Личните приказни ме погодуваат
Софија Ристевска на македонската театарска јавност веќе неколку години и е позната по својот алтернативен режисерски ракопис, во кој нема многу простор за “влакна на јазикот”, по својата жестокост во одредени претстави – проекти, кој без разлика по својот квантитет и квалитет секогаш оставаат впечаток кај гледачот. Таа е потписник на 23 режии, повеќето вонинституционални, но работи и во нашите театри, а има и две претстави во Бугарија, каде што и завршува на Академијата НАТФИЗ во Софија. Таа по свој избор ги издвојува претставите “Состојба на свеста” во Битолскиот театар, “Жени” што ја работеше во Велешкиот театар, “Покана за Роланд”, во Кумановскиот театар, “Љубовницата” на нејзиниот Интимен Театар, “Жени без мажи”, во Мал драмски театар, со која минатата година победи на фестивалот “Ех Понто” во Љубљана, Словенија… Неодамна излезе премиерата на монодрамата “Лола” со актерката Македонка Илиевска, која, интересно пред да стапне на наше тло, својата првична изведба ја имаше во Аргентина. Затоа, покрај нејзиниот светоглед и оваа монодрама е директен повод за разговор со Софија.
Премиерата на монодрамата “Лола”, ја имавте во Аргентина, каде останавте два месеци. Кажете ни нешто повеќе за реакцијата на публиката таму и ако можете да направите една мала споредба во пристапот на театарот во оваа јужноамериканска земја и во Македонија?
– Пред се да кажам дека аргентинската публика одлично ја прими нашата претстава, поради блиските социјални и општествени аспекти со нас што се разгледуваат во монодрамата, а тоа се преживувањето на индивидуата во систем на либерален капитализам. Аргентинското општество е радикално поделено на многу богата и многу бедна популација и токму таа беда и глад многу често се среќаваат насекаде. Бездомните луѓе се редовна и болна глетка по улиците на градовите во Аргентина, така што темата на “Лола” беше многу точно разбрана од публиката во Сан Педро, каде што игравме на фестивалот “Јазли” или “Кнотс”. Инаку, пристапот кон театарот таму е многу поискрен и поспонтан, со многу поголема верба тие се впуштаат во авантурата на правење независни проекти. Понекогаш имаат финансиска поткрепа, понекогаш не, но мојот впечаток е дека многу повеќе веруваат во силата и моќта на театарот, да ги промени нештата во естетски и духовен поглед, но и во поглед на социјалата и општеството.
Често во вашиот режисерски ракопис се занимавате со маргиналците. Зошто е тоа така, дали можеби поради тоа што сметате дека театарската слика овде кај нас често не кореспондира со реалноста?
-Личните приказни и стории на поединецот ме допираат длабоко, затоа што театарот на 21 век според мене е театар на лични истории и на документарни, автентични преживувања, борби и стремежи. Сите ние понекогаш сме луѓе од маргините и сите ние ги имаме своите падови и врвови и за тоа треба да се има храброст да се проговори. Само преку разгледување на овие проблеми можеме да придонесеме овој свет да биде подобро место за живот, а театарот е силен медиум што ни дава огромна можност преку него да водиме интересни и важни дебати.
Зачуденоста и ефектот на стрес се честа појава во вашите претстави. Успевате ли со тоа директно да го инволвирате гледачот на сцената?
– Мојата основна цел е да раскажам силни, интересни и естетични стории. Многу често тие се директно поврзани со поединецот. Раскажувањето на ваквиот тип стории бара и посебна актерска инволвираност на сцена, посебна концентрација, емоционален тренинг, способност за раскажување и тоа во прво лице еднина. Сево ова придонесува гледачот да се инволвира целосно и да го активира својот критички поглед врз работите. Да размислува и да има став за прашањето што се дискутира. Моја цел е публиката да го изнесе своето мислење по секоја моја претстава. Да се идентификува со историјата на претставата. Вклучително и да открие и нови аспекти кон конкретниот проблем што претходно не и биле познати.
Прибегнувате кон алтернативни проекти и простори, со приватен предзнак. Дали тоа значи дека ви пречи институционализацијата на нашиот театар?
– Многу долго работам во алтернативни простори, поради тоа што верувам дека социјалната обоеност на самиот простор, неговата основна намена може многу директно да влијае врз самата претстава. Впрочем, развојот на една претстава, секогаш е многу поинтересен кога се случува во кафе-бар, ноќен клуб, хотелска соба, визба, таму каде што просторот е интимен и многу специфичен. Втората причина за мојата љубов кон нетеатарските простори е и тоа што секогаш со сопствениците на тие места многу лесно наоѓаме заеднички јазик и убаво соработуваме. А институционализацијата на нашиот театар ми пречи само поради тоа што се уште институциите го имаат главниот збор во него и не се обрнува доволно внимание на независната сцена, која се развива во една нагорна линија и максимално се труди творечки и финансиски да опстане.
Што е следно од режисерскиот репертоар на Софија Ристевска?
– Во моментов ја работам “Дива” од Маријана Нола, во продукција на Битолскиот театар. Во јули ќе го работам независниот проект “Трансферату” од Младен Алексиев, со мојот “Интимен театар” од Битола. Во септември ја почнувам “Буре барут” од Дејан Дуковски, во Драмскиот театар во Благоевград, Бугарија. Најзначајно за мене е што овој септември треба да ја отворам зградата на Интимен театар во Битола, во која ќе има гледалиште за 70 луѓе, а се надевам и дека во ноември со “Лола” ќе заминеме на турнеја низ Латинска Америка.
Борче ГРОЗДАНОВ