ПРЕДГОВОР
Театарот е цивилизациски феномен кој на територијата на Р.Македонија, па и пошироко на македонскиве простори има традиција, од пред речиси 3.000 години. Настанат е во почетоците на човечкото зрело духовно живеење како место за средба со Бога и со својата култура. Како место за дарување, чествување, играње и средба. Од раните форми на ритуалниот театар до денес, до она што е современиот театар, се поминати речиси 3.000 Божји години. И секогаш театарот наоѓал сили да го задржи она значење, кое му било дадено со неговото настанување, да ја има духовната сила да толкува, слави, беседи, раскажува за своето време и својата култура. Да биде предводник и обединител на уметноста, носител на нови идеи и толкувач на судирите на современото. И секако уметност, која во себе ги содржи елементите на сите други уметности.
Во одредени периоди, кога од религијата (христијанство, ислам) бил забрануван во својата основна форма, тој се прилагодувал и преобразувал на состојбите и околностите како: вид на народна драма, народни обичаи и адети проследени со игри и Караѓоз театар, театар на сенки, за време на османлиското присуство во Македонија и сл.
Театарот е секако уметност, која во себе ги обединува речиси сите други уметности: литературата, поезијата, сликарството, филмот, музиката, танцот, архитектурата и сл. Не само што ги поврзува и им ја дава основната сила на играта, на човекот му ја дава потребата да игра, да слави, да се изразува. Секако, македонската култура има славно минато, со четирите откопани антички театари (скупски, хераклејски, стобски, лихнидски), кон записите на авторитетите дека сме “лулка на европскиот театар”, а веројатно и кон достигнувањата на современата македонска театарска продукција, имаме обврска да дадеме поинаков поглед, осврт на театарот како општо цивилизациски феномен, кој оставил материјални и духовни траги на територијата на Македонија и пошироко до ден-денес.
Обврска и должност да се истражи и проследи неговата базична, суштинска природа. Како на пример причината за неговото настанување? Зошто театар? Каков театар? Која е нуждата од неговото дејствување, создавање и секако причината за неговиот повеќе
милиниумски опстој и жилавост. За неговата долговечност што го прави културен феномен, од кој се произлезени и другите уметности.
Мислам дека поврзувањето на театарот со обредот и култовите и почитувањето и славењето на Бога, како и со игрите и верувања од народната култура, а со тоа секако со распетието меѓу елитноста и масовноста ќе му даде една поинаква значајност. Ова нека биде уште едно сценско-духовно патување кон себеси, кон македонската култура меѓу елитноста и масовноста. Намерата на трудот е да се отвори уште една сознајна кота за театарот во Македонија, како духовна доблест која има повеќе милениумско траење и континуитет, кој преку елитната и масовната култура е применет и е присутен и денес. Секако, театарското патување меѓу елитата и масовноста би ни помогнала да ја разбереме неговата вистинска духовна природа и суштина.
Тихомир Стојановски