ВОЈНИЧКИТЕ ТЕАТРИ НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ (1916-1918)

 

 

Елена Јосимовска, Верица Јосимовска

Првата светска војна била прв глобален воен судир помеѓу двата спротивставени воени блока: Антантата и Централните сили заедно со нивните сојузници. Значењето на Првата светска војна е толку големо што во историографијата бележи дека со годината на нејзиното започнување (1914), започнува да тече 20 век. Со неа започнува столетието на војните со огромен губиток на човечки животи. Се водела на повеќе фронтови во светот а еден меѓу нив, Јужниот фронт, се наоѓал на територијата на Македонија поради што во литературата се именува како Македонски фронт.
Таа започнала и завршила на Балканот со решавачката битка кај Добро Поле.
За Првата светска војна досега се напишани илјадници страници, цели томови се посветени на воените операции, на распоредот на силите на фронтот, на победите и загубите на завојуваните, но, никој не посветил доволно внимание на театарските престави на фронтот кои честопати имале пресудно значење за борбениот морал на војската.
Рововите по должината на фронтовата линија на Македонскиот фронт биле место каде цели 3 години целосно се одвивал тешкиот војнички живот. Овде во моментите кога оружјето и војничките труби замолкнувале силно била присутна потребата „глувата“ тишина на фронтот со нешто да се пополни. За да се победат црните мисли, да се зачува јаката волја и здравиот разум, да се подигне моралот со ефикасен механизам и да се заштити војската од депресија било неопходно да се осмисли како да се исполни слободното време на војниците. Бидејќи праксата покажала дека театарот е тој што може да им ја задоволи потребата од игра и забава, макар и на кратко, започнало формирањето на војнички театри на фронтот, во заробеничките логори, во центрите за реконвалесценција на воените болници.
Војничките театри на Македонскиот фронт, формирани во самите полкови и дивизии и гостувањата на разните патувачки театарски трупи одиграле огромна улога како поткрепа на издржливоста и војничката подготвеност. Многумина од актерите како воени обврзници или заробеници, помагани од своите воени единици, заедно со надарените аматери биле иницијатори и основачи на војничките и заробеничките театри.
Во нивните програми необично важна улога одиграле воените и цивилните оркестри. Најзначајни имиња на полето на музиката во српските војнички театри биле Станислав Сташа Бинички и Драгутин Покорни.
Историјата забелажала дека војничките театри се старо искуство на војните. Ги имало уште во времето на Александар Велики кој глумците ги водел во Екбатан (Персија), а Наполеон во походите на Египет тргнал заедно со „балетскиот корпус“. Кога тргнал на Русија ја повел и прочуената глумица од тоа време Лујза Физил додека на фронтот кај Верден (мртвиот град), веќе остарената Сара Бернар низ војничките ровови рецитирала поеми за храброст и победи.
Театрите никнувале на фронтот, на борбените линии во затишјата помеѓу борбите, на борбените положби, во заробеничките логори, репертоарите биле составувани на брзина, маскирани. За потребите на преставата биле користени сите можни предмети од блиската околина: вреќи од храна, конзерви, лимени кутии, делкани даски……
Според расположивите податоци: фотографии, театарски плакати, записи и сеќавања може да се констатира дека на Македонскиот фронт се посветувало големо внимание на театарски и музички престави. Во недостиг на материјали, освен за српските и бугарските војнички театри, немаме можности да зборуваме за театарски престави на другите присутни војски на Македонскиот фронт.
На српската страна постоеле: театар на Вардарската дивизија, театар на IX полк на Првата српска армија, војничкиот театар „Тоша Јовановиќ“ и театар на заробените српски војници во бугарската војска.
На бугарската страна имало Фронтови и Полкови театри. За разлика од Полковите кои биле формирани од самите војници на полкот, Фронтовите театри биле патувачки театарски групи кои организирале театарски престави
на фронтовата линија со цел да го подигаат духот на војниците од бугарската армија.
актерскиот колектив пред влезот на зградата на војничкиот театар на Вардарската дивизија на македонскиот фронт
„Овде каде што купишта лешови на нашите луѓе се влечкаат неопеани
лешови кои почиваат во плитките песочни гробови
Овде нашиот театар ја подига и спушта својата завеса…………“
Радивоје Караџиќ
Прв и најголем српски театар на фронтот бил театарот на Вардарската дивизија подоцна преименуван во театар на Југословенската дивизија кој бил формиран по иницијатива на неколку познати глумци кои и припаѓале на оваа дивизија меѓу нив и скопскиот глумец Сима Станојевиќ – Шуќур кој бил и управник на овој театар. На почетокот театарската сцена била подигната под ведро небо од даските на сандаците за муниција и неупотребливите авионски крила. Но подоцна, кон крајот на 1917 година воената единица на огромен простор подигнала голема сцена со 600 амфитеатрално поредени седишта а можело да прими уште 800 гледачи. Пред сцената имало вграден оркестар со седишта и пултови. Во тоа време овој театар работел под многу поволни услови па така до август 1918 година биле изведени 100 престави. Театарската дружина, покрај неколкуте професионални актери, била составена најголем
дел од аматери-интелектуалци, работници, занаетчии, службеници и студенти. Од репертоарот на овој театар меѓу другите биле изведени: Хеј Словени, Ѓидо,
Коштана, Моминска клетва, Зулумќар, Хајдук Станко, Војводата Бранко,
Обичен човек, Данок во крв….. Овој театар постоел до 30 август 1918 година. Капелник на оркестарот на војничкиот театар на Вардарската дивизија бил Јован Урбан. Војничкиот театар на IX полк на I Српска армија Овој театар се наоѓал на фронтот сместен во селото Будимирци во битолскиот дел на Мариово. Работело од 20.10.1917 до 27.08.1918 год. Основач на овој театар бил професорот, Радивоје Караџиќ, подоцна драматург, режисер и управник на Скопскиот театар (1922-1928).
Главен режисер, а подоцна и управник, бил глумецот Лазар Лазаревиќ, поранешен член на патувачкиот театар од Нови Сад.
Театарот имал широко просторна зграда направена од елови стебла, голема сцена и 400 седишта. Се наоѓала на оддалеченост на 1500 метри од рововите на српската војска. Во него свиреле два воени оркестри: на Дунавската и Моравската дивизија.
Војничкиот театар „Тоша Јовановиќ“
Овој театар бил најнапред во Битола но поради ситуацијата неговиот управник Михајло Лазиќ – Чичко, заедно со целата трупа, голем дел од библиотеката и гардеробата бил преместен во Солун. Веќе на 31.01.1917 година се давала првата престава „Обичен човек“.
Многу често на сцената на овој, но и на другите војнички театри, била поставувана операта „Артилерија рустикана“ . Тоа всушност била пародија на операта „Кавалерија рустикана“ (Селско витештво) од Пјетро Маскањи. За ова пародирано дело на познатиот белградски глумец, карикатурист и хуморист Бранислав Брана Цветковиќ, публиката пројавувала голем интерес, особено што шегата многу позитивно психолошки делувала врз расположението на војниците и нивните старешини.
Само во Солун биле организирани 50 престави а гостувал и во реконвалесцентното одделение во Зејтинлик и во дополнителната команда на француската ескадрила во Микра во близината на Солун. Од 20.08.1917 година Врховната команда го префрлила театарот во реконвалесцентното одделение во Воден каде постојано имало сместено околу 3-4000 војници. Преку денот се давале бесплатни престави за офицерскиот кадар и војниците а навечер за граѓанството, но со наплата на влезници. Театарот гостувал и во болницата на Американските жени во Воден. Театарот останал во Воден до 20.09.1918 година кога по наредба на военото министерство повторно бил префрлен во Битола и отпочнал со работа на 28.10.1918 година. Во него улогите ги толкувале исклучиво професионални глумци, а многу ретко за масовни сцени, како статисти биле ангажирани и аматери. Репертоарот бил многу разновиден и театарот работел како во мирнодопски услови со вкупно одиграни 211 престави.
Војнички театар во логорот на заробените српски војници од Бугарската војска

Учесници во преставите
Полкови и Фронтови театри во Бугарската војска
на Македонскиот фронт

На позадината на оваа фотографија има напишано текст кој целосно ни ја разоткрива целта за формирањето на војничкиот театар на фронтот во
Првата светска војна : “Мили ми тате, за да не скучаят войниците, когато немат работа създадохме им театър. Дават се повече смешни работи. Даже и балканската комедия. Снимката представлява момента, когато Ганю е на тесно. Аз съм здрав. Поздравявам всички. Син ти Митко.”
Прикажаните фотографии за театарските активности на Македонскиот фронт се доволен доказ за театарот како своевиден феномен и потребата од него и во војна и во мир. Во прилог на ова многу вистинито делуваат зборовите на Душан Ковачевиќ, драмски писател, сценарист и академик од Белград, кој вели „Ако војната е болест, а сигурно е, тогаш театарот има лековито својство“ .