Никогаш не сум чекорела по македонска писта
Има ли простор, макар и алтернативен, за Јана Стојановска да покаже што знае?
Јана: Има ако си го најдеш, ако се избориш за него, ако веруваш во себе и упорно се трудиш да работиш на тоа да си подобар и подобар. Таа како сцена си постои, но мора да докажеш дека си достоен за да стоиш таму. За себе можам да кажам дека во моментов сум задоволна од своите ангажмани. Неодамна ја имав својата прва професионална претстава после факултет, “Баал” во Драмски театар, во режија на Мартин Кочовски. Многу ми е драго дека имав прилика да работам со таков режисер. Во моментов ја подготвуваме “Грев или Шприцер”, исто така, во Драмски. Ја доживеав и мојата прва филмска премиера во краткиот филм “Епизодист”, во режија на Игор Алексов, во продукција на “Квазар филм”. Тоа е прекрасно искуство уште повеќе што за првпат имав прилика да играм со мајка ми. Паралелно работам на еден прекрасен музички проект со Горан Таневски, од кој сум многу задоволна, сепак музиката ми е ново поле за истражување. Засега не можам да се пожалам.
Неодамна дебитираше на театарската сцена, имаше и главна улога во еден краткометражен филм, па можеш ли да ни кажеш каде повеќе и поубаво се снаоѓаш?
Јана: Филмот и театарот ги доживувам како сосема различни димензии. А сепак, умешноста што треба да се има е горе-долу иста. Театарот е менлива категорија. Преку целиот процес на подготовка и создавање на претставата, па до нејзината последна изведба, се случуваат низа промени. И временски, и енергетски, и идејни. Не за џабе се вели дека секоја претстава е различна, а станува збор за истата претстава, ха, ха, ха… На сцената имаш простор да менуваш ситници, и од почеток секој пат да ја преживееш истата драма иако веќе и го знаеш крајот. Тоа е бескрајно забавно. А филмот е момент заробен во кадар. Мораш да дадеш се од себе! Мораш објективот да го гледаш како партнер, како публика, да живееш со и во него. Тука се тие 5 минути кои работат за тебе, кои не смееш да ги изневериш, кои те бодрат да бидеш подобар отколку што можеш да замислиш дека си, и кои на крајот ќе остават печат за твојот квалитет, напор и добро завршена работа. Во двата случаја, многу е важно да ти се случи да работиш со добра екипа. Со тие луѓе со кои си по 24 часа заедно, станувате семејство, се познавате поинаку.
Сметаш ли дека нема многу атернативни простори каде што би можеле да го покажуваат и надградуваат својот талент?
Јана: Во ова време и услови навистина треба човек да има среќа за да го добие својот простор, па макар и на алтернативната сцена. Секоја година и од Факултетот за драмски уметности и од приватната академија Есра излегуваат околу дваесетина дипломирани актери. Некој ги добива своите 5 минути, а некој никогаш… Сцена има, да, но треба да се има среќа пред се, и мноооогу самодоверба за кога конечно ќе се качиш на таа сцена да успееш да го задржиш вниманието. Од една страна, да бидеш глумец, да се бавиш со своето тело како инструмент кој треба да научиш совршено да го ракуваш, е одлично. Но од друга страна, секогаш има некој кој треба да те повика, да те земе. И бидејќи станува збор за уметност, не постојат репери кои ти гарантираат дека си доволно добар за да останеш на сцената. Услови за егзистенција баш и нема, мене ми е жал, но тоа е реалната ситуација. Тие вработувања во театрите се единствена гаранција за некоја финансиска стабилност, и некаква надеж дека ќе имаш шанси да играш бидејќи си дел од таа институција. Алтернативни сцени постојат, но тие обично функционираат благодарение на страста и жедта на младите уметници. Да сумирам, сцена како сцена постои, и алтернативна и државна, но од аспект на опстанок не е лесно. Сепак сме околу 2 милиони во целата држава, и не сите луѓе ги интересира театар. И сега се поставува прашањето, дали би се премислила, кога би можела да го вратам времето, а одговорот е, Не! Никогаш!
Во која насока Јана го оди својот пат?
Јана: Па, веројатно, се обидувам да останам добар човек. Се обидувам да се задржам на приоритетите, и да работам на себе, како приватно така и професионално. Си ги сакам пријателите кои ми се многу важни. Верувам во тоа дека животот ти дава да бираш помеѓу полесен и потежок пат. Бенефициите од потешкиот, веројатно, доаѓаат подоцна во животот, но на крајот зарем не е најважно да се задржи чистата душа? И најромантично верувам дека сите грешки и препреки кои ни се случуваат се тука за да научиме нешто од нив. Совест и искуство не можеш да си купиш со пари.
Присутна и верифицирана беше и во светот на манекенството, ти недостига таа писта или уште одиш по неа?
Јана: Никогаш не сум чекорела на манекенска писта, ха, ха, ха,… Навистина! Бев на два избора за убавина, и тоа е едно прекрасно искуство. Модата како мода, како писта, никогаш не ме привлекувала доволно. Тие две работи имаат многу малку заедничко. Единствено што ме привлекува во целата таа работа е фотографијата. Објективот на фотоапаратот. Сакам да се фотографирам и го правам тоа одвреме-навреме. Има многу забавна сличност во објективот на камерата и објективот на фотоапаратот.
На стартот од кариерата, има ли Јана своја уметничка девиза?
Јана: Сакала или не сепак носам товар со кој многу се гордеам, но и кој не можам да го избегнам. Потекнувам од актерско семејство и многу луѓе ме доживуваат како привилегирана. Морам многу повеќе да се докажувам за да докажам дека не сум актерка само заради мама и тато (Силвија и Ненад Стојановски, н.з.). Веројатно, ми е најважно да оставам некаков печат. Нешто што ќе сведочи за моето постоење на планетава. Нешто што и мене ќе ми докаже дека не постојам за џабе.