Водата е најслатка од театарската чешма!
Обично, луѓето кои се зад микс пултот и “диригираат” со претставата и звукот знаат да бидат невидлива, но и тоа како голема потпора и десна рака на актерите и режисер. Еден од нив е тон мајсторот во Драмскиот театар од Скопје, Димитар Илиоски или попознат како Диме Тонецот. Тој го претпочита театарот како колективен чин, во кој секоја единка иако индивидуално, работи за целата екипа. Тој и по повеќе од две децении и стотина примери, небројни репризи, на секоја нова претстава и приоѓа со нов жар и гледа на неа како на нов предизвик. “Ако човек успее емотивно да се врзе со театарот или како што вели една стара поговорка “да се напие вода од театарската чешма, никогаш нема да се одвои од неа” го започнува неврзаниот разговор за себе и својата професија, Диме.
ЗА “ПОКРИВАЊЕТО”
Дека нема човек кој работи, а не греши се потврдува и со неговото искуство: “Кога се случуваат грешки кои се неизоставен дел до работата и кога мора тие да се покриваат, обично во временски цајтнот се реагира инстинктивно. Секоја прескокната реплика, кикс, згрешен мизансцен може да се покрие со звук кој дефектот го претвора во ефект, вели за ефективната работа Илиоски.
ЗА ТЕКСТОТ
Текстот мора да се знае, особено шлагвортите меѓу актерите и премините кои врзуваат една сцена во друга. Затоа Диме се подготвува и речиси редовно го знае сиот текст напамет.

– Секој режисер различна приказна. Секој од нив си има свои барања, различен пристап кон работата, а со тоа и различен приод кон музиката… Има “упорни режисери” кои во текот на подготовките за сето време”играат” со музиката, но има и такви кај кои речиси до последната проба не се знае конкретно што и како ќе се чуе на сцената, што, пак, не значи дека како краен производ таа не е ефективна.
ЗА ДРАМСКИ
Имам среќа да работам во еден до најдобрите театри во Македонија на сите времиња. Сум работел со сите наши ѕвезди и бардови, како и со најголемите режисерски имиња. Не е мала работа да си сведок на едно време, во кое се чекаше во огромни редици за билет, исто како што пред продавниците се чекаше во ред за леб и млеко… Но, имаше и такви времиња во кои публиката не “подзаборави”, односно помалку ја имаше во театарот. Можам да кажам дека во моментов креативниот тим (директорот Бранко Ѓорчев и уметничкиот директор Дејан Лилиќ) кој управува со театарот работи на случајот “враќање на публиката” и тоа доста успешно.
ЗА ИСПОЛНЕТОСТА
Работата може да те исполни само доколку ја сакаш. Од неа не смее да се има страв. Колку повеќе работа, толку повеќе успех, толку поголем предизвик. Само работата исполнува до крај, завршува тон мајсторот Димитар Илиоски Диме.
Тревога – паника!
Во екот на НАТО бомбардирањето на Белград седевме во бифето во Драмски и некои од актерите на лаф-муабет ја покажуваа својата храброст, нормално, за сметка на “агресорите”. Во еден момент ми светнаа една идеја – отидов во кабината и на сет глас ги пуштив снимените сирени за тревога. Настана општа паника. Оние “храбрите”, бргу-бргу гледаа да се фатат за кваката од излезната врата, жените врискаа, а некои од нив и плачеа. По едно време сфатив дека шегата е по малку несолена и ја прекинав “тревогата”. Резултатот беше познат: идниот ден никој не ми правеше муабет, а некои од нив лутината ја држеа и повеќе од еден месец.
Борче ГРОЗДАНОВ