Во прво лице
ТЕАТАРОТ – уметност која се живее
1. ЗА СЕБЕ
Сонувач, мечтател, голем фантазер. Уште од дете се фаќам себеси во мечти за некакви веројатни, не толку веројатни, можни и тешко изводливи исходи на нештата. Се обидувам да сум одговорен, совесен и СВЕСЕН. Многу е важно еден човек, а особено уметник да биде свесен за себе и за се околу себе. Секојдневно се борам со себеси да бидам подобар од вчера. Некогаш тоа ми успева, некогаш не… Сепак борбата вреди.
2 . ЗА ЉУБОВТА:
Изворот на секој мој атом енергија, сила и мотивација. Семејната, пријателската, другарската, љубовта на оние кои не напуштија и чекаат еден ден да се сретнеме во некој друг свет. Љубовта на мојот живот. Сите овие луѓе, чија љубов ме води низ животот и ми дава сила да се кренам во миговите кога сум скршен, ме прават она што денес сум и она што се трудам да бидам утре. Им благодарам што постоеле, постојат и ќе постојат во мојот живот! Како и на љубовта на мојот живот!
3. ЗА ЖИВОТОТ:
Единствениот текст, единственото сценарио, чии реплики не ни се однапред дадени. Лесно е да си успешен во улога, која претходно си ја студирал, анализирал и научил. Тешко е да си добар во животот, навистина и искрено да си добар. Во таа животна „улога“ се гледа големината на еден човек.
4. ЗА ТЕАТАРОТ:
Ух… Најубава и најпроклета работа. И најблагословена. И најтешка. И најзабавна. И најпривлечна. И најодбивна. И заморна. И исполнувачка. И ослободувачка. И… Со еден збор Уметност. Уметност за која не се живее, туку уметност која се живее.
5. ЗА ДОБРОТО
Ќе го спаси светот еден ден. Се обидувам да го наоѓам во се. Не секогаш тоа ми успева. Човек не смее да се откаже од трудот да чини добро. Затоа што не постои мало и големо добро, секоја добрина е голема.
6. ЗА ЗЛОТО
Насекаде го среќавам… Длабоко ме погодува. Се обидувам интелигентно да се борам против него. Ми се чини злото само со добрина и со ум може да се победи или барем намали. Исто така, човек не смее да се откаже од борбата против него.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ
Јас никого не сметам за непријател, ама баш никого. Ако некој мене ме смета за таков, тоа веќе не е моја работа. Би им порачал: животот станува многу полесен и поубав откако човек започнува да се бави со своето постоење, наместо со туѓото. А и побрзо се стигнува до успех и до сопствените цели кога се бавите со себе, отколку кога се бавите со другите.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?
Ви благодарам за се! Најмногу за тоа што постоите!
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ
Секојдневно ја среќавам. Ме иритира и нервира. Разбирам дека понекогаш е одбранбен механизам. Но кога не е, а често не е, ме вади од такт.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА
Иритантна работа. Посебно ако е застоена. А сепак, постои некоја магија во неа. Некое опивачко дејство. Обично предизвикува „зависност“ откако за прв пат ќе се вдише.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ
Веројатно едни од најинтересните и најоткачените луѓе. Меѓу нив има навистина прекрасни и големи личности, кои сум горд што ги нарекувам мои соработници, пријатели и пред се другари!
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ
Би ги замолил што побрзо да се случат. Немам јас сто животи за живеење и чекање.
12 . ЗА ИДЕЈАТА
Основа на се. Без неа творештвото и уметноста немаат никаква смисла. А и животот.
13. ЗА СОНОТ
Најголемиот се оствари. А и добар дел од „помалите“. За останатите, без разлика на исходот, се радувам на патот што претстои.
14. ЗА ЈАВЕТО
Сепак не ми игледа толку лошо понекогаш. Можеби затоа што го исполнувам со често фантазирање за да го разубавам и обојам. И сигурно заради луѓето околу мене кои искрено ги сакам и ме сакаат!
15. ЗА ВИНОТО
Многу, многу потребно задоволство во животот. Секако, во умерени количини.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО
Ви благодарам за се! И на тебе татко кој мораше смирено да го трпиш прво моето растење, а потоа моето актерско созревање и кој ми остави наследство да се „натпреварувам“ со твоите успеси, и тебе дедо кој ми го остави бремето да се обидам да ја достигнам твојата големина, и тебе бабо која ми го даде прстенот на Отело, кој некогаш и јас ќе го носам, и тебе сестро која ден-денес знам дека потајно ме имитираш, и тебе деко за сите приказни и качамаци, и тебе бако за сета поддршка и сиот мој товар кој на свој грб го носиш, и тебе мама, која се надевам се гордееш со син ти од таму каде што си! И на сите вас кои по крв не сте, но по душа сте ми најблиско семејство!
17. ЗА КРАЈ
Каков крај? Ова е само почеток!