Помислувам дека може да ми недостасува време

– За се она што го поседувам во уметничка смисла морам да му заблагодарам на Божјиот дар. Се што постигнав, започна спонтано. Мојот прв роман во две школски тетратки го напишав уште на 16 години. Но, тогашниот издавач од Суботица, рече дека тоа писмо “не е зрело за објавување”. Пред него напросто го искинав на делчиња моето прво дело. Потоа дојде желбата за сликање, па откако не го положив приемниот испит, се обидов на Академијата за театар и филм. Таму успеав и сега сум, пред се, актерка, бидејќи професија писател на постои. Што се однесува конкретно до прашањето – да, токму така, тоа е мојот начин на спротивставување, но и живеење со реалноста…

Вашето писмо е само автобиографија или…
– Секој писател кој се занимава со светот околу него неминовно е да ја пишува својата автобиографија. Бидејќи секој роман, без разлика дали претендира да раскажува директно за животот, неминовно е поврзан и со многу други личности, на пример Шербеџија има напишано две автобиографски книги, но јас имам во сеќавањата некои настани кои ги нема во ниту една од нив. Ќе се обидам да бидат запишани и објавени…
Во моите литерарни навраќања се занимавам со Првата и Втора светска војна, со трагедијата на мојот татко кој поминал пеколни години во Дахау…, но и со денешнината.
Дали литерарните слики ги заменувате со оние на платно, односно колку има дистанца меѓу платното и зборот во Вашето творештво?
– Со зборот се занимавам пореалистички, додека со сликањето е малку поинаку – бидејќи во нашето време на модерна техника и дигитализација, имате се како на дланка. За да се слика на платно, потребна е голема имагинација како контрапункт на реализмот во кој живееме. Интересно е што сликам со многу тенки четки составени од влакна од опашка на верверица. Можете да замислите колку време ми треба за еден потег, а се она што се гледа на моите слики, секој сегмент од моите платна, е составен од 11 потези. Додека работам една слика, можат да поминат и ефективни 15-тина дена. Во тој период, секако, имам простор за размислување и дообмислување на нештата и сликите…
Се борите со тешка болест. Дали уметничкиот ангажман е тој што Ве тера да “подзаборавите” на неа?
– Отпрвин не му давав значење на она што ми се случува. Дури му бев благодарна на тој малигнен тумор, бидејќи во тие моменти посакував да умрам. Се што ми беше најмило од семејството, закопав. Но, кога по три години видов дека не се умира така лесно, решив да се лечам. Што се однесува до творештвото, болеста дури ми помага се она што ги имам замислено да го ставам на хартија, бидејќи помислувам и на тоа дека може да ми недостасува време. Кога е некој болен, најдобро е тоа да го прифати како природен тек на работите. Јас научив да се носам со тоа. Ова чувство, како и последните 15 години од распадот на Југославија, се пренесени како настани во мојот роман “Со Ева во Рајот”. Повторно се навраќам на тоа дека литературата и уметноста се всушност живот.

Современик на настаните
Ева Рас има објавено 13 книжевни дела, меѓу кои и романите “Куќа на продажба”, “Петел на труп”, “Со Ева во Рајот”; збирката раскази “Од врвот на Месечевата планина…”; книгите “Родени мртви”, “Сива жена”, “Сребрена постела” и други. Зад себе има и 38 филмови, 18 ТВ серии и многу театарски ролји и насликани платна.
Таа е современик на настаните, а нејзините романи се дела со високи вредности. Нејзините јунаци најчесто се конкретни личности, а дејствието е на границата на фиктивното и реалното.
За своето мошне успешно книжевно творештво добитник е на наградите: “Женско перо”, “Кочиќево перо”, “Златни хит либер”, но и на “Букеровата награда”. Најновата награда поради која Рас е и во Скопје е “Златен прстен”, од Фондацијата “Македонија презент” и издавачката куќа “Феникс”.
Борче ГРОЗДАНОВ