Годишна програма на Театар „Џинот“ Велес за 2016 година

 

 

Во рамките на Годишната програма на Театар „Џинот“ Велес за 2016 година, поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија, беа реализирани 3 нови театарски продукции.
По повод Светскиот ден на театарот, 27ми март, беше реализирана премиерната изведба на првата театарска продукција „Старицата од Калкута“, работена според текст на израелскиот автор Ханок Левин, во режија на Софија Ристевска Петрушева.
Втората театарска продукција беше холандската драмска класика „Добрата надеж“ на Херман Хеијерманс, во режија на Александар Ивановски, чија премиерна изведба беше реализирана во месец септември.
Третата продукција Театар „Џинот“ Велес ја посвети на својата најмлада публика со постановката на тетарската претстава за деца „Мачорот во чизми“, работена според познатата приказна на Шарл Перо, во драматизација на Катерина Момева, а во режија на Деан Дамјановски, чија премира беше во месец октомври.
Последната продукција од Годишната програма на театарот е праизведбата на второрангираниот драмски текст од Конкурсот за отворање на новата театарска зграда „Ана Комнена“ на драмскиот автор Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев и Ненад Витанов, чија премиерна изведба е предвидена до крајот на месец јануари 2017 година.
На редовниот репертоар на Театарот беа изведени вкупно 69 претстави со вкупна посетеност на публиката од 15.275 гледачи.
Покрај тековните изведби на претставите од редовниот репертоар, Театарот имаше и повеќе успешни гостувања и фестивалски настапи.
Претставата „Спанаќ со пржени компири“ гостуваше во Театарот во Штип и во Центарот за култура во Кочани. „Класен непријател“ гостуваше во Драмскиот театар во Скопје, во Центрите за култура во Виница и Кочани, а беше изведена и во неофицијалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. „Ноќите во бел сатен“ гостуваше во Центарот за култура во Радовиш. „Федра“ настапи на театарскиот фестивал „Та-ра-ра-бумбиа“ во Благоевград, Бугарија. “Старицата од Калкута“ беше изведена во официјалната програма на МТФ “Војдан Чернодрински” и на „Скопско лето“.
На сцената на Театарот годинава беа реализирани и 87 настани на институции, организации, здруженија и поединци од областа на културата и уметноста, со вкупна посетеност на публиката од 13.449 гледачи.
Во делот на драмската програма, на сцената на театарот гостуваа: Интимен театар од Битола со „Будење на пролетта“, ФАД „Стоби“ со премиерните изведби на „Медеја“ и „Жени од подземјето“, Штипскиот театар со „Хотел ни на небо ни на земја“, Театарот „Бора Станковиќ“ од Врање со „Три сестри“, Театарот од Ниш со „Жорж Данден“, Турскиот театар со „Слуга на двајца господари“, Македонскиот народен театар со „Прекината одисеја“, монодрамата „Јане Сандански“ на актерот Петар Темелковски, Театарот „Скрб и утеха“ со „Некрстени денови“, како и испитната претстава на студентите од „ЕСРА“ од класата на проф.Мето Јовановски.
Во делот на музичката и музичко-сценската дејност беше реализрана дел од официјалната програма на Интернационалниот танцов фестивал „Танцфест“ и премиерите на Скопје Танцов Театар, гостуваше Балетот на МОБ со балетската претсава за деца „Трите Прасиња“, Танцовата компанија „Ларондина“, а беа реалиизрани и концертите на Националниот ансамбл за народни песни и игри на Македонија „Танец“, „Фолтин“, пејачките хорови од Македонија и Хрватска, КУД „Керамичар“ и Музичкото училиште од Велес.
Во делот на филмската програма на сцената на Театарот се реализираа Фестивалот на новиот германски филм, Фестивалот на дебитантски филм „Киненова“, Фестивалот на планински филм „Ехо“, а во соработка со Агенцијата за филм и повеќе филмски проекции на домашни и странски филмски остварувања.
На сцената на театарот се одржаа и годишните изданија на Интернационалниот фестивалот на античка драма „Стоби“, Фестивалот на изведбени уметности „Импакт“, како и дел од програмата на поетската манифестација „Рацинови средби“.
Во текот на 2016 година во Театар „Џинот“ Велес биле реализирани вкупно 156 настани со вкупна посетеност на публиката од 28.724 гледачи.
Театар „ЈХК-Џинот“, Велес Уметнички директор Васил Зафирчев