АНТОН ПАВЛОВИЧ ЧЕХОВ

СВЕТСКИ ЛЕГЕНДИ

Кратка бисерна приказна за животот…

“Не умеам да пишувам големи работи”…, ќе рече големиот А.П.Чехов. Смешното во животот станува речиси еднакво со возвишеното… “Во детството немав детство”, ќе се пожали творецот. Од својата мала заработувачка одвојува и праќа пари на семејството. Чехов не умеел да се штеди… Како лекар знаел дека е неизлечиво болен и дека ќе умре… А сепак останавме, осветлени со тажната насмевка на срцето полно со љубов…Погребан е на гробиштата кај Новодевичанскиот манастир во Москва…

ЧЕХОВОТО ПИСМО
“Не умеам да пишувам големи работи”… Оваа реченица на Антон Павлович Чехов или пак Антоша Чехонте, е директен повод за книжевната критика во Русија во втората половина на 19. век да го канализира своето мислење дека писателот се определил за новелата како жанр, затоа што немал сила да напише роман. Но, како и секој добар мајстор на својот занает, тој својата немоќ ја преобразува во доблест – го доведува краткиот расказ до совршенство. Неговиот талент е осведочен како талент од врвен дострел преку кој “може се што ќе посака”. Чехов конечно сфаќа дека кратката приказна е извонредно погодна за со неа да се опфати сиот животен круг на ситуации. За разлика од поглавјата и сижејните линии на романот, расказите се меѓусебно независни и како каменчиња во мозаикот се сублимираат во едно повисоко единство – уметниковата визија за светот. Човекот и животната ситуација е изворната мисла на Чехов. Сеопфатен мотив за кој секојдневно раскажува. Како и Гогољ, чиј “Ревизор” не бил сфатен од критиката и гледачите, кои не го приметиле единствениот позитивен јунак во пиесата – Смеата. И Чехов на самиот почеток на своето творештво ја сфатил и прифатил снагата и значењето на Смеата. Смешното во животот станува речиси еднакво со возвишеното и трагичното, а и почесто се среќава од нив. Но, смеата кај Чехов е изнијансирана. Некои негови приказни само насмеваат, другите исмеваат, а третите смеат па растажуваат. Чехов најчесто раскажува смешна случка, во која се наоѓа обичниот човек – јунак. Тие приказни немаат никаков поттекст, ниту поинаква цел, освен да засмеат. Такви се “Исповед”, “Чизми”, “Коњско презиме”, “Среќен човек”, “Натегање”, “Осветник”… и многу други.

Што се однесува до Театарот и неговите пиеси, во Художествениот театар, кој игра главна улога во Чеховата животна пресвртница, кон крајот на 90-тите години на 19. век. Ниедна не е без контекст и поврзаност со неговиот живот. На пример, Маша од “Три сестри” неодоливо потсетува на актерката Олга Книпер, која станува животна сопатничка на Антон Павлович. Својата љубов кон Лидија Мизимцева тој ја вплетува во “Галеб” и се така во животот, Чехов “не сакајќи” пишува трагедии на кои луѓето плачат, а ги замислил како комедии…

ЖИВОТОПИС…
Антон Павлович Чехов (17 јануари 1860, Тангарог, Русија), е роден во семејство на ситен бакалин, чудак, не многу желен за работа, заљубен во црквеното пеење; мајка Евгенија, кротка жена со добро срце. За нив синот Антон ќе рече: “Талентот го наследивме од татко ни, а добротата од мајка ни”… “Во детството немав детство”, ќе се пожали творецот. Тој бил и ученик и чирак, со гадење ја прифаќал “вештината” на ситно поткраднување на вагата. Во 1869 се запишува во тангарошката гимназија. Кога во 1875 година татковата бакалница пропаѓа, семејството Чехов се сели во Москва, куќата е продадена, а Антон со својот помал брат останува во родното гратче да заврши гимназија. Тој како дете од пропадната куќа ќе се наслуша муабети кои го исмејуваат неговиот татко, а морал да се грижи за себе и за помалиот брат. Давал часови на децата од богатите семејства и секојдневно ја чувствувал навредата во погледите на неговиот износен костум…Често добивал писма од мајка му: “Добивме од тебе две писма полни со шеги, а имавме само четири копејки за леб; чекавме случајно да се сетиш да ни пратиш пари. Маша нема бунда, а јас чевли, па седиме дома… И така А.П.Чехов, од својата мала заработувачка одвојува и праќа пари на семејството. Со стипендија од 25 рубли месечно во 1879 година се запишува на Медицинскиот факултет во Москва. Ги избира најтешките студии, но токму тоа го сака: професија која ќе му гарантира материјална независност. Неговите хонорари се главниот извор на средства за живот на семејството. Учел и пишувал во тесниот стан, со постојана бучава и кавги. Токму во тие години (’80-тите од 19 век), првпат проплукува крв… За седум години објавува пет збирки со преку 170 раскази. Критиката воопшто не му помага да ја сфати вредноста на својот талент. Напротив, Михајловски го напаѓа за безидејност, а Скабичевски мисли дека “ќе умре пијан…” Но неговата петта збирка (1888) ја добива Пушкиновата награда…

6e797aa8a10fd06e02caa23a16e34cad

За својата политичка определба во писмото упатено на Плешчејев тој вели: “Јас не сум ниту либерал, конзервативец, реформист, ниту индиферентист… Но тоа не говори за неговата безидејност, ами за стадиум на надминување на дневната идејно-политичка актуелност…
Чехов е осаменик секаде, дури и во семејството. Колку што повеќе неговата слава расте, неговите браќа, обајцата уметници: Александар – раскажувач и Николај – сликар, се повеќе се отуѓуваат. Со него останува неговата сестра Марија, која не се мажи само за да се грижи за својот брат, паметејќи дека токму тој ја школувал од неговите училишни хонорари. Чехов таа жртва не ја барал од неа, а на сестрата пак и се чинело дека нејзината жртва е недоволно ценета… Чеховата судбина личела на гравираниот натпис на прстен: “За самотникот секаде е пустина.”

СМРТТА…
Чехов не умеел да се штеди. Дури ни кога го изгубил здравјето, не се жалел. Како лекар знаел дека е неизлечиво болен и храбро ја поднесувал помислата на смртта. Со блиските не разговарал за опасната болка, која му ги кинела градите. Но, пишувал: “Во млазот на крв кој потекува од грлото има нешто злокобно, како во сјајот на пожарот”. На почетокот на тогаш новиот 20 век, во 1904 година, патува за Германија во потрага по лек. Но, на својот пријател Телешов ќе му рече: “Одам да умрам”… Смртта доаѓа по него една јулска вечер. Лекарот Германец со цел да му ги олесни маките го моли да испие чаша јако вино. Чехов тогаш констатира: “Значи умирам”…

Погребан е на гробиштата кај Новодевичанскиот манастир во Москва. Конечно се остварува претскажувањето на Горки: “Кога ќе умре Чехов, ќе умре еден од најдобрите синови на Русија, паметен, праведен, кој ја сака и се соживува со својата земја. Русија ќе се затресе од тага и долго нема да го заборави и долго ќе се учи да го разбере животот токму од неговите книги осветлени со тажната насмевка на срцето полно со љубов”.

Борче ГРОЗДАНОВ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *