. Оттогаш па се до ден – денес максимално сум посветен и компонирам музика за театарски претстави.

Претставата „ Федра “ е она што досега најсилно ве обележа како автор на театарска музика, со сета уникатност на тој проект- изработивте инструменти од дрвени креветчиња, а потоа од тоа „ изработивте “ и музика. Би било добро лично вие, во оваа прилика, да не потсетите на „ Федра “.
-Подолго време мислев на тоа како да создадам инструменти кои ќе звучат автентично. Сечев цевки, одев во отпад со стапчиња и гудало и се задржував Со часови слушајќи ги металите и легурите како ѕвонат. Сфатив дека ќе биде супер да се направи перформанс составен од музика и актер, и таа мисла фино се поврза со театарот. Во Федра сме: Александар Ивановски (режија), Васил Зафирчев, Маруша Облак и јас. Камерна претстава во која имаше еден базен, едно рамниште со косина и мојот пулт со инструменти. Создавав музика и звуци на харфа, виолина, чело, перкусии од цевки во штим и еден голем тапан. Начинот на кој творев тогаш, сосема ме измести од колосекот на кој бев претходно, си докажав на себе дека од скоро секој предмет најден во природата со додатна обработка може да се изгради инаструмент со совршен штим и негова примена. Современа претстава која навистина заслужува повеќе гостувања по фестивали.
Од ваше лично искуство како се создава театарска музика? Дали додека ја креирата таа музика ви се врти сценариото визуелизирано пред „ очи “, или воошто не ја знаете драмата, дејството, ликовите во неа, за кои пишувате музичка подлога, го работите строго по авторска интуиција?
– Станува збор за применета музика. Музиката што ја компонирам секогаш стилски варира. Секој процес диши подруго од претходниот и треба да имам познавање од разни музички жанрови, а притоа творејки настојувам да ја задржам автетнтичноста како автор. Претставата е магија во која треба да влезеш и безрезервно “да се дадеш” заедно со останатите. Актерите се главни, режисерот води, јас зачинувам монолози, ја опишувам тишината, предизвикувам емоции. Некогаш сме во црква а некогаш на брод, некогаш се случува свадба, некогаш погреб… Има повеќе агли од кои јас гледам додека ја компонирам музиката, но секогаш заклучолот е ист, колку повеќе експериментирам, толку повеќе добивам.
Колку досега претстави сте облагородиле со музика? Има ли некој нов предизвик, некое театарско дело кое ви „ танцува по музичкит ганглии “ и ве тера да го обвиткате со целофанот на музиката?
-Досега имам работено на повеќе од 15 претстави:
“М.М.Е. Кој прв почна” – Дејан Дуковски (Велешки театар)
“Тања – Тања” – Олга Мухина (Кумановски театар),
”1984″- Џорџ Орвел (Струмички театар),
“Живот во тесни чевли” – Душан Ковачевиќ (Драмски театар)
“Тартиф” – Молиер – (Велешки театар),,
“Грдиот”Мариус фон Мајенбург (Кумановски театар),,
“Приказни од шестиот кат” – Драги Михајловски (Велешки театар),,
“Кризи”- Национален Театар на Романија,
“Федра”, Сашо Димоски – Словенско Гледалишче & Велешки театар
“Медеја”, Сашо Димоски – (Велешки театар)
“Старицата од калкута”, Ханок Левин – (Велешки театар)
“Пепелашка”, Шарл Перо – Театар за деца и младинци
“Добрата надеж”, Херман Хеијерманс – (Велешки театар)
“Мачорот во чизми” Шарл Перо – (Велешки театар)
и сега последна претстава која е во тек е “Ана Конмена” за која премиера ќе има на почетокот на 2017 година.

Како и секој успешен автор и музичар, верувам и вие имате програмирано некои рамки во кои ќе се движите во 2017, и секако некои поконкретни планови…
-Веќе започнав со подготовки на мојот нов албум, искрено тоа ќе ми биде приоритет за годинава бидејки по голема пауза, овојпат имам што да кажам, за потоа да продолжам со театарските претстави, снимање албум со Горан Трајкоски и „Мугер Фугер“. На пролет ќе отпатувам работно во Романија, каде ќе компонирам музика за претстава. Оваа 2017 година би посакал сопствено студио, во кое никој нема да ме деконцентрира и комплетно ќе се препуштам на реализација на моите идеи…

 

Валентина Георѓиевска – Парго