Тодорче Николовски
Роден 16 јануари 1902 Велес
Починал 29 јануари 1999 Скопје
Националност Македонец
Познат по улогата во:
Мис Стон
Мементо
Време, живот
Занимање глумец
Тодор Николовски – Тодорче (роден на 16 јануари 1902 во Велес – починал на 29 јануари 1999 во Скопје) — македонски театарски, филмски и телевизиски глумец.
Биографија
Тодор Николовски од 1909 година живее во Скопје. Во 1919 година станал член на Народниот театар во Скопје. За време на војната продолжил да работи во театарот, додека во 1944 година заминал во Горно Врановци каде се вклучил во партизанската културно-уметничка група „Кочо Рацин“. Во 1945 година за прв пат се пројавил и како режисер.
Во 1947 година настапил на свеченото отворање на Обласниот народен театар во Горна Џумаја. Член на Македонскиот народен театар бил од 1945 се до пензионирањето во 1974 година. По повод 45 годишната континуирана артистичка дејност ја добил наградата за животно дело „11 Октомври“. На 85 годишна возраст настапил во јубилејната претстава „”Чорбаџи Теодос”“ по повод пет децении од нејзината праизведба.
Сто години од раѓањето на Тодорче Николовски “Колку сум, толку сум, да сме живи и здрави, да ја славиме вечноста. Уметноста е вечна. Јас сум вечен. Простете но и верувајте ми. Јас го реков во своето младешко чувствување. Го пишувам ова во миг на сфаќање на уметноста за која живеев и во која верувам. Целиот живот му го посветив на уметничкиот живот верувајќи во вечноста на духот. Знаете дека мене ме определи животот кон тегобниот начин на живеење. Верував во тоа живеење. Верувајте и вие. Тешко е. Тоа се надминува. Ако сакате да сте артисти – слушајте го својот внатрешен глас. Патот беше тежок. И вие ќе сте на тој пат. Издржете. Венецот ќе ви биде трнлив, но вечен. Во тешкотиите, слушајте: ќе дојде денот кога ќе ви се восхитуваат. Го кажувам ова кога мојот животен пат ме носи кон вечноста и бесконечноста. Верувајте во себе…” Преку овој извадок од афтографот оставен при една посета (19 април 1991 год) на НУБ “Св. Климент Охридски” се присетуваме на бардот на македонскиот театар, Тодорче Николовски. Во овие неколку реда длабока искреност како да е собрана целата суштина на големиот актер, човекот што за свој дом, како ретко кој, ја има, и ја заслужи, вечноста и бесконечноста. На денешен ден точно пред еден век во Велес е роден овој доајен на македонската професионална сцена, човекот кој ја имаше обврската, задоволството и маката, најмногу, да ја пишуваше историјата на македонскиот театар. Тодорче Николовски зад себе има фасцинантна биографија составена од настани, датуми, бројки, награди, места и луѓе кои што едноставно не можат да се повторат. Сеќавајќи се денеска, точно по еден век, на денот на неговото раѓање ве присетуваме на некои од многуте значајни моменти од неговиот долг, ангажиран и бурен актерски живот. Пред се, на неговите почетоци уште во 1919 г. кога станува член на Народното позориште во Скопје, најнапред како сценски работник, а по завршувањето на едногодишниот курс (школа) за актерски кадри ја добива и својата прва улога во театар (епизода во пиесата “Потера”). Она што, несомнено, е исклучително значајно за младиот актер Тодорче Николовски, а се поклопува со “пишувањето” на македонската театарска историја, е неговото учество во неколку антологиски настани: најнапред 1928 г. во “Бегалка” од В. Иљоски, во првата драма од македонски автор реализирана на македонски јазик; следува праизведбата на “Печалбари” од А. Панов 1936 г. Николовски ја толкува улогата на стрико Кољо (1943 год. истата пиеса гостува во Софија и во неа тој единствено го говори текстот на македонски јазик), па “Чорбаџи Теодос” во 1937, “Парите се отепувачка” (1938), “Милион маченици” (1939), “Антица” (1940). Во 1945 игра во првата целовечерна претстава на штотуку оформената Драма при МНТ, пиесата “Платон Кречет”. Следуваат огромен број улоги: Јеврем Прокиќ во “Народен пратеник”, Тартиф, Чорбаџи Теодос, Ото Франк во “Дневникот на Ана Франк”, Мамас во “Бегалка”, потоа улогите во текстовите на современите драмски автори: Христов во “Црнила”, Велко во “Вејка на ветерот” и Ѓорѓија во “Градскиот саат”, сите на Коле Чашуле, а како член на Драмата при МНТ публиката го гледа и во “Парадоксот на Диоген” на Т.Арсовски, “Потоп” на Бранко Пендовски, “Образов” на Ж. Чинго и др. Широкиот актерски дијапазон го потврдува со успешна реализација на улоги и во: Брехтовиот “Швејк во Втората светска војна”, Ибзеновата “Нора”, “Господа Глембаеви” на Крлежа, “Интрига и жубов” на Шилер и др. Еден од куриозитетите врзани за името на Тодорче Николовски, секако е неговиот настап (на 85 годишна возраст) во јубилејната претстава на пиесата “Чорбаџи Теодос” во 1987 год. по повод педесет години од нејзината праизведба. Играјќи во неа, со прекини половина век, Николовски влегува во Гинисовата книга на рекорди како актер кој најдолго време настапувал во едно драмско дело. Во ова сеќавање на него да не заборавиме дека Тодорче Николовски зад себе има оставено голем број режисерски остварувања низ театарите во Македонија, особено во ансамблите на Турската и Албанската драма и во Драмскиот театар, тогашен Младинско – детски театар, а филмската публика ќе ја памети неговата роља во “Мис Стон”. Умира 1999 год. Во овие скромни редови сигурно не може да се напише нешто поопстојно за големиот творечки опус на Тодорче Николовски. Сепак, задоволството од неговиот комплексен театарски ангажман е наше, на сите оние кои што денес на ваков скромен начин се потсетуваме на годишнината од неговото раѓање. |
Филмографија
1993 Македонска сага
1993 Бог да ги убие шпионите
1992 Време, живот
1987 Чорбаџи Теодос
1987 Трето доба
1985 Сомнително лице
1984 Исчекување
1984 Нели ти реков
1984 Јуначко колено
1982 Јагне на разен
1982 Илинден
1980 Учителот
1979 Наши години
1979 Курирот на Гоце
1978 Белиот ѕид
1978 Златни години
1977 Нели ти реков
1976 Денес треба нешто да се случи
1975 Волшебното самарче
1973 Залез зад езерската земја
1972 Табакерата
1971 Делба
1971 Понижени и навредени
1970 Балада за орканата
1970 Крепост
1969 Антица
1969 Републиката во пламен
1968 Брат доктора Хомера
1967 Македонска крвава свадба
1967 Мементо
1966 До победата и по неа
1964 Под исто небо
1962 Обрачун
1961 Мирно лето
1958 Мис Стон
1955 Волчја ноќ
Живот – еден век!
Месецов Јануари го посветуваме на чичко Тодорче, бај Тошо, на Тодор Николовски!
Еден од стубовите врз кои се темели македонското глумиште, театарската и филмската уметност!
Тој и Петре Прличко се првата генерација на македонски актери по втората светска војна кои за прв пат заиграа на македонски јазик и ги удриа темелите на македонскиот народен театар и на сето она што се нарекува филмска уметност во слободна народна република Македонија!
Чичко Тодорче, како што милуваа да го наречат неговите помлади колеги, роден е на денешен ден во далечната 1902 година во Велес, тогашна Османлиска империја.
Бил дете на комита, илинденец…а кога пораснал времето наложило да оди во партизани, како Божји дар ја имал глумата, двајцата со Петре Прличко го основале првиот партизански театар, а по ослободувањето на Македонија целосно се препушта на театарскиот и боемскиот живот.
Еден е од ретките, а можеби и единствениот македонски актер кој доживеал цел век живот! На 28 Јануари, 1999 година, во длабока старост кога имал полни 98 година и десет дена од сцената живот си замина тивко исто како што и живееше и твореше, впечатлив и уникатен!
Неговиот лик е препознатлив во многу театарски претстави, тв филмови и драми! Помладата публика најповеќе го памети како Милош, дедото на Никола Карев во серијата Јуначко Колено; и како Чорбаџи Теодос во истоимената претстава! Веќе завлезен во длабока старост добива важна улога и е почесен гости во тв филмот “Бог Да ги убие шпионите” во улогата на Горчин левата.
Почесен гостин е и во филмот на Бранко Гапо ” Македонска сага” во улогата на дедо на Џемиле, македонец – муслиман.
Последните години од својот живот ги помина во дружба со своите стари пријатели, како љубител на добрата капка на тој боемски живот често навратувал во една скопска кафеана од која произлегоа многу интересни приказни поврзани со живот на чичко Тодорче. Една од нив е дека додека пиел ракија во кафана му го давал катетарот за мокрење на кафанџијата да му го испразни. Живеел исполнето и во неговите партизански денови, и како режисер и актер, а долго ја користел и неговата пензија од неговото пензионирање во 1971 се до неговата смрт во 1999 година, една година пред 21от век!
Ѓорѓи Колозов секогаш со посебна почит зборуваше за ликот и делото на бај Тошо и на него гледаше како доаен на македонското глумиште и школа за глума!
Бог да го прости и вечна слава на големиот македонски уметник!
Текст: Горан Марковски.