ДРАГИША ДИМИТРИЕВСКИ – ШИПЕ

sipe-promo

Драгиша Димитријевски – Шипе
Роден 6 април 1956
Куманово, СР Македонија СР Македонија
Починал 7 јануари 2013
Куманово, Македонија Македонија
Занимање глумец и сликар

Драгиша Димитријевски – Шипе (роден на 6 април 1956 во Куманово – починал на 7 јануари 2013 во Куманово) — македонски глумец и сликар.

Биографија

Димитријевски е роден во Куманово на 6 април 1956 година. Својата актерска кариера ја започнал со претставата „Мајка храброст и нејзините деца“ во 1974 година, а во 1979 година, дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Тодорка Кондова. Од 1980 година бил постојан член на Кумановскиот театар, каде што остварил над сто и педесет актерски улоги. Освен по своите бројни актерски улоги, Димитријевски бил познат и како ликовен уметник со плодно творештво. Добитник е на стручни и општествени награди, на МТФ „Војдан Чернодрински“, на „Ноемвриска награда“ на градот Куманово и од Друштвото на ликовни уметници – Куманово. Своевремено ја добил и наградата за млад ликовен автор. Во последните неколку години Димитријевски бил и уметнички раководител на ликовната колонија „Карпино“. Починал по кратко боледување на 7 јануари 2013 во Куманово.[1]

АКТЕР ПО ДИПЛОМА, СЛИКАР ПО ОПРЕДЕЛБА

Спој на возвишеното и “земното”

“НАОЃАМ АПСОЛУТЕН СПОЈ ПОМЕЃУ ЕДНАТА И ДРУГАТА ЖЕЛБА ЗА ТВОРЕШТВО. ЕДНАТА УМЕТНОСТ ЈА НАДОПОЛНУВА ДРУГАТА, БИДЕЈЌИ ЗА МЕНЕ НЕ ПОСТОИ ВИЗУЕЛНОТО БЕЗ УМСТВЕНОТО, ИЛИ, ПАК, УМСТВЕНОТО БЕЗ ВИЗУЕЛНОТО ИСКУСТВО”

Драгиша Димитриевски – Шипе, актер, сликар, кој по својата животна определба и патот кој го врви нераскинливо врзан за Талија и тоа преку театарската сцена, но и сликарската четкичка. Тој по експонираност и вокација е актер, но оној другиот свет на уметноста, односно сликарството, никако не му е “резервен”. За тоа тој самиот ќе каже: “Наоѓам апсолутен спој помеѓу едната и другата желба за творештво. Едната уметност ја надополнува другата, бидејќи за мене не постои визуелното без умственото, или, пак, умственото без визуелното искуство”. Театарската и ликовната уметност за некој се само професионална обврска. Тоа не е случај со Шипе, бидејќи за него театарот и сликарството се начин на живот. “Грешат луѓето што мислат дека уметноста е занает – таа е наука! Ретки се луѓето што со цело свое битие и се посветуваат на таа наука”, ќе рече Шипе. Кога почнувам да правам лик се навраќам во светот на ликовното, а кога повторно ќе се вратам од светот на сликите со целосна посветеност се “нурнувам” во светот на пишаниот збор. Интересно е кога се шета од светот на идејата и зборот во светот на идејата и имагинацијата. Мислам дека тоа е главната поента на моето суштествување како уметник, како човек кој, живеејќи во повисоки сфери на убавото и хуманото, научил “да го живее” и почитува “обичниот” свет. Морам да признам дека најголема заслуга за поврзаноста на идејата со “земното” има и мојата сопруга, како и моите деца, што значи дека посебноста на мојот свет го создаваат членовите на мојот микрокосмос – семејството. Неговата актерска енергија се отсликува преку бројните улоги, пред се, во сферата на истражувачкиот и алтернативен театар, одиграни претежно на сцената на матичниот театар, во родното Куманово. Тоа говори дека Драгиша Димитриевски – Шипе создавајќи и работејќи за уметноста, никогаш не престанал да го бара предизвикот на новото време и постоење. За себе знае да каже дека гине на сцената, а за неговата уметност Маленков и Кафеџиски ќе запишат: “Отворајќи ја Пандорината кутија, Шипе ја воспева ‘мудроста’ на Зевс за испратеното проклетство преку злосторството на Прометеј и крадецот на огнот, на светлината што заслепува, и така, Шипе, повторно трага по својот создател, стигнувајќи до нулта време во нулта простор – таму од каде што почнал. На крај завршува заблудата: беше ли ова уште една добро замислено – одиграна претстава, се прашуваме. Не знаеме….”

БОРЧЕ ГРОЗДАНОВ