ПО ТРАГАТА НА ЕДНА ТЕАТАРСКА ДИМЕНЗИЈА

Поезијата подзаборавена во театарот

Во последно време речиси и воопшто да не се зборува и размислува на оваа тема, а и не така одамна (пред неполни три децении) имаше обиди и се правеа цели претстави – перформанси на поезијата на нашите современи автори. Така театарски се преточени стиховите на Михаил Ренџов, Ристо Јачев, Ацо Шопов, како и во повеќето случаи кога се создавани цели претстави во рамките на СВП

Интересна, иако малку подзаборавена тема во театарот е (не)постоењето на поетскиот театар како форма. Театарските автори и чинители како да подзаборавија дека токму поетскиот збор уште од антиката е во основата на театарските случувања и збиднувања. Од овој аспект со текот на милениумите и постоењето на театарот се до овие модерни времиња, како да се губи нишката и поентата на поезијата во театарот, односно можноста за нејзино инволвирање на за многумина штиците што навистина живот значат. Во последно време речиси и воопшто да не се зборува и размислува на оваа тема, а и не така одамна (пред неполни три децении) имаше обиди и се правеа цели претстави – перформанси на поезијата на нашите современи автори. Така театарски се преточени стиховите на Михаил Ренџов, Ристо Јачев, Ацо Шопов, како и во повеќето случаи кога се создавани цели претстави во рамките на СВП.

Цел на уметноста беа зборовите и поезијата, а актерите кои го правеа тоа беа Мите Грозданов, Владо Светиев, Сабина Ајрула, Софија Гогова Врчаковска…

Зошто во моментот е таква ситуацијата ги запрашавме Сашо Миленковски, актуелен директор на МНТ и Трајче Кацаров, поет, драматург писател и актуелен уметнички директор на штипскиот театар. Според Кацаров “Театарот отсекогаш бил место каде поетот се стекнувал со правото на јавност… поезијата може без театарот, но театарот не може без неа”.

Како менаџер на една национална куќа Миленковски иако како што вели режисерски не ја поддржува идејата за естетика на поетскиот театар, сепак потенцира дека е еден од оние кои бездруго би поддржале еден ваков проект, бидејќи како што вели, “она што мене ме интересирало во театарот е поврзано со неговата епска димензија и снага и доколку се понуди таков текст или проект во МНТ секако дека ќе го поддржам како што ги поддржувам различните форми на театарски израз”.