– глава прва –
Во книгата на Стеван Таневиќ “Српски народни обичаи у Ѓевѓелиској кази” е поместен текст под наслов “Обичаи на секојдневниот живот”1. Поместен е текст за адетот, обичајот при станувањето наутро, кој вели вака:
“Штом луѓето ќе се измијат, ќе ја симнат капата, ќе се завртат кон исток или кон иконата, ќе се прекрстат трипати и ќе ги изговорат овие зборои: Госпуди Боже! Свита Трујца, да ни пумужиш! Свита недељо и Свита Бугуројцо, мајка Ристова, да ни дадете здраве и касмет и бирикјет. На душамјне бастрет да фатиш, р’ци да им се исушат, нози да им се фатат! И ка е арно така да биде! -Амин!”.
Тоа е запис за нашите предци како го започнувале денот. Дејство кое се повторувало, секој ден на изгрејсонце. Еден вид на утрински обред и ритуал. Во современиот театар, денес, ние сценските уметници, ги учиме репликите (зборовите) секој ден на пробите кога се подготвуваме за премиера. Ги повторуваме. Зборовите за утринската молитва на нашите предци во себе содржат повторување и верба. Убеденост. Актерот, исто така е врзан со голем степен на вербата. Дека создава нешто што има возвишена смисла. Духовност. Порака. Но, на почетокот, допревме една точка на повторувањето. Во градските театари се повторуваат претставите пред нова публика, од ден-на ден, од вечер-на вечер. Одредени реплики, дејства и сцени. Во случајот на утринската молитва запишана од Таневиќ, исто така имаме одредени зборови, реплики кои се повторуваат, но овој пат во самиот живот. Животот и театарот. еден наспрема друг.
Секако, не откриваме нешто ново, театарот и животот се испреплетуваат. Дека театарот се обидува да го одигра или толкува животот!? Во еден свој дел. Да ни прикаже, раскаже и одигра сцени од живеењето. ,,Нејсе,,. Во случајот на утринската молитва се работи за индивидуален, личен чин, на некој начин, чин на посебност и елитност, да му се молиш на Бога секое утро пред почетокот на денот заради степен на својата верба и посветеност. Во случај, кога одредени театарски претстави стануваат омилени, сакани, обожувани (небаре се во врска со Боженственоста) и масовно посетени, тоа би било чин на масовна култура. Секако, театарот има една базична линија да го види што повеќе публика, а тоа го води кон масовноста. Кога една театарска претстава се
снима на носач на слика, ДВД, се пренесува на ТВ или се продава како ДВД снимка таа станува масовна култура. Иако, мотивот за настанување е личен и елитен. Актерите веруваат дека се центарот на светот, дека ќе го променат светот, дека имаат што да му кажат на гледачот, се разбира кога создаваат театар кој има духовна сила и е уметност. Имаат степен на верба. Силна верба дека работат нешто важно, значајно за сиот свет?! Наспрема нив секогаш имало и ќе има театар, кој е естрада и масовност. Кој е пазарна и масовна култура. Нивниот мотив е да се заработи од претставата. Да се продаде на што повеќе гледачи, да биде позната, масовна култура. Да се добие матријална вредност за работата на сцената. Така театарот на патеката на својот опстој поаѓа од елитноста, во своето создавање, но секако патеката на творештвото го води и низ масовноста.
Но, допревме две коти кои на театарот му даваат одредници некогаш и денес, а тоа се повторувањето (постојаноста) и вербата. Без нив не е можен сценскиот чин. Исто како утринската молитва на нашиот не толку далечен предок запишан од С. Таневиќ. Што би значело дека на театарот му е нужна вербата. И упорноста. ,,Нејсе,,.
TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА
Тихомир Стојановски