РАЗГОВОР СО РИСТО АЛЕКСОВСКИ, РЕЖИСЕР

Никој не е толку богат да располага со времето на другите

Ристо Алексовски е режисер од оние кои доаѓаат и допрва имаат што да кажат во Македонскиот театар. Досега на нашите сцени тој е присутен со пет проекти, меѓу кои забележителен успех имаше со монодрамата “Последната лента на Крап”, реализирана со актерот Златко Митревски, а позитивни беа и реакциите за неговата најнова режија на монодрамата “Човекот од собата седум” со актерот Сашо Тасевски. Обата проекти беа реализирани во рамките на Градски театар Скопје

 

 

 

 

 

 

Каква е приказната на Ристо Алексовски режисерот?
Ристо: Приказна… (ха, ха, ха). Гевгелиски сокаци, софиски џез клубови, алтернативни и не толку алтернативни театарски простори, луѓе, места, ликови, автори, страв, параноја, среќа… Како во приказна на Хармс, кој еден ден излегол од дома… Со таа разлика што после неколку години по студиите на НАТФИЗ се вратив дома во Македонија и од тогаш до денес се трудам да се задржам себеси, меѓу сивилата и апатијата… Тоа, за жал, е најстрашната битка во 21 век, не само во Македонија, туку и пошироко. Да си ја задржиш сопствената душа, да издржиш на сопствениот пат… Но, лека-полека, за среќа, нештата почнуваат сериозно да се менуваат кон подобро. Со други зборови, повеќе луѓе почнаа да чекорат, осознавајќи дека така е позабавно (ха, ха,. ха).

Колку таа приказна зависи од другиот?
Ристо: Ниту една приказна не зависи од некого и сите што ја застапуваат таа теорија сериозно ја прикриваат својата неспособност да се справат со себеси. Една од моите максими е дека се што сум јас, всушност е дериват на моите сопствени убедувања и принципи. Од тој аспект не гледам како некој би имал некаков фатален удел во мојата приказна. Да работиш Театар значи континуирано да си во потрага по нова битка, но таа битка не е со никого друг, бидејќи единствениот непријател во неа си самиот ти, единствениот пред кој не можеш да се сокриеш, да лажеш, да извртуваш или ублажуваш. Глупост е да дозволиш некој да се меша во нешто толку забавно.

Колку се подотворени твоите порти за овој сив светоглед?
Ристо: Светогледот не е сив, но многу луѓе заборавија да гледаат… Премногу време трошат на чекање на туѓ благослов. Полека, но сигурно се повеќе луѓе разбираат дека за да правиш театар не ти треба благослов од министерства, општини, директори, а шепата истомисленици со истата или слична тема за раскажување како твојата, всушност има потреба до болка од театарската игра во (не)просторот…. Големиот Меерхолд ќе рече: “Што му треба на еден млад творец? Талент, визија, и нешто што му пречи, за да може на нешто да се потпре”. Да се навратиме на основното – не мислам дека во целината има сиво, туку напротив мислам дека Целото е виножито (ха, ха, ха).

Има ли волја и идеја за промена на естетскиот свет во очите и чувствата на Ристо?
Ристо: Се разбира има. Што се однесува до идеите, во крајна линија јас сум живо суштество, што постои во нешто поголемо од мене и нормално е целиот творечки пат да ми биде исцртан со еден доста немирен есцелограф… Секогаш се трудам да ги задоволам сопствените стравови, можеби и затоа одбрав мојот пат да биде режијата. Таа единствено дозволува да споделиш и на тој начин да се самолекуваш, а лечејќи се себеси да ги лечиш и другите.

Досега нивото на перцепција е лудилото… Што мислиш ќе му се дојде ли до ак?
Ристо: Не станува збор за лудост. Во крајна линија таа понекогаш е и потребна. Но станува збор за еден пострашен феномен – Глупоста. Ако ја толерираш премногу станува фатална. Но, и без подлабока анализа на овој феномен едно е сигурно, треба да се пристапи кон конкретни чекори, да се оттргнеме од стереотипите и посмело да се занимаваме со најважното – театарот. Како што кажав погоре, да престанеме да пронаоѓаме оправдувања.

 

 

 

 

 

 

 

Од досегашното твое искуство, што мислиш, кому повеќе му припаѓа театарот на режисерот или на актерот? Се создава впечаток дека помеѓу овие два светогледа има непремостливи разлики. Дали го делиш ова мислење?
Ристо: Ако е тоа така тогаш не можеме да говориме за постоење на Театарот. Не постои центар и не-центар. Постои само идеја и тоа идеја врз која се гради и надоградува. Кога би се запрашале самите себеси за функцијата на вашите прсти на раката, тогаш би стигнале до истиот заклучок. Театарот им припаѓа единствено на оние кои имаат што да кажат. Би сакал да паднам во летаргија од суперлативи за едните и другите, бранејќи ги, но… Никој нема потреба ниту од едните, ниту од другите, за жал театарот е скромен во своите желби, не се занимава со егата и предиспозициите и никој не е толку богат да располага со времето на другите.

Борче ГРОЗДАНОВ