Годишна програма: Народен театар Штип – 2016 година.

 

 

Народен театар Штип оваа година се “судеше” “маратонски” за да се издигне од “дното” поради едно “писмо”. ? Вака во една реченица би можело да се направи ретроспективаta на работата на штипскиот театар во 2016 година.
Првата премиера во 2016 година беше на претставата “Суд” од Коле Чашуле, во режија на младиот штипјанец Дамјан Читкушев. Сместен во едно нестабилно тло, во простор полн симболики, постои еден СУД во кој силно ПИШТИ неправдата. Во овој суд, впрочем како и секаде, најголемата опасност е таму каде навидум ја нема. Тоа е претстава за македонскиот синдром на предавство, осовремена и ставена во една сурова рамка на крвопролевање.
Втората премиера “Љубовен маратон” е работена по мотиви од текстови на Нил Сајмон во режија на Никола Ристов. Тоа е една урнебесна комедија која го слика современиот начин на живот. Приказна за монотонијата на животот, обидот за неверство за да се прекине таа монотонија и на крајот славење на животот, зашто како што вели главниот лик во претставата: “Обожавам да живеам! Во животот има проблеми, но да живееш е најдоброто нешто што го измислиле до сега…!”
Маестралниот Дејан Пројковски ја постави третата премиера на штипскиот театар, претставата “На дното” од Максим Горки. Тој во одлично одбраниот, совршено адекватен простор ПОД големата сцена на домот на културата “Ацо Шопов” го наслика и, како на филмско платно, го оживеа горкиевото ДНО. Ги соголи до кожа жителите на пансионот кои со сите сили се трудат да се подигнат од калта на дното во кое се наоѓаат. Дали и колку успеваат во тоа останува на публиката да види и да процени.
Последната премиера во 2016 година на Народен театар Штип беше “Лазаревото писмо и писание” работена по мотиви од расказот “Лазаревото писмо” на Живко Чинго, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Приказна за едно “време – невреме, море не невреме туку нелуѓе, речи го како шчо ет”. Приказна за состојбата во Македонија од пред педесетина и повеќе години, а која, од збор до збор, може да се пренесе во денешницава. Приказна за нашиот синдром на самоуништување преку шпионирање и предавство, борба за власт со газење преку се’, ставена во еден безвременски контекст.
Во ова навраќање на работата на штипскиот народен театар морам да ги спомнам и гостувањата на истиот надвор од границите на нашата држава.
Во Вараждин, Хрватска, ја игравме претставата “Отворач за конзерви” во режија на хрватскиот актер и режисер Стојан Матавуљ. Гостувањето беше остварено благодарение на одличната соработка на нашиот театар со македонско-хрватското здружение од Македонија “Либертас”.
Детската претстава “Јан Бибијан” во режија на Дарко Ковачевски учествуваше на меѓународниот театарски фестивал ТАНАНИК Благоевград 2016 – Бугарија.
На интернационалниот алтернативен фестивал ФИАТ 2016 во Подгорица, Црна Гора, учествувавме со претставата “На дното” на Дејан Пројковски. Со голема гордост можеме да се пофалиме дека од овој фестивал се вративме со двете најголеми награди: претставата “На дното” освои гран при за најдобра претстава, а “маестро” Дејан Пројковски ја освои наградата за најдобра режија. ДА НИ СЕ МНОЖАТ. ?
На крајот од оваа релативно успешна 2016 година за нашиот театар, да си посакам една желба: Следната 2017 година да ни биде со повеќе премиери и претстави, со повеќе поблиски и подалечни гостувања и, зошто да не, со повеќе награди и признанија.
И сосема на крај, на сите пријатели на ГОЛЕМОТО СЕМЕЈСТВО ТЕАТАРЧЕ им посакувам интересна и успешна 2017 година.
Имајте убава година ?.
Габриела Коцева Тулиев