Ѕвездите да паднат на меко…
Земјата, огнот, водата, лебот… и?
Пројковски: … Верата, надежта и љубовта… Го носиме ли Бога длабоко во себе, ги пронаоѓаме ли во секојдневието вистинските патишта. Секогаш се преиспитувам дали го разбираме навистина значењето на посланието на Апостол Павле до Коринтјаните:
“Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам – тогаш сум бронза што ѕвони или кимвал што ѕвечи. И ако имам дар за пророкување; и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместува и планини, а љубов немам – ништо не сум… А сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта, но љубовта е најголема од нив.”
Како изгледа театарската одаја на Дејан Пројковски?
Пројковски: Шекспир, Достоевски, Чехов, Гете, Чернодрински… Во мојата театарска одаја има дела кои сигурно треба да бидат дел од новиот Ноев кораб. Дела кои би требало да ги оставиме како тестамент за новата цивилизација. Дела кои ја отсликуваат големината и смислата на постоењето на нашата цивилизација. Дела кои се во постојан дијалог со Бога. Токму тие дела се мојот театарски предизвик или причина за реконструкција на моите соништа.
Што ако Пројковски го скрши театарското огледало… ќе има ли стварност?
ПРОЈКОВСКИ: Секогаш во моите претстави се обидувам да го декодирам времето што го живееме и како Диоген со фенер во рака среде бел ден го барам човекот.
Театарското огледало многу често се крши, но зад него има секогаш следно и друго огледало… Важно е само да не се вљубиме во својот лик… тоа беше крајот на Нарцис. Големиот Станиславски велеше Сакај ја уметноста во себе, а не себе си во уметноста.”
До кога Хамлет ќе може да ја издржи сегашноста?
Пројковски: Денес не е проблемот да се биде или не, денес проблемот е ДА СЕ БИДЕ, и тоа како да се биде, зошто да се биде, наспроти се, поради кој и како да се биде? Да не се биде, сепак, значи спокојство, тишина, слеаност со бескрајот и времето. Да се биде денес, значи да да се биде фрлен во една заедничка цивилизација, каде што страдањето, осаменоста, предавството, лудилото, бедата… имаат заедничко име – глобален прогрес.
…Ќе го убиеме ли конечно?
Пројковски: На светската берза може со се да се тргува, па дури и со крвта на Хамлет, која е многу евтина. Новиот потоп се вика изобилство на слики, звуци, информации… Вавилон е меѓу нас, но не се гледаме, не се распознаваме, не се разбираме – глуви и слепи врвиме низ неповторливиот и огромен прогрес на човекот? Молчиме? Не знаеме кои бевме? Наместо светлина гледаме флуоресцентни одблесоци од привлечниот пекол на непостоењето, наместо љубов го гледаме човечкото месо искасано од канибалската автобиографија на терра луденс.
Токму затоа – ДА СЕ БИДЕ ИЛИ ДА СЕ БИДЕ! – како единствен избор на човекот денес, како спротивставување и потрага по човечкото во човекот.
Лудилото е зрелост или зрелоста лудило прашање е сега?
Пројковски: Времето се шинало од својот зглоб, што ме роди, па јас да му го местам о, клета коб”.
Хамлет/Шекспир
Нашиот Хамлет е патување низ длабочините на човечката душа… низ темните тунели, барајќи светлина. Сакавме нашиот Хамлет да ги носи нашите дилеми и стравови. Хамлет на 21 век. Хамлет кој е спремен да го носи својот крст и да верува во себе. Хамлет како патник кој тргнува на најдолгото и најтешкото патување, на кое треба да ги открие одговорите на своите прашања – патувањето во своето срце, таму во длабочината на својата душа, да ги најде одговорите на вечните теми: Љубов, Смрт, Бесмртност, Желба за власт… Важно е да бидеш спремен вели Хамлет… НЕКА БИДЕ…
Дали театарот како бегство е враќање кон вистината?
Пројковски: Дали да се сонува денес, значи храброст?
Дали да се сонува, значи дрскост или залудно изгубено време?
ДА СЕ СОНУВА:
– Значи повторно сизифовски да се пркоси, да се тргне по патот на Одисеевото проклетство, со Шаманска упорност да се бара храброста и во отфрлањето на целокупната доминација на глобалниот универзален банализам, да се предизвика вечната судбина на отфрленоста.
Театарот може да го промени светот! Идејата е донкихотовска, но кој не верува во неа, не може да се занимава со уметност.
Но, за почеток е важно да се промениме самите себе. Многу е важно за еден режисер да биде свесен за одговорноста на својата професија. Тоа значи дека театарот треба да се создава за луѓето денес и понекогаш да зборува и да поставува прашања за кои сите други молчат. Но театарот не дели совети и не е училиште по морал… Театарот треба да ги поставува вистинските прашања, ако сака да биде актуелен и општествено важен.
Театарот како нов Ноев ковчег, упорно, со речиси искршена старост, постојано ги собира нашите нови соништа.
Театарот – тој мал дел од се поневидливиот храм на нашите души!
Паѓаат ѕвезди.
Си замислив желба: да
паднат на меко.”
Борче ГРОЗДАНОВ