Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Кон книгите Кратката пролет на некои театри во внатрешноста на СРМ од Ристо Стефановски и Насолзена завеса од Благој Г. Кичеец
Книгата Кратката пролет на некои театри во внатрешноста на СРМ од Ристо Стефановски е вкоричено издание на авторот од 1977-1978 година, во кое се поместени вкупно четири негови текстови – публикувани во списанието Современост од Скопје и тоа во броевите: 9-10/1977; 1-2/1978; 4/1978 и 5/1978 година.
Уште на самиот почетокот од првиот текст Стефановски вели: Сознанијата за театарската уметност во Македонија би останале непотполни ако не се даде барем еден бегол осврт врз дејноста на театарските куќи што се веќе расформирани од разни причини.
Понатаму, Стефановски додава дека треба да се доосветлат некои аспекти од театарскиот живот во нашата Република, па додава дека тоа е долг, меѓу другото, и кон плејадата артисти и други театарски работници, кои веќе одамна се занимаваат со друга дејност, меѓутоа без оглед на тоа – во нивната интима периодот додека работеа како театарски луѓе длабоко е врежан и никогаш нема да избледнее.
Стефановски укажува дека поголемиот дел од споменатите театри изникнале како резултат на повоениот револуционерен подем и разбрануван ентузијазам, кој не секогаш водел сметка за реалните можности (пред сé, за кадар и за простор), но…